Секој четврти средношколец од Македонија редовно посетува обложувалница или казино. Дел од нив влегуваат во овој круг привлечени од навидум лесната заработка, други, пак, од љубопитност или затоа што немаат друг начин како да го пополнат слободното време. Родителите апелираат за некаква реакција на властите, додека експертите алармираат дека коцкањето има тешки последици, кои освен семејството, го разјадуваат целото општество
Автори: Љубица Стојановска* и Ване Трајков**
Како и во многу други градови низ Македонија, во Валандово често може да се видат средношколци како влегуваат во обложувалница. Општина со 10.500 жители, едно основно и едно средно училиште и девет објекти за игри на среќа. Младите отворено признаваат дека одат во „кладилници“. Такви објекти нема веднаш до Средното училиште „Гоце Делчев“, ама ги има на неполн километар од местото каде што учат. Слични објекти функционираат и во населените места Пирава и Јосифово, а се планира отворање на уште два нови.
„Често ги посетувам обложувалниците, секој ден, еднаш до двапати“, вели еден од средношколците со кои разговараше „Локал Актив“. „Претежно сме момчиња. Тоа го правиме кога ни е досадно или од задоволство, кога седиме во кафулиња и гледаме натпревари. Трошиме кој колку има. Почесто губиме отколку што добиваме“, рече ова момче.
Девет од десет интервјуирани средношколци потврдија дека биле во обложувалници, најчесто по училишните часови и во слободното време, сами или во група, а еден од нив потврди дека бил и во казино.
„Има наши врсници во кладилници. Таму може да се видат и основци што уплаќаат“, велат средношколци на 18 години од СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово со кои разговараше „Локал Актив“. Според нив, младите најчесто се обложуваат на спортски натпревари или на апарати (ВЛТ), со вложување мали суми.

Средношколците истакнуваат дека вложените пари најчесто се губат – околу 80 % од вложеното. Некои трошат од 50 до 4.000 денари во еден влог, а најголемата заработка при обложување била околу 8.000 денари.
„Тоа се лоши пари, но се заразуваме. Колку повеќе ќе добиеш, повеќе ќе дадеш. Знаеме дека тие пари не се од труд и не се чесно заработени. Ќе ‘фатиш’ две или три илјади денари и тоа те влече, демек можеш и повеќе да заработиш и потоа фрлаш повеќе пари. Но, тоа е индивидуално“, додава еден од нив.
Во Македонија секој четврти ученик се коцка
Во Македонија минатата година се потрошени неверојатни 2,83 милијарди евра во обложувалници, казина и автомат-клубови, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи. Оваа сума ја истакнува големината на индустријата за игри на среќа во земјата и отвора сериозни прашања за нејзиното влијание врз економијата и општеството.
Дополнително, истражување на Институтот за јавно здравје покажува дека 25 % од учениците, или секој четврти средношколец, во последната година редовно посетува обложувалници или казина. Од нив, 21 % се коцкаат во живо, а 15 % онлајн, при што доминираат момчињата наспроти девојчињата.
Заклучоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека проблематичното коцкање се зголемило од 4,5 % во 2019 година на 7,6 % во 2024 година кај оние што се обложуваат, при што во 2024 година тоа изнесува 9,3 % кај момчињата и 4,1 % кај девојчињата.
Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД) беше објавен на 22 декември 2024 година. Во него учествуваа 96 училишта, 182 паралелки и 2 865 ученици, кои го пополнија прашалникот.
Оваа статистика е загрижувачка и ја нагласува потребата од системски пристап во справувањето со однесувањето кај младите. Социолошките и психолошките согледувања укажуваат дека честата изложеност на обложување може да доведе до развој на зависност, финансиски проблеми, семејни конфликти и намалена образовна мотивација, како и до емоционални потешкотии, зголемен стрес и ризично однесување.“
Младите го доживуваат обложувањето како забава или начин за мала заработка, но признаваат дека може да предизвика финансиски загуби и зависност.
