Орган-донорството влегува кај матичен, државата предлага нов модел на согласност

Германија
Photo by Zakir Rushanly: https://www.pexels.com/photo/doctors-during-operation-11748826/

Измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување од денеска се ставени на ЕНЕР, а една од клучните новини е граѓаните да можат кај својот матичен лекар да потпишат изјава за согласност за дарување органи по смртта. Предлогот засега е во фаза на јавна расправа и не значи дека решението веќе е донесено, туку дека влегува во постапка во која јавноста и институциите ќе можат да дадат забелешки.

Со предложените измени се предвидува и проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, како и поедноставување на административните постапки што досега биле дел од трансплантацискиот систем. Во образложението се наведува дека целта е личната волја на граѓанинот да стане појасно утврдена, а системот да биде потранспарентен и подоверлив.

Во пакетот е вклучено и воведување национална листа што би се водела во Националниот систем за електронски евиденции во здравството, со што државата најавува и техничко доуредување на целата постапка. Од Министерството за здравство порачуваат дека измените произлегле од досегашната примена на законот и од потребата системот да се направи пофункционален и поразбирлив за граѓаните.

Предлогот ја отвора и пошироката тема за довербата во органдонорството, област што со години се потпира на силна јавна свест, но и на јасни процедури. Со новиот модел, државата се обидува личната одлука за донирање органи да ја направи подостапна и поформално евидентирана уште во примарното здравство.

Зачлени се на нашиот е-билтен