Фалсификувањето пари, една од најстарите криминални активности, во 21 век добива нова димензија преку употреба на напредна технологија и, според анализи на финансиски институции, дури и државно поддржани програми, пренесува Хина.
Според проценките на американското Министерство за финансии, во оптек во секој момент циркулираат меѓу 70 и 200 милиони лажни долари, што значи дека на секои 10.000 оригинални банкноти се појавува по една фалсификувана. Во Европа ситуацијата е релативно под контрола, иако операцијата на Европол „DECOY III“ во февруари 2026 година спречи влез на околу 1,2 милијарди евра фалсификувани пари, при што беа пресретнати над седум милиони банкноти и монети.
Европската централна банка (ЕЦБ) наведува дека најчесто се фалсификуваат банкнотите од 20 и 50 евра.
Како една од најсериозните закани се посочува Северна Кореја и т.н. „супердолар“. Се верува дека уште од крајот на 1970-тите, по државна наредба, земјата произведува висококвалитетни фалсификати на индустриско ниво со цел финансирање на своите нуклеарни и ракетни програми. Овие банкноти се толку прецизни што тешко се откриваат на меѓународните пазари и често се дистрибуираат преку дипломатски канали во мешавина со оригинални пари. Освен доларот, во последните години се појавија и висококвалитетни фалсификати на банкнотата од 200 евра.
Како одговор на растечките ризици, САД и ЕЦБ постојано ги унапредуваат заштитните елементи на валутите, а во процесот сè повеќе се користи и вештачка интелигенција. Новите „супербанкноти“, изработени со 3Д-печатење, се детектираат преку ВИ-алгоритми кои ги препознаваат неправилностите во реално време.
Иако физичките фалсификати се под сè построга контрола, експертите предупредуваат дека одредени региони и понатаму остануваат ризични транзитни точки за нелегални финансиски текови.
Според прогнозите, до 2035 година готовината би можела да падне на само 5 отсто од вкупните плаќања. Сепак, преминот кон дигитални валути отвора нови прашања за приватноста, бидејќи за разлика од кешот, секоја дигитална трансакција остава трага до која можат да пристапат институции и приватни компании.