Аларм во здравството, со секоја втора жалба утврдени неправилности

Истражување на Центарот за граѓански комуникации отвори сериозни сомнежи за начинот на кој се спроведуваат јавните набавки во здравството, откако анализата на жалбените постапки покажа дека во 42 проценти од предметите Државната комисија за жалби по јавни набавки утврдила неправилности. Најголемиот дел од спорните случаи се однесуваат на изборот на најповолна понуда, што истражувачите го посочуваат како фаза со највисок ризик од фаворизирање.

Според наодите, во 71 процент од жалбите фирмите ја оспорувале токму одлуката за избор на најповолна понуда. Во анализата се наведува дека понудите во одредени постапки биле евалуирани непрецизно и со нееднаква примена на критериумите, а како дополнителен проблем се издвојуваат нејаснотиите околу документацијата за пуштање во промет и увоз на лекови, како и селективно поставени или менувани технички услови во текот на постапката.

Истражувањето покажува и уште еден проблематичен сигнал: жалбите во здравството се ретки, иако секторот располага со огромни јавни средства. Во периодот од 2020 до 2024 година биле анализирани 778 решенија по жалби, а процентот на обжалени тендери во здравството изнесува 1,95, што е под и онака нискиот национален просек од околу 3 проценти. Според авторите, тоа упатува дека механизмот на правна заштита не се користи доволно како алатка за навремено откривање и спречување на злоупотреби.

Во извештајот се наведува и дека жалби биле поднесени против 99 од вкупно 110 здравствени институции, но распределбата не е рамномерна. Најмногу жалби по број се евидентирани кај Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, додека Министерството за здравство се издвојува со стапка на обжалување од 10 проценти, што е речиси пет пати над просекот во секторот. Истражувањето предупредува дека ваквите слабости го стеснуваат просторот за конкуренција и може да значат повисоки цени и послаб квалитет на лековите и медицинските материјали што ги плаќа државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен