Србите се изборија за полесен влез во Грција, Македонците извисија

АИ генерирана фотографија

Српските туристи летово најверојатно ќе добијат полесен третман на грчките граници во шпицот на сезоната, додека македонските граѓани засега остануваат без јасна потврда дека за нив ќе важи истото олеснување од новиот европски систем за влез и излез.

Иако нема официјална одлука за целосно суспендирање на EES-системот, српските туристички претставници тврдат дека од грчка страна добиле уверувања оти контролите за српските граѓани ќе се применуваат пофлексибилно од 1 јуни до 30 август, за да се избегнат километарски колони на граничните премини кон Грција.

Во пракса, тоа би значело дека во најоптоварените денови и часови грчките гранични служби би можеле да вршат побрза, основна проверка на документите, без целосна биометриска процедура за секој патник. Целосната регистрација преку EES би се користела во периоди со помал сообраќај, особено кога нема голем притисок на премините.

Таквото решение е особено важно за Србија, од каде секое лето кон Грција патуваат повеќе од еден милион туристи. Српските туристички организации изминатиов период активно бараа истиот третман што Грција претходно го овозможи за британските туристи, односно флексибилна примена на новите правила во текот на летната сезона.

Македонија, пак, засега останува без таква јасна гаранција. Туристичката комора при Сојузот на стопански комори побара од грчките власти одложување на примената на EES-системот за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември, но досега нема потврда дека барањето е прифатено или дека македонските граѓани ќе добијат ист третман како српските туристи.

Ова значи дека македонските патници, барем засега, не знаат дали летниот одмор кон Грција ќе почне со вообичаена пасошка контрола или со дополнително задржување поради биометриска регистрација. Најголем притисок се очекува на премините Богородица, Дојран и Меџитлија, особено за викендите и за време на продолжените празници, кога илјадници македонски граѓани патуваат кон Солун, Халкидики, Олимписката Ривиера и грчките острови.

EES-системот е нов европски механизам за регистрација на патници од земји надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген-зоната за краток престој. Тој го заменува печатирањето на пасошите со електронска евиденција, фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ. Системот е целосно оперативен од 10 април 2026 година, а неговата цел е подобра контрола на надворешните граници и спречување на злоупотреба на дозволениот престој.

Проблемот е што првата регистрација трае подолго од класичната контрола, што во летна сезона може да создаде сериозни застои. Токму затоа дел од земјите и туристичките организации бараат флексибилна примена, особено на најфреквентните премини и во периодите кога границите се под најголем притисок.

Грчката влада веќе соопшти дека регулативата дозволува различни алатки за справување со зголемен притисок на границите и дека состојбата ќе се оценува според реалниот сообраќај. Но засега конкретни уверувања стигнуваат за српските туристи, додека за македонските патници останува само барањето од домашните туристички претставници.

Доколку оваа разлика остане и во летната сезона, Србија практично ќе обезбеди полесен туристички коридор кон Грција, а Македонија ќе влезе во сезоната со неизвесност, можни колони и без потврдено олеснување за своите граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен