Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека веќе следната недела ќе биде претставен нов пакет мерки со цел да се ублажи растот на цените на енергијата во Европската Унија, кои значително се зголемија поради конфликтот на Блискиот Исток.
Според неа, последиците од кризата веќе сериозно се чувствуваат. „Во изминатите 44 дена, трошоците за увоз на фосилни горива пораснаа за повеќе од 22 милијарди евра“, изјави фон дер Лајен по состанокот на Комисијата посветен на економските ефекти од актуелната ситуација.
Координација наместо натпревар меѓу државите
Еден од клучните столбови на новиот предлог ќе биде засилена координација меѓу земјите-членки. Како што истакна таа, неопходно е да се избегне сценарио во кое државите истовремено ги полнат резервите на гас, што би довело до дополнителен раст на цените.
Воедно, ќе се разгледува и користењето на нафтените резерви на начин што ќе обезбеди максимален ефект, без да се наруши функционирањето на заедничкиот европски пазар.
Фокус на ранливите категории
Вториот сегмент од мерките се однесува на заштита на најпогодените – домаќинствата и економските сектори што се најранливи на ценовните шокови.
Фон дер Лајен нагласи дека поддршката мора да биде строго насочена, временски ограничена и брзо спроведена, наместо да се применуваат општи мерки кои не ги таргетираат оние на кои им е најпотребна.
Пофлексибилни правила за државна помош
Европската комисија најави и измени во правилата за државна помош, со цел земјите-членки да добијат поголем маневарски простор за поддршка на најпогодените сектори.
Консултациите со државите започнуваат веднаш, а целта е новата привремена рамка да биде усвоена уште во текот на месецот.
Долгорочни решенија и енергетска независност
Покрај итните чекори, Брисел подготвува и поширок пакет структурни реформи кои треба да донесат стабилизација на цените и поголема енергетска независност на Унијата.
Меѓу опциите се мерки за намалување на потрошувачката, со акцент на енергетска ефикасност – како реновирање на згради и модернизација на индустриски капацитети.
Комисијата ќе интервенира и во сите сегменти што ја формираат цената на електричната енергија – од производството, преку мрежните трошоци, до даноците и тргувањето со емисии.
Дополнително, се подготвува и стратегија за електрификација на економијата, која ќе опфати транспорт, греење и индустрија.
„Поголемата електрификација значи и поголема независност на Европа“, порача фон дер Лајен, најавувајќи дека ова ќе биде клучен правец во идните политики на Унијата.