Македонија е на 45. место од 180 земји, со вкупен резултат од 69,49 поени во годишниот извештај за слободата на медиумите на репортери без граници.
Земјата останува во горната половина на листата, но е три места пониско од лани, кога беше 42. Во регионален контекст, пред Македонија е Црна Гора на 41. место, додека зад неа се Хрватска, Романија, Бугарија, Србија и повеќе други земји од поширокиот регион.
Во профилот за Северна Македонија, „Репортери без граници“ наведуваат дека општата средина останува поволна за слободата на печатот, но дека државните институции не се доволно транспарентни, а критичкото новинарство сè почесто е изложено на напади. Организацијата укажува и на силна политичка поларизација, притисоци од власти, политичари и бизнисмени, како и на паралелни медиумски системи под политичко и економско влијание на двете најголеми партии.
Посебно чувствителен дел за Македонија е економската состојба на медиумите. Во оценката на „Репортери без граници“ се наведува дека државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, независните медиуми во голема мера зависат од донатори, а проектното финансирање најчесто овозможува преживување, но не и развој. Новинарството е оценето како прекарна професија, а дел од медиумите се изложени на влијание преку маркетинг-агенции.
Слободата на печатот во светот падна на најниско ниво од почетокот на мерењата на „Репортери без граници“, покажува новиот Светски индекс за слобода на медиумите за 2026 година. За првпат во 25-годишната историја на индексот, повеќе од половина од државите и териториите се оценети како „тешки“ или „многу сериозни“ средини за новинарство.
Индексот опфаќа 180 земји и територии и ја мери состојбата преку пет индикатори: политички, економски, правен, социокултурен и безбедносен. Најсилното влошување годинава е забележано кај правната рамка, што укажува дека притисокот врз медиумите сè почесто се врши преку закони, судски постапки, безбедносни аргументи и правни механизми што ја ограничуваат работата на новинарите.
Во извештајот се наведува дека новинарите и натаму се убиваат и затвораат поради својата работа, но дека нападите врз слободата на информирање стануваат пософистицирани. Наместо само отворена репресија, медиумите сè почесто се соочуваат со економско исцрпување, политичка дискредитација, правни притисоци и злоупотреба на националната безбедност како аргумент за ограничување на новинарската работа.
На врвот на листата десетта година по ред е Норвешка, додека Еритреја е на последното, 180. место. Во најтешката група остануваат и држави како Кина, Северна Кореја, Иран и Русија, каде што независното новинарство е под системска репресија, а дел од новинарите се во затвор, егзил или работат под постојан ризик.
Особено внимание во новиот индекс предизвика падот на Соединетите Американски Држави. САД се спуштија за седум места и сега се на 64. позиција, меѓу Боцвана и Панама. „Репортери без граници“ го поврзуваат падот со зголемен политички притисок врз медиумите, систематски напади врз новинарите, полициско насилство, случајот со салвадорскиот новинар Марио Гевара и драстичните кратења во американските меѓународни медиумски сервиси.
Во Америка, влошувањето не се ограничува само на САД. Аргентина падна за 11 места, Ел Салвадор за осум, а во Латинска Америка организираниот криминал и политичката репресија продолжуваат да бидат главни извори на ризик за новинарите. Во Перу убиствата на новинари влијаеле врз падот на земјата, додека во Никарагва и Куба независните медиуми функционираат во услови на систематски притисок или практично подземно работење.
Во Европа, сликата е поделена. Европската Унија формално доби посилна рамка преку Европскиот акт за слобода на медиумите, но „Репортери без граници“ предупредуваат дека дел од земјите-членки и натаму имаат проблеми со политичко влијание, јавни медиуми, концентрација на сопственост и законски решенија што можат да ја ограничат независноста на редакциите. Унгарија е рангирана на 74. место, Бугарија на 71., Хрватска на 53., а Италија на 56. место.
Глобалниот тренд покажува дека слободата на медиумите повеќе не се урива само во отворено авторитарни режими. Таа слабее и во демократии, преку судски тужби, политичка реторика, финансиски притисоци, зависност од реклами, институционална нетранспарентност и обиди јавните медиуми да се стават под контрола. Затоа индексот за 2026 година не е само ранг-листа, туку предупредување дека нападот врз медиумите сè почесто доаѓа како комбинација од право, пари и политика.