Балканот повторно се соочува со бран дојави за бомби во училишта, трговски центри и јавни објекти, кој за неколку дена ја наруши наставата, предизвика евакуации и ги стави полициите во неколку држави во постојана состојба на проверка. Иако досегашните дојави се покажуваат како лажни, нивниот ефект е реален: страв кај родителите, прекината настава, испразнети објекти и институции принудени секое утро да реагираат како заканата да е вистинска.
Само денеска, во Хрватска, дојави за поставени експлозивни направи пристигнале во 16 средни училишта во Приморско-горанската жупанија. Училиштата биле евакуирани, полицијата извршила проверки, а во дел од објектите наставата продолжила откако не била пронајдена опасност. Подоцна, слични дојави пристигнале и за два трговски центри во Риека, по што биле евакуирани и тие објекти.
Ова не е изолиран инцидент. Од почетокот на неделата во Хрватска дојави имало во Загреб, Сплит, Дубровничко-неретванската жупанија, Приморско-горанската жупанија и во трговски центри. Во сите досегашни случаи што беа проверени, станувало збор за лажни закани, но секоја од нив ја активирала истата процедура: евакуација, полициски преглед, прекин на наставата и враќање на учениците дури откако ќе се утврди дека објектот е безбеден.
Слична слика се повторува и во Црна Гора. Дојави пристигнале до повеќе училишта во Цетиње, Бар, Тузи, Беране и други градови, а наставата била прекината додека траеле проверките. Црногорската полиција најави дека до крајот на учебната година секое утро пред почетокот на наставата ќе се вршат проверки во училиштата, како обид да се обезбеди редовно и безбедно одвивање на наставата.
Во Бар, две средни училишта биле евакуирани откако преку електронска пошта пристигнала дојава за поставени бомби. По деталната проверка не била пронајдена експлозивна направа, а случајот бил третиран како лажна тревога. Иако формално нема физичка штета, ваквите закани го претвораат нормалниот училиштен ден во безбедносна операција.
Во Босна и Херцеговина, закани биле испратени до училишта во Сараево, Тузланскиот кантон и Херцеговачко-неретванскиот кантон, вклучително во Мостар, Коњиц, Чапљина, Јабланица, Столац и Неум. Пораките, како и во другите држави, најчесто пристигнувале преку електронска пошта и доведувале до прекин на наставата и евакуации.
Регионалниот карактер на дојавите ја прави приказната поголема од криминален инцидент или ученичка неодговорност. Од крајот на март, слични закани се регистрирани во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Хрватска, а целите најчесто се исти: училишта, трговски центри, хотели, државни институции и јавни простори со голем број луѓе.
Токму затоа овие дојави се вклопуваат во логиката на хибриден притисок. Не мора да експлодира бомба за да се создаде ефект на напад. Доволно е институциите да бидат принудени постојано да реагираат, училиштата да се празнат, родителите да се вознемируваат, јавниот простор да се блокира, а граѓаните да добијат чувство дека системот секој ден е на работ на нова криза.