Случајот против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, повторно се враќа на почеток. Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда со која таа беше осудена на две години затвор и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.
Судот ги уважи и жалбата на обвинителството и жалбата на одбраната, оценувајќи дека во пресудата има суштествена повреда на кривичната постапка.
По одлуката на Апелација, адвокатката Миа Чорак оценува дека судот правилно утврдил дека истите дејствија не можат да опстојуваат како основ и за осудителен и за ослободителен дел од пресудата. „Дејствијата со кои наводно Лидија Димова го сторила делото злоупотреба на службена положба и овластување не може да опстојат и како опис на дејствија врз основа на кои е донесена ослободителната пресуда“, вели Чорак.
Таа додава дека „дејствијата опишани во ставот еден од пресудата се идентичните дејствија врз основа на кои во ставот два, за делото Измама на средства на штета на ЕУ, Лидија Димова е ослободена од обвинение“.
Одбраната воедно повторно го отвора и прашањето за наодите на ОЛАФ. Чорак вели дека не смее да се занемари фактот што, според документ на кој се повикува одбраната, европската служба ја затворила истрагата без наоди што се однесуваат на Димова. „Ако се има предвид дека агенцијата е финансирана од ЕУ, а ЕУ утврдува дека не е причинета штета на нивните средства, основано се поставува прашањето како може да опстои делото злоупотреба, имајќи ги во предвид елементите кои го сочинуваат битието на ова дело“, додава Чорак.
Во јавноста веќе беше објавен документ според кој ОЛАФ ја затворил истрагата без наоди што се однесуваат на Димова лично, но тој документ очигледно не е од важност за отганите на прогон и не значи автоматски и крај на домашната кривична постапка.
Клучниот проблем, според Апелација, е што во првостепената пресуда не било јасно разграничено за кои конкретни дејствија Димова е прогласена за виновна, а за кои е ослободена. Токму таа нејаснотија сега е во центарот на постапката, бидејќи со истата пресуда Димова беше осудена за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353, а истовремено ослободена од обвинението за Измама на штета на средствата на Европската заедница од член 249-а.
Апелација оцени дека таквата конструкција не може да остане без појасно и попрецизно образложение.
Првостепената одлука беше донесена во септември 2025 година. Тогаш Кривичниот суд ја осуди Димова на две години затвор, ја задолжи да надомести штета од 22,7 милиони денари и истовремено ја ослободи од обвинението за измама, со образложение дека не бил јасно опишан начинот на извршување на тоа дело.
Според обвинението поднесено во јуни 2022 година, Димова во периодот од 2018 до 2020 година ја злоупотребила функцијата, постапувала спротивно на Законот за јавни набавки, донела незаконито Решение за исплата на дневници, и без јавен конкурс склучувала договори со надворешни соработници и во соработка со Александар Гочев и Ана Павлиду овозможила испката на средства од благајната на Агенцијата.
Токму затоа новото судење ќе биде многу поважно од првото. Сега обвинителството ќе треба многу попрецизно да покаже кои дејствија ѝ се ставаат на товар на Димова, како настанала штетата и врз која правна основа. Одбраната, пак, очигледно ќе ја гради линијата на тоа дека првата пресуда паднала токму затоа што обвинението не било доволно јасно и внатрешно конзистентно. По одлуката на Апелација, случајот повеќе не е приказна за тоа дали пресудата е строга или блага, туку дали воопшто била правно издржана.