Цената на струјата ќе се формира според понудата и побарувачката

Цената на електричната енергија нема да се одредува со административни одлуки, туку според понудата и побарувачката на пазарот, порача директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, по стартот на тргувањето на пазарот „во тековниот ден“.

Станува збор за нов сегмент од организираниот пазар на електрична енергија, познат како intraday market, кој овозможува купување и продажба на струја во текот на самиот ден на испорака. Со тоа, учесниците на пазарот добиваат можност побрзо да реагираат на промените во производството и потрошувачката.

Ѓорѓиевски истакна дека цената на организираниот пазар се формира врз основа на реалната понуда и побарувачка, а не преку административно утврдени одлуки. Според него, ваквиот модел треба да обезбеди појасни ценовни сигнали за производителите, снабдувачите и потрошувачите.

Интрадеј-пазарот е важен за електроенергетскиот систем бидејќи струјата се произведува и троши речиси во ист момент, па балансот меѓу понудата и побарувачката мора да се одржува постојано. Новиот пазар овозможува корекции во тргувањето во текот на денот, особено кога има промени во производството од обновливи извори или во потрошувачката.

Од МЕМО очекуваат дека овој механизам ќе придонесе за поголема транспарентност, поефикасно тргување и подобро усогласување на домашниот електроенергетски пазар со европските правила.

Зачлени се на нашиот е-билтен