Унгарија се соочува со радикален политички пресврт. Системот што Виктор Орбан го градше за да си ги надува победите, сега работи во корист на неговиот најголем противник. Изборниот инженеринг на Фидес, дизајниран за трајно владеење, му ја отвора вратата на Петер Маѓар за двотретинска победа во парламентот.
Клучот е во прочуената „компензација за победникот“, изборното правило според кое првопласираната партија добива бонус-мандати. Години наназад, токму оваа формула од умерена предност на Фидес правеше масивно парламентарно мнозинство. Со едвај над половина од гласовите, Орбан редовно стигнуваше до двотретинска контрола, доволно силна за да пишува Устав, да редизајнира институции и да ги бетонира сопствените луѓе на клучни функции.
Сега сценариото е превртено. Тиса е прва сила и истата таа математика почнува да работи за Маѓар. Секој процент предност што Тиса го има над Фидес не значи само симболичка победа, туку се претвора во диспропорционално поголем број пратеници. Оттаму до двотретинско мнозинство патот станува изненадувачки краток. Системот е скроен така што победникот секогаш добива повеќе од реалната тежина на својата изборна поддршка.
Тоа двотретинско мнозинство не е козметика. Тоа значи можност да се отвори орбановиот уставен бетон: да се преиспитаат мандатите и надлежностите на лојалистите вградени во судството, обвинителството и регулаторите, да се коригира изборниот модел што го фаворизираше Фидес, да се врати балансот во системот кој беше граден да функционира како партиска машина. Орбан со години го користеше ова мнозинство за да ја претвори Унгарија во „нелиберална демократија“.
Маѓар, ако ја добие двотретинската поддршка, ќе ја има шансата токму со тие алатки да почне да ја демонтира орбанизацијата на државата.
Иронијата е очигледна. Правилото осмислено за вечна доминација на Фидес стана инструмент за историски пораз на Фидес.
„Компензацијата за победникот“ требаше да биде гаранција дека Орбан ќе остане недостижен, а денес е механизмот што Тиса ја турка кон уставно мнозинство. Унгарскиот пример покажува што значи кога една власт си прави изборен систем по сопствена мерка, уверена дека народот никогаш нема да ѝ го сврти грбот.
Р.Р