Граѓанската иницијатива Support Kocani обезбеди медицински креми за третман и нега на лицата погодени од пожарот во „Пулс“, во вкупна вредност од 1.023.871 денари. Станува збор за нова набавка реализирана со дел од средствата собрани преку донации, насочена кон закрепнување и секојдневна нега на повредените.
Во пакетот се вклучени 300 креми Bioderma SPF 50, 300 креми Cicatrix и 150 сетови La Roche-Posay, наменети за заштита, регенерација и подобрување на состојбата на кожата кај лица со изгореници. Набавката, според објавените информации, била направена во директна комуникација со засегнатите, за да одговори на нивните реални потреби во периодот на опоравување.
Дел од процесот бил олеснет и со поддршка од аптеките, кои овозможиле попуст при набавката. Производите ќе се подигнуваат во младинскиот центар „Гнездо“ во Кочани, од каде ќе се врши распределба до оние на кои им се најпотребни. Иницијативата најавува дека останува вклучена во обезбедување помош за настраданите и во наредниот период.