Александар Вучиќ повторно зборува за војна во момент кога најголемиот притисок врз него не доаѓа од надвор, туку одвнатре. Неговата порака дека Србија денес е „многу посилна“, дека има „со што да оди во војна“, но дека тој нема да ја води земјата во конфликт, е класична формула на лидер кој прво ја отвора сликата на опасност, а потоа самиот се претставува како единствениот што може да ја контролира.
Поводот е неговата најавена посета на Кина, која ја претставува како една од најважните во неговата политичка кариера. Со Си Џинпинг најавува разговори за роботика, вештачка интелигенција, воено-техничка соработка, економија, инфраструктура и образование. На хартија, тоа звучи како развојна агенда. Во политичка практика, Вучиќ ја користи посетата за да испрати две пораки: надворешна — дека Србија има моќни партнери и не е сама, и домашна — дека неговата власт е гарант на сила, стабилност и мир.
Токму во таа двојност е суштината на неговиот политички јазик. Вучиќ не вели само дека Србија се вооружува за да се брани. Тој ја претвора војската во доказ дека државата се „вратила“, дека претходно била слаба, а денес е способна да одговори. Со тоа, секоја критика кон него лесно може да се прикаже како критика кон државата, армијата или националната безбедност.
Србија навистина вложува многу во воена модернизација. Белград во последните години набавува опрема од Европа, Израел и Кина, а Вучиќ во април 2026 побара создавање единици со нападни дронови. Reuters објави дека Србија за одбрана издвојува 3,3 проценти од БДП, купува дронови, ракети, хеликоптери, транспортни авиони и француски „Рафал“, додека соседите како Хрватска, Босна и Косово гледаат на ваквото вооружување како потенцијален ризик за регионалната стабилност.
Кина во таа слика има посебно место. Србија веќе потврди дека купила кинески ракети CM-400AKG, со што стана првата европска земја што ги користи тие системи. Тој договор не е само воен, туку и геополитички сигнал: Белград формално останува кандидат за Европската Унија, но во безбедносна и политичка смисла продолжува да гради силна врска со Пекинг и да ја одржува старата рамнотежа со Москва.