„Треба да има дополнителна едукација за запознавање на младите со причините и влијанието од игрите на среќа“, заклучува еден средношколец.
Несвесно почнуваат, а потоа заглавуваат
Дека младите се редовни гости по „кладилниците“, признаваат и повозрасни жители на Валандово со кои разговаравме. Тие посочуваат дека, иако во дел од обложувалниците не е дозволено малолетниците да влезат, некои ангажираат други лица што во нивно име вршат уплати на спортски натпревари. Според оние со кои поразговаравме, појавата на младите што се обложуваат е широко распространета и потребно е да се реагира.
„Не мислам, туку тврдам дека институциите треба да обрнат повеќе внимание, затоа што коцката е најопасната работа за еден млад човек“, вели 64-годишен валандовчанец, кој секојдневно поминува покрај обложувалниците и казината во центарот на градот.
Малку помлад родител, чиј 20-годишен син има проблем со игрите на среќа, вели дека за оваа тема треба отворено да се зборува во семејството уште кога децата се мали. Вели дека потребно е да се укаже на свесноста дека коцкањето е штетно и опасно и дека од таа појава може да се заглави до крајот на животот. Сега, со синот, нивните разговори на оваа тема секогаш завршуваат со кавги.

„Го имам дома син ми. Кога беше малолетен, имав колку-толку влијание, но сега не. Ми вели – јас сум полнолетен и сум самостоен и тоа е мој живот. Децата мислат дека преку коцката и обложувањето ќе заработат набрзина. Несвесно почнуваат, а потоа заглавуваат. Но, за овој проблем треба отворено да се зборува, оти тие сметаат дека е престиж да се биде во кладилница“, смета родителот што сакаше да остане анонимен.
Според него, државата треба да ги затвори сите обложувалници и коцкарници или да бидат надвор од урбани места, затоа што обложувањето кај младите излегувало од контрола.
„Младите гледаат од постарите“, дециден е Миле, 75-годишен валандовчанец.
Тој тврди дека никогаш не бил во обложувалница или во казино. Играл само лото. Познава брачни двојки што се развеле токму поради коцкањето.
„Последиците се огромни, бидејќи со губењето пари на коцка младите се задолжуваат или стануваат агресивни, крадат или се впуштаат во криминал. Затоа, освен родителите што се презафатени во оваа дигитално време, потребни се едукативни програми за превенција“, смета тој.
„Покрај семејството, клучна улога имаат и школите. Во мое време образованието имаше воспитувачка компонента, но сега не е така. Сега нема ниту образование ниту воспитание. Тоа може да се види од односот на младите кон повозрасните, кон животната средина, кон заедницата. Просветните работници имаат должност да работат со децата што имаат девијантни однесувања. На класните часови треба да се разговара како да се однесуваат младите надвор од училиштето“, додава овој валандовчанец.
Брзата заработка станува социјален ритуал
Според Љубица Невеселова, социолог во СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово, економските услови, социјалните норми, семејните влијанија, дигиталните и медиумските пораки, како и желбата за забава и припадност се меѓусебно поврзани и претставуваат клучни фактори поради кои голем број млади се впуштаат во игрите на среќа. Според неа, обложувањето на спортски натпревари сè повеќе станува социјален „ритуал“, бидејќи младите се постојано изложени на реклами за онлајн спортско обложување, казино-игри или апликации на социјалните мрежи. Ова создава впечаток дека игрите на среќа се модерни, лесни и достапни.


„Игрите на среќа имаат значајно влијание врз економскиот, семејниот и социјалниот живот на поединците и на заедницата. Краткорочно можат да создадат чувство на забава и привремена финансиска добивка, но долгорочно често водат кон финансиски проблеми, семејни конфликти и намалена образовна мотивација кај младите. Социјалната интеграција се нарушува поради изолацијата на лицата што развиваат зависност. Истовремено, се менуваат вредносните ориентации – од труд и образование кон ‘брза заработка’. Овие процеси придонесуваат за слабеење на општествената одговорност и солидарност во заедницата“, смета социологот Невеселова.
