Или регулирани инфлуенсери или стоп за европските пари

Инфлуенсери

Отпорот на инфлуенсерите се заканува да ја загрози европската поддршката за медиумски реформи и за Скопје град на културата.

Добро упатен извор од надлежна институција, кој побара анонимност, во разговор за Рацин.мк, рече дека отпорот на инфлуенсерите да бидат опфатени со новата медиумска регулатива, се заканува да ја загрози европската поддршката за медиумски реформи и за финансиската поддршка на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.

На отпорот на инфлуенсерите реагирал и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, но наместо да ги убеди влијателните поединци на мрежата, најавил дека ќе се обиде да издејствува ново законско решение во консултација со ЕУ за да помине нешто такво во Македонија.

Тоа, според нашиот извор, е во најмала рака наивен став. Затоа што, многу едноставно, зошто ЕУ би менувала регулатива донесена уште во 2023 година затоа што некому во Македонија не му се допаѓа да биде ставена во правна рамка којашто е дел од новите правила на ЕУ кои укажуваат дека инфлуенсерите одамна имаат реално медиумско влијание, споредливо – а често и поголемо – од класичните медиуми.

Според праксата на Европскиот суд за човекови права, инфлуенсерите се одговорни и за коментарите под нивните објави, што значи дека треба активно да ги модерираат своите заедници. Не смеат да поттикнуваат насилство, дискриминација или говор на омраза.

Според најновите податоци од анкетата на Евробарометар за 2025 година, дури 74% од младите луѓе на возраст од 15 до 24 години ги следат инфлуенсерите на социјалните мрежи. Од нив, 38% ги следат инфлуенсерите за коментари на социјални и политички теми, што укажува на нивната огромна моќ да го обликуваат јавното мислење.

Имајќи го сето ова предвид соочена со наивата на министерот дека може да издејствува поповолна за законска рамка за инфлуенсерите, нашиот соговорник вели дека Брисел не само што нема да има слух за ова, туку може да предизвика и „санкции“.

Она што може да се претпостави е дека Европската Комисија ќе постави одреден рок за заокружување на регулацијата на инфлуенсерите, а ако тоа не се случи, ќе биде стопирана целата идна финансиска поддршка за медиумските реформи во Македонија во насока на усогласување со ЕУ.

И не само тоа, вели нашиот извор, Брисел, ако биде доведен до тоа, нема да се воздржи и од тоа да ги побара назад парите што досега ги даде за подготовка и за спроведување на медиумските реформи во Македонија. Од оние за експертските анализи, преку оние за работата на АВМУ на овој план, до парите што беа дадени за опремување на МРТВ

И не само тоа, продолжува нашиот извор, Македонија може да се соочи со проблеми и во реализацијата на Скопје, Европска престолнина на културата 2028, затоа што голем дел од парите што доаѓаат или треба да дојдат за програмските содржини на оваа манифестација, доаѓаат од фондови на ЕУ како што се Креативна Европа и се наменети за артисти, па и инфлуенсери кои би се вклучиле во реализацијата на таа програма.

Сѐ на сѐ, со парите на европските граѓани не може да се управува на балкански, односно, македонски начин. За европски стандарди, важат европски правила. Нема импровизации.   

Како дојде до оваа ситуација?

До ова дојде откако запре процесот на ставање на инфлуенсерите во регулирана рамка, која Македонија е обврзана да ја спроведе како дел од суогласувањето со ЕУ регулативата.

Во регистерот на АВМУ досега (на 7 април, 2026 г.) се впишани само 11 инфлуенсери, од околу нешто повеќе од 100 колку што се смета дека ги има во Македонија.

Инфлуенсерите тврдат дека нема законска основа компаниите да соработуваат само со регистрирани лица, додека АВМУ смета дека не се регистрираат за да не се открие кој ги финансира.

Иако се консултирани во процесот на регулација, многумина не се пријавуваат, што создава судир меѓу АВМУ и инфлуенсерите околу заштитата на корисниците и креативната слобода.

Неколку инфлуенсери на социјални мрежи реагираа дека АВМУ им задира во слободата на изразување, им наметнува административни обврски и дополнителни давачки.

„Плаќаме данок од 10 отсто на државата, плаќаме доколку сме ДДВ-обврзници 18 отсто на државата. Платформата Јутјуб наплаќа 40 отсто од приходите плус данок, додека ТикТок и Инстаграм не нудат можност за директна заработка. АВМУ одлучува дека сме медиум и притоа сака да наплати 0,5 отсто, а ние немаме никаков бенефит од нив“, напиша јутјуберот Стефан Лазаров.

Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, во изјава за РСЕ на почетокот на годината, рече дека ќе почекаат до средина на март, кога инфлуенсерите треба да ги достават годишните сметки за 2025 врз основа на кои треба да се пресмета надоместот за надзор.

Тие кои нема да се регистрираат ќе плаќаат казни кои се движат меѓу 250 и 500 евра.

„Нашиот став е јасен, се усогласуваме со европските директиви за аудиовозуелни услуги и со подзаконските акти изработени од германски експерти“, изјави Трајчевски.

Надоместот од 0,5 отсто постои и за останатите кои се предмет на регулација, како на пример кабелските оператори, уште од донесувањето на законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги во 2013 година.

Со измените на овој закон во 2023 година, Агенцијата како регулаторно тело стана надлежна за и платформите за споделување видеа – Фејсбук, Јутјуб, Тик-Ток.

„Да се биде креатор/ка на содржина не е само фотографирање, снимање и објавување содржина која некому ќе му донесе информација, забава или едукација, туку претставува и позиција на моќ да се изврши влијание и затоа е неопходно разбирање и почитување на одговорноста што таа моќ ја носи“, пишува во Правилникот.

Со регулацијата се воведува: поголема транспарентност, јасна одговорност за објавената содржина, подобра заштита на публиката, особено на младите.

Важно е да се нагласи, велат од АВМУ, дека регистрацијата не значи цензура, туку формално признавање на улогата што овие креатори веќе ја имаат во јавниот простор.

Како е во светот?

Македонија не е изолиран пример. Напротив, регулацијата на инфлуенсерите станува глобален тренд, но со различни пристапи:

Европска Унија: Нема посебен „закон за инфлуенсери“, но активностите се опфатени со директиви за аудиовизуелни медиумски услуги, заштита на потрошувачите и дигитални услуги.

Албанија: Во Тирана се фокусираат на формализација и оданочување на инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини на социјалните медиуми.

Грција: Грчкото тело за саморегулација на рекламирањето сертифицираше 380 инфлуенсери на социјалните медиуми за етички маркетинг практики во рок од само пет месеци, дел од поширок европски напор за внесување транспарентност во брзорастечката индустрија за инфлуенсери.

Франција: Во 2023 година воведе специјален закон за инфлуенсери кој строго го регулира рекламирањето, задолжителното означување на спонзорирани содржини и забранува промоција на одредени ризични производи без јасни предупредувања.

Обединети Арапски Емирати: Инфлуенсерите мора да имаат посебна медиумска и деловна лиценца за платени соработки. Непочитувањето може да резултира со високи парични казни.

Кина: Воведени се строги правила за содржина, вклучително и обврска инфлуенсерите да докажат стручност кога даваат здравствени, финансиски или образовни совети.

Соединети Американски Држави: Нема единствен федерален закон за регистрација, но постојат строги правила за транспарентност во рекламирањето, а некои сојузни држави воведоа закони за заштита на деца-инфлуенсери.

Зачлени се на нашиот е-билтен