Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека нема повлекување пред отпорите за отворањето на рудникот за антимон кај кривопаланечкото село Луке, оценувајќи дека проектот е важен за иднината на државата. Со пораката дека противниците „ќе налетаат на тврд орев“, тој практично го претвори спорот околу антимонот од економско и еколошко прашање во отворена политичка линија на судир.
Изјавата доаѓа десетина дена по најавата дека во рамки на стратешкиот дијалог со САД се отвора простор за проект поврзан со антимон од локалитетот Луке, кој би се извезувал во САД, а преработката би се вршела во Оклахома.
Тогаш Мицкоски рече дека истражувањата се при крај и дека очекува активностите да почнат наскоро.
Во меѓувреме, проектот доби и конкретна институционална поддршка од САД. Американската DFC на 7 април соопшти дека потпишала договор со Pela Global за развој на проект за оживување на рудникот Крстов Дол во Северна Македонија, при што договорот е вреден 5 милиони долари и треба да покрие потврдување на минералните ресурси, физибилити анализи и подготовка за можна изградба.
И македонското Министерство за енергетика следниот ден објави дека финансиската поддршка е наменета за истражување на критични минерали и за понатамошни инвестиции и технолошки развој. Тоа значи дека проектот веќе не е само политичка најава, туку влегува во поопиплива развојна фаза, иако сè уште не значи автоматски и непосредно отворање на рудник.
Токму тука почнува и суштинскиот спор. Владата го претставува антимонот како стратешки минерал што може да ѝ донесе економска вредност на државата во време кога САД и сојузниците бараат алтернативи на снабдувањето зависно од Кина. DFC во своето соопштение јасно вели дека целта е да се диверзифицира глобалното снабдување со антимон, минерал што се користи во батерии, полупроводници, оклоп и други индустриски и одбранбени примени.
Но, во дел од јавноста веднаш се отвори прашањето дали Македонија повторно ќе влезе во рударска приказна без претходно да има силни гаранции за заштита на животната средина.
Таа резерва не доаѓа од празно место. Во земјава и натаму постојат нерасчистени последици од старо рударско загадување, како еколошката жешка точка во Лојане, каде со децении стои отпад поврзан со антимон и арсен.
Поради тоа, секоја нова најава за рудник лесно се дочекува со сомнеж, без разлика дали станува збор за сосема друга локација и за нов технолошки и регулаторен контекст. Наместо да го смирува тој страв со детални одговори за стандардите, контролата и дозволите, премиерот денес реши политички да удри по критичарите, обвинувајќи дека некои би сакале да ги затворат и рудниците што ги исполнуваат еколошките стандарди.
Оттука, вистинската дилема сега не е само дали антимонот е економска шанса. Прашањето е дали Владата ќе успее да докаже дека ова нема да биде уште еден случај во кој стратешкиот интерес и странската поддршка ќе одат побрзо од јавната контрола, локалната доверба и еколошките гаранции. Со денешната порака Мицкоски покажа дека нема намера да отстапи. Но ако сака проектот навистина да го продаде како „иднина“, ќе мора да понуди многу повеќе од тврда политичка реторика.