Според неа, потребни се образовни содржини што го поттикнуваат развојот на вредности и придонесуваат за целосен развој на личноста, а не само за стекнување академско знаење.
„Комбинацијата од лични вештини, семејна едукација, граѓанска одговорност, еколошка свест и културно-духовна едукација создава млади луѓе што се одговорни, свесни и активни членови на општеството“, вели Невеселова. „Најголем ефект има кога училиштето, семејството и заедницата дејствуваат заедно по ова прашање“, истакнува таа.
„Потребата од теоретско информирање и од интерактивна соработка преку работилници е клучна за освестување на младите. Комбинацијата од теорија и практика им помага на младите, не само да знаат што е конструктивно или деструктивно однесување, туку и да научат како да изберат конструктивни решенија во секојдневните ситуации. На тој начин се зајакнува нивната лична одговорност и способност за саморегулација. Затоа, ваквите програми се неопходни за создавање свесни, одговорни и социјално вклучени млади луѓе“, вели Невеселова.
Обложувањето е тренд и меѓу девојките во Валандово
Дека обложувањето е тренд меѓу младите, ни кажаа и 18-годишни средношколки од СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово. Мислат дека е многу помал бројот во однос на машките што одат во обложувалници, но дека сепак има и девојчиња.
Причините за обложување, според нив, се најчесто љубопитност и желба за брза заработка, но свесни се дека тоа може да доведе до зависност.
„Сите мислат дека ќе добијат повеќе пари и ќе ги искористат на некој начин, но всушност тоа ги тера само на повеќе“, објаснува една од средношколките.
Тие исто така нагласуваат дека обложувањето може да предизвика незаинтересираност за работа и за други обврски, како и создавање зависност.
„Да, дефинитивно може да се создаде зависност. На почетокот им е љубопитност, но со текот на времето им станува зависност“, додаваат тие.
Средношколките сметаат дека е важна едукацијата за превенција и поддршка при откажување од обложување кај младите, која треба да се реализира во училиштата.
Обложувалниците како бегство од реалноста
Слично мислење има и психологот во основното училиште „Јосип Броз Тито“ од Валандово, Анита Китановиќ. Таа посочува дека адолесценцијата е период кога младите го градат својот идентитет, а притоа постои притисок од околината, семејството и статусот меѓу врсниците. Тоа може да доведе до недоволно препознавање, разбирање и регулирање на сопствените емоции, па младите понекогаш се впуштаат во одредени форми на однесување како експеримент или начин за справување со сопствените емоции, внатрешните конфликти и стресот.
„Во оваа насока, кај дел од младите посетата на обложувалници, казина и онлајн платформи за обложување може да претставува механизам за бегство од непријатни чувства, фрустрација, анксиозност, неуспех или досада. Од друга страна, обложувањето делува преку механизмот на награда и го зголемува нивото на возбуда и очекување, давајќи краткотрајно чувство на задоволство, со што привремено се намалува внатрешната тензија или празнина. На тој начин се зголемува веројатноста ваквото ризично однесување да се повтори, а во одредени околности може да се развие и зависност“, вели Анита Китановиќ, психолог.


Таа смета дека семејството претставува примарен контекст што влијае врз формирањето на ставовите кај младиот човек. Освен семејството, значаен фактор е и општествениот контекст. Во средина каде што се валоризира брзата заработувачка, а успехот се поврзува со материјалното, се создава перцепција кај младиот човек дека хазардерскиот ризик е оправдан.
