Зошто Љутков го игнорира македонскиот јазик? Има ли Мицкоски чувство дека министерот не го спроведува законот

македонскиот

Денес, 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, повторно ќе се одбележи со изјави, патетични пораки и декларативна грижа за јазикот како темел на идентитетот.

Ова во оптимистичка опција зашто вчера, а еве ниту денеска од утрово, нема ниту една најава дека министерот за култура Зоран Љутков, ниту министерката за образование, а фала богу, ниту некоја од институциите задолжени за македонскиот јазик, немаат најавено некоја активност по повод денешниот ден: 5 Мај, Ден на македонскиот јазик.

Но дури и да има некоја активност, освен симболиката и формалноста со која би биле исполнети, останува непријатното прашање: дали државата навистина го штити македонскиот јазик или само формално го слави додека институциите што треба да го бранат – не функционираат?

Повеќе од две години по донесувањето на Законот за употребата на македонскиот стандарден јазик, клучниот механизам за негово спроведување – Инспекторатот за македонски јазик – практично не постои. Иако има назначен директор, институцијата е без инспектори, без оперативен капацитет и без реална можност да врши надзор. Овој апсурд ја разоткрива суштинската слабост на системот: законите се носат со политичка помпа, но нивната имплементација останува заглавена во административна инерција и институционална незаинтересираност.

Анализите на повеќе медиуми укажуваат дека причините за нефункционирањето на Инспекторатот не се технички, туку системски. Постапките за вработување се одолговлекуваат, нема јасен план за кадровско екипирање, а одговорноста се префрла меѓу институциите. Во меѓувреме, законот останува „мртво слово на хартија“, а јазичната политика – без алатки за спроведување.

Во еден разговор за Рацин,.мк, директорката на Инспекторатот без инспектори и функционалност, Менче Андреева, на прашањето кој е одговорен што нема инспектори и за доцнењето од две години вели:
„Постапката е законска и не зависи од мене.“

Ако не е до неа, да не е до неизниот шеф, министерот за култура, во чија надлежност е Инспекторатот за македонски јазик. Или до шефот на шефот, Христијан Мицкоски, кој досега не го прашал министерот: Зошто не ти функционира инспекторатот:

Вака, никој не е виновен. Одговорноста се разводнува меѓу закони, обуки и рокови – додека Законот за јазикот не се спроведува.

Лингвистите и експертите предупредуваат дека ваквата состојба не е само административен проблем, туку директен удар врз статусот на македонскиот јазик во јавната употреба. Професорката Симона Груевска-Маџоска, цитирана од „ПИНА“, посочува дека „без институционална контрола и санкции, нормите на стандардниот јазик не можат да се одржат во пракса“, нагласувајќи дека законот сам по себе не е доволен ако не се спроведува.

Сличен став изнесува и професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која за „Рацин.мк“ оценува дека „Инспекторат без инспектори е симбол на нефункционалноста на системот и недостигот од вистинска политичка волја“. Таа предупредува дека одложувањето на имплементацијата создава простор за дополнително маргинализирање на јазикот во институциите и јавниот дискурс.

Од друга страна, академик Катица Ќулавкова, во анализа за „Нова Македонија“, алармира дека „статусот на македонскиот јазик во јавната употреба не само што не се унапредува, туку во одредени сегменти се уназадува“, посочувајќи дека без функционален инспекторат нема механизам за корекција на девијациите и заштита на стандардот.

Овие оценки ја отвораат клучната дилема: дали државата навистина има стратегија за јазична политика или се задоволува со симболични гестови? Фактот дека Инспекторатот поставен на хартија не доби живот којшто требаше да му го даде оваа влада.

Тоа укажува дека за Владата прашањето за јазикот не е приоритет, туку реторичка алатка која се активира во пригодни моменти. Најчесто во патетична, дефанзивна ситуација поттикната од политичко-партиска полза.

Затоа, проблемот станува уште подлабок ако се земе предвид дека македонскиот јазик, покрај внатрешната негрижа, е изложен и на надворешни политички притисоци и негирања. Во таков контекст, отсуството на функционални институции за негова заштита не е само пропуст, туку ризик со долгорочни последици.

Затоа, одбележувањето на 5 Мај без реални чекори за ставање во функција на Инспекторатот звучи како празна форма. Наместо системска грижа, добиваме институционална летаргија; наместо одговорност – административни оправдувања. А јазикот, кој се слави како идентитетска вредност, останува без институционална заштита таму каде што најмногу му е потребна – во секојдневната јавна употреба.

Оттаму, прашањето „зошто не функционира Инспекторатот?“ на крајот се сведува на едноставен одговор: затоа што нема доволно политичка волја да се спроведе она што веќе е изгласано. Сè додека тоа не се промени, Денот на македонскиот јазик ќе биде повеќе ден на симболика отколку на суштинска грижа.

Зачлени се на нашиот е-билтен