Изборот без лице и биографија уништи уште една шанса за МРТ како сервис на граѓаните

МРТ
Фото од од граѓанската иницијатива „Да ја вратиме МРТ на граѓаните“, февруари 2015 година.

Непознат директор, позната шема: Кој го презеде МРТ? Ова се дилемите што се покренаа околу изборот на нов директор на Македонска радио-телевизија.

Се отвори нов бран политички и медиумски полемики, ставајќи повторно во фокус едно од клучните прашања за демократијата во земјата дали јавниот сервис функционира како независна институција или како продолжена рака на политичката власт.

Според одлуката на Програмскиот совет, за директор е избран Зоран Ристоски, по постапка во која шест кандидатури биле оценувани врз основа на програмите доставени под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите. Советот тврди дека изборот бил направен исклучиво според квалитетот на понудената програма и во согласност со законските критериуми.

Анонимна постапка, јавни сомнежи

Иако формално процедурата се претставува како транспарентна и непристрасна, дел од јавноста и политичките актери ја оспоруваат суштината на процесот. Клучниот аргумент е дека анонимноста во изборот не гарантира независност ако самиот изборен орган е под политичко влијание.

Дополнителен сомнеж предизвикува фактот што за новиот директор речиси и да нема јавно достапни информации во медиумите, што отвора прашања за транспарентноста и јавната отчетност, основните принципи за раководење со јавен сервис.

Во дел од реакциите се наведува дека јавниот сервис со години функционира преку приватни копродукции, при што значителен дел од програмата се реализира од надворешни субјекти, што, според критичарите, ја разградува неговата јавна функција.

Овие обвинувања се вклопуваат во пошироката политичка реторика во која Македонска радио-телевизија се опишува како „плен“ на политичко-медиумски интереси, наместо како независен сервис во служба на граѓаните.

Судир на наративи: законитост наспроти легитимност

Случајот со изборот на нов директор ја отвора класичната дилема во транзициските демократии: разликата меѓу формална законитост и суштинска легитимност.

Од една страна, Програмскиот совет инсистира дека постапката е спроведена според закон и со механизми за избегнување пристрасност.

Од друга страна, критичарите тврдат дека самата институционална архитектура не обезбедува доволна заштита од политичко влијание, па дури и најформално коректна процедура може да резултира со политички мотивиран исход.

Оттаму, изборот на Зоран Ристоски не се доживува како изолиран случај, туку како продолжение на долгогодишен тренд. Јавниот сервис во Северна Македонија со децении се соочува со критики за политизација, недоволна независност и слаб квалитет на програмата.

Што следува?

Очекувањата од новото раководство, според самиот Совет, се насочени кон зајакнување на улогата на јавниот сервис, подобрување на програмата и условите за работа.

Но, клучното прашање останува: дали Македонска радио-телевизија ќе успее да се ослободи од перцепцијата и можеби од реалноста на политичко влијание?

Додека чекаме тоа да се случи, да потсетиме на базичните, темелни обврски и на мисијата на еден јавен радио-телевизиски сервис:

1. Дополнувања на мисијата од аспект на улога на граѓаните во општеството, а со тоа и на концептот на демократијата

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

– Да ја поттикнува демократијата на локално, регионално и на национално рамниште;
– Да ги застапува интересите на граѓанското општество;
– Да биде форум за јавна дебата;
– Да ја надгледува работата на власта;

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

– Ги информира граѓаните за работата на меѓународните организации во земјата и на глобално рамниште;
– Учествува во придонесот на афирмацијата на вредностите на граѓанското општество на регионално, континентално и на светско рамниште;
– Ја надгледува работата на меѓународните организации и на меѓународната заедница;
– Учествува во развојот на општествениот капитал и на чувството на заедништво и за припадност кон националната држава, во време кога сајбер-просторот им овозможува на поединци да учествуваат во виртуелни заедници и да се одделат од сопствените општества и држави;

2. Дополнувања на мисијата од аспект на прашањата од културниот аспект

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

– Развој и заштита на културата и на идентитетот на сите етнички заедници без исклучок, вклучувајки: пристап до културното богатство; подигнување на културната компетенција на публиката; создавање нови аудиовизуелни дела; промоција и поддршка на креативни таленти; инвестиции во домашната телевизиска и филмска продукција; партнерство во организацијата на културни настани; промоција на културите на сите заедници, како и мултикултурниот концепт на македонското општество во странство;

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

– Креирање чувство за афинитет и за разбирање на културата и на националните интереси на народите во соседните земји, особено со оние со кои се споделуваат заеднички регионални интереси;
– Промоција на интеркултурните вредности за дијалог во земјата и во странство;
– Промоција на културните различности на другите и презентација на таа различност пред домашната публика;
– Настојување да се спречи и да се намали дигиталниот амбис за еднаков пристап до културните вредности преку технологијата;

3. Дополнувања на мисијата од аспект на образовната улога на ЈМС

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

– Производство и емитување на образоввна програма;
– Учество во проекти како што се Отворен (Работнички) универзитет.

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

– Придонес во концептите за доживотно учење;
– Партнерство во моделите за е-учење;
– Сообразување на образовните програми и на партнерства со барањата на времето.

4. Дополнувања на мисијата од аспект на општествената кохезија

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

– Креирање референтна телевизиска програма за промоција и за застапување за кохезија во општествената заедница која ќе биде од интерес на сите граѓани без исклучок;
– Елиминација на дискриминацијата во програмите и во вработувањето.

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

-Ј авниот медиумски сервис треба да учествува во елиминирање на дигиталната провалија и на елиминирање на нееднаквиот пристап кон технологиите со:
– Присутност на сите дигитални платформи и со програми и асистенција за публиката да има пристап до сите нив;
– Традиционалните содржини треба да бидат достапни на интернет-платформите и на другите интерактивни нови медиуми за да бидат широко достапни;
– Понуда од различни мултимедијални сервиси;
– Градење имиџ и на доверлив сервис во интернет-универзумот;
– Содржини за едукација за новите технологии на јазиците на сите етнички заедници во државата;
– Активна промоција на дигиталната медиумска писменост, како и на ВИ писменоста;
– Промоција на отворените дигитални стандарди.

Сето ова наложува дека новата дигитална ера бара ново партнерство меѓу граѓаните, односно публиката и јавните медиумски сервиси. Ова е неопходно за да се надмине застарениот модел на патернализам на јавниот радиодифузен сервис. Тој модел денеска е неодржлив, бидејќи се базираше врз асиметричната поставеност на улогите на радиодифузерот, на културните и на политичките елити од една страна и на публиката од друга страна. Тој концепт црпеше легитимитет од општествените разлики, наместо од општествената кохезијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен