Хоџа: Албанија го поддржува студентскиот протест во Скопје

Министерот за Европа и надворешни работи на Владата на Албанија, Ферит Хоџа, изјави дека е потребно да се најде решение за студентите Албанци во Северна Македонија кои бараат правосудниот испит да полагаат на албански јазик, нагласувајќи дека употребата на албанскиот јазик е уставно загарантирано право.

Како што пренесува информативната агенција Илирија-ИНА, Хоџа на прес-конференција истакнал дека Албанија внимателно ја следи ситуацијата и стои зад правата на Албанците каде и да живеат.

„Во секое време и во секој случај Албанија одржува добри односи со Албанците, каде и да се наоѓаат. Студентите кои протестираа во Скопје бараат свое право. Тие поставуваат легитимно прашање. Ги следевме со внимание. Употребата на албанскиот јазик во Северна Македонија е уставно право и тоа не смее да се доведува во прашање. Ова прашање мора институционално да се реши. Важно е да не се политизира, туку да се третира одговорно. Ние бараме решенија. Албанија останува посветен фактор за стабилност и добри односи во регионот“, изјавил Хоџа.

Зачлени се на нашиот е-билтен