Ако прашањето студентите Албанци имаат право да го полагаат правосудниот испит на албански јазик е легитимно, тогаш што беше погрешно на протестот и предизвика реакции? Веројатно – сѐ друго.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Нема да ве изненадам ако кажам дека барањето е 100% легитимно. Студентите Албанци имаат право да го полагаат правосудниот испит на албански јазик. Тоа не е ни политичко прашање, ни идентитетска провокација, туку прашање на функционалност на системот и на еднаквост пред него. Исто толку сум убеден дека тие млади луѓе го владеат македонскиот јазик во целост и треба да го владеат, затоа што утре ќе бидат дел од истиот правосуден систем, клучна алка во функционирањето на државата, на правото и на довербата на граѓаните.
Ако пак не го владеат, тогаш ова не е образовен проблем.
Но, ако прашањето е легитимно, тогаш што беше погрешно на протестот и предизвика реакции?
Веројатно – сѐ друго.
Прво, моментот во кој ова барање се претвори во алатка за дневно политикантство. Да, точно е дека веќе прашањето е политизирано. Но, одговор на неправда не е создавање нова неправда, или дупка со дупка не се затнува, туку само се продлабочува. Кога едно легитимно право ќе го ставите во рацете на дневната политика, вие не му помагате, туку му ја одземате суштината. Ова треба да го знаат многумина кои пред некој ден излегоа на протестот во „лов“ на популизам.
Второ, степенот на покажана вербална агресија. Не доликува на 2026 година. Не доликува на генерација која треба да биде носител на правдата. Ако утре тие луѓе ќе судат, ќе бранат, ќе толкуваат закони, тогаш денес мора да покажат дека разбираат што значи институција, процедура, достоинство. Правото не се освојува со притисок, туку се гради со аргумент.
И тука доаѓаме до најлесната, но и најпогрешната одбрана: „не сте биле доволно толерантни“, „доста чекавме“, „ова е историска неправда“. Овие аргументи во смисла дека некој може да ми префрли и мене.
Не, другари. Знаете дека барем кај мене ова не поминува.
Мене никогаш не ми пречело албанското знаме, ниту јазикот. Ниту како симбол, ниту како идентитет. Особено не во 1999, кога на раце носев деца бегалци од Косово во Македонија, па дури ни во 2001 година, кога водев чета на АРМ, овојпат во одбрана на мојата земја. Немав гнев, туку разочараност.
И токму затоа што сум поминал низ време кога симболите значеа нешто многу повеќе од политика, денес имам право да кажам: не го девалвирајте тоа. Не го сведувајте правото на јазик на партиски транспарент. Не го претворајте легитимното барање во сцена за докажување сила.
Затоа што на крајот, ова не е прашање ниту за Албанците, ниту за Македонците. Ова е прашање за тоа дали сакаме систем кој функционира или систем кој е научен да тоне под притисок.
Ако навистина веруваме дека правосудниот систем треба да биде столб на државата, тогаш мора да почнеме од таму, со почитување на правото, но и со почитување на начинот на кој тоа право се остварува.
Сѐ друго ќе биде само креирање и зајакнување на стереотипите.
И уште една пропуштена шанса нешто да се реши како што треба.