Обраќањето на Меланија Трамп од Белата куќа на 9 април не создаде проблем само затоа што таа јавно ги отфрли тврдењата што ја поврзуваат со Џефри Епштајн, туку и затоа што со самиот настап повика. Во изјава објавена од Белата куќа, таа рече дека никогаш не била пријателка со Епштајн, дека немала однос со него или со Гислејн Максвел и дека Епштајн не ја запознал со Доналд Трамп.
Проблем за Белата куќа е во тајмингот. Американската администрација со месеци се обидуваше да го оттурне случајот Епштајн од дневниот ред, а темата веќе почна да слабее во јавноста. Наместо тоа, настапот на првата дама повторно го насочи вниманието кон прашање што веќе предизвика притисок врз Вашингтон, внатрешни тензии и ново преиспитување на начинот на кој биле објавувани документите поврзани со Епштајн.
Тежина на случајот му дава тоа што Меланија Трамп не се задржа само на демант. Таа побара Конгресот да организира јавно сослушување за жените што биле жртви на Епштајн, со сведочења под заклетва. Со тоа, наместо затворање на темата, од Белата куќа дојде повик за нејзино уште подлабоко институционално отворање, што практично значи продолжување на политички чувствителна афера од која администрацијата се обидуваше да се дистанцира.
Според американски медиуми, незадоволството поради бавното и ограничено објавување на материјалите веќе отвори нов притисок врз федералните институции, а во Конгресот продолжува интересот за сослушувања и дополнителна одговорност.
Во таков амбиент, секое ново јавно отворање на темата автоматски значи и нов проблем за Белата куќа. останува нејасно што точно го предизвикало токму сега ова обраќање.
Иако од тимот на Меланија Трамп порачаа дека причината е потребата, како што велат, да престанат лагите и клеветите, американските агенции забележуваат дека настапот доаѓа во момент кога Белата куќа немала интерес темата повторно да стане централна.
Токму затоа, наместо да ја смири приказната, обраќањето отвори нов политички циклус околу Епштајн и луѓето чии имиња повторно се појавуваат во јавниот простор.