„Современиот образовен пристап ја нагласува потребата за интегрирање социо-емоционални содржини во наставната програма. Преку нив се развиваат вештини како саморегулација, толеранција на фрустрација, критичко донесување одлуки, градење самодоверба, отпорност на социјален притисок и справување со стрес. Овие вештини директно придонесуваат за психолошка стабилност и унапредување на менталното здравје кај младите. Покрај академскиот успех, инвестирањето во социо-емоционалниот развој и промоцијата на психолошката благосостојба треба да биде значаен дел од образовниот процес. Ефективните превентивни програми и отворените разговори со младите за ризични однесувања, вклучително обложувањето, им помагаат на младите да развијат поголема свесност и одговорност за сопствените избори“, вели Китановиќ.
Со години се чекаат законските измени
Игрите на среќа во Македонија се регулирани со Законот за игри на среќа и забавни игри. Во изминативе години овој закон беше предмет на повеќе јавни дискусии и барања од граѓаните за негова промена. Последната иницијатива за промена на Законот беше во 2024 година кога пратениците во Собранието ги изгласаа промените на Законот, но тој не беше потпишан од претседателот на државата Стево Пендаровски и при повторното гласање, предлог-промените не беа изгласани.
Лани летото вицепремиерот Изет Меџити најави нов предлог-закон за игри на среќа кој, како што подвлече, ќе бил значаен чекор во „борбата против коцкарската мафија“.
„Ова е само почеток. Од над 7 000 ВЛТ-апарати, со првиот удар ќе се отстранат 4 000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците што организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отворање обложувалници“, појасни Меџити.
Со законските измени, инфраструктурата за игрите на среќа ќе се намали за 70 %, кажа Меџити. Новиот закон за игри на среќа ќе го забрани нивното рекламирање, а ќе се зголемат и даноците за лиценци, додека секој обид за заобиколување на системот ќе заврши со конфискација и кривична одговорност.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагираше на Предлогот на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го усвои. Побараа тој веднаш да се стопира и да има јавна расправа за него, со цел да се вклучат засегнатите страни.
„За жал, владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која е најрегулираната гранка во државата. Со овој предлог-закон се загрозуваат повеќе од 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова ќе значи уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички поени пред избори“, стоеше во реакцијата од АСОМ.
Овој закон, додаваат од Асоцијацијата, не само што нема да ги заштити граѓаните од евентуални штетни последици од игрите на среќа, туку целосно ќе ги стави во ризик. Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите.
Во моментов Законот за игри на среќа и забавни игри не е конзистентен во предвидувањето на обврските кон сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње. Со постојниот, единствено за игрите на интернет е предвидена обврска за приредувачот да објавува информации што предупредуваат на можностите од зависност од учество во игри на среќа, како и информации и линкови до други интернет-страници што им помагаат на зависниците од игри на среќа. Ваква обврска не е предвидена за другите приредувачи на игри на среќа како казина, автомат-клубови и обложувалници, кои најчесто се посетувани од младите во Македонија.
Таа посочува дека превенцијата треба да биде системска, вклучувајќи ги поединецот, семејствата преку родителска едукација и соработка со училиштата, како и зголемување на јавната свесност за ризиците во општествениот контекст, за навремено препознавање и поддршка на младите.
Примерот од Валандово укажува дека појавата на масовно обложување меѓу младите е сериозен општествен проблем што бара итна реакција. Комбинацијата од лесна достапност, социјални влијанија и недоволна едукација создава ризик од зависност и долгорочни последици.
Она што го истакнаа речиси сите соговорници на „Локал Актив“ во Валандово е дека решението лежи во заедничко дејствување на трите столба – институциите, училиштата и семејствата, со фокус на превенција, едукација и јакнење на свеста кај младите.
Можеби тоа изгледа недостижно во денешниот контекст, кога малку е потребно само еден од овие три столба да биде разнишан, но сепак треба еднаш и од некаде да се почне да се менуваат состојбите, кои веќе предолго ги трујат младите и општеството во целина.
* Љубица Стојановска е активистка во здружението „И ЈАС СУМ“
** Ване Трајков е новинар
Истражувачката сторија е преземена од ЛокалАктив.мк, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.