„Orion“ на враќањето од Месечината издржа температура од 2.700 степени

Credit: NASA/Quentin Schwinn

NASA покажа како изгледа вселенското летало „Orion“ по враќањето на Земјата.

Во петок, 10 април, NASA го прослави успешно патување околу Месечината, откако четири астронаути безбедно се вратија на Земјата, завршувајќи го првиот лет покрај Месечината по повеќе од 50 години, пишува Nova.

Леталото со тројца американски и еден канадски член на екипажот слета во Тихиот Океан крај брегот на Калифорнија, со што беше завршена пробната мисија со екипаж, придружена со импресивни снимки од Месечината.

„Orion“, клучен дел од програмата „Artemis“ и враќањето на луѓето на Месечината, претставува врв на современото инженерство. Сепак, неговиот најтежок тест не е патувањето низ вселената, туку враќањето низ Земјината атмосфера. Тогаш достигнува брзини од речиси 40.000 километри на час и се соочува со температури што надминуваат 2.700 степени Целзиусови, што е повеќе од двојно потопло од растопена лава.

Опстанокот на астронаутите зависи од комплексен систем на материјали што го сочинуваат топлинскиот штит, најголемиот некогаш направен. Неговата основа е „Avcoat“, материјал кој потекнува уште од времето на мисиите „Apollo“. Станува збор за модерна верзија на аблативен штит кој контролирано се „троши“ – надворешните слоеви горат и се одвојуваат, одведувајќи ја топлината подалеку од капсулата и штитејќи ја екипажот.

За да се разбере колку е важна оваа заштита, треба да се знае дека „Orion“ влегува во атмосферата со брзина поголема од 30 пати од брзината на звукот. Триењето со воздухот создава огромен топлински бран, а пред леталото се формира ударен бран кој го загрева воздухот и до 10.000 степени Целзиусови, речиси двојно повеќе од температурата на површината на Сонцето.

Оваа екстремна топлина го претвора воздухот во плазма што го обвива леталото и привремено ја прекинува комуникацијата со Земјата. Во тие неколку минути, астронаутите се целосно препуштени на системите во капсулата. Сепак, благодарение на штитот, температурата во внатрешноста останува безбедна.

Покрај „Avcoat“, „Orion“ користи и напредни материјали за најоптоварените делови. На споевите меѓу модулите се наоѓаат компресивни перничиња кои мора да издржат огромни сили и високи температури. За нив е развиен специјален материјал 3DMAT – тридимензионално ткаени кварцни влакна натопени во смола, кои обезбедуваат значително поголема цврстина од постарите решенија.

Патот до совршениот штит не бил без проблеми. За време на мисијата „Artemis I“ било забележано дека штитот еродирал повеќе од очекуваното. Анализата покажала дека гасови заробени во материјалот, при специфичен маневар на враќање, нагло почнале да се шират и предизвикале лупење на површината.

Иако безбедноста не била загрозена, NASA реагирала. За мисијата „Artemis II“ е прилагодена патеката на враќање, додека за „Artemis III“ се развива нова верзија на материјалот кој нема да задржува гасови и ќе овозможи побезбедно слетување.

Оваа технологија ќе биде клучна не само за враќање на Месечината, туку и за идни мисии кон Марс.

Зачлени се на нашиот е-билтен