Животното што синоќа беше пронајдено во скопско Козле и пренесено во карантин во Зоолошката градина во Скопје, според првичните информации на Агенцијата за храна и ветеринарство, не е волк, туку куче со микрочип. Сопственикот веќе е идентификуван и побарал животното да му биде вратено.
Од АХВ посочуваат дека животното допрва ќе биде предмет на испитувања, по што ќе се утврдат следните чекори. До завршување на проверките, тоа останува во карантин, каде што е пренесено по пријавата што предизвика внимание во јавноста поради сомнежот дека во населена средина се движи волк.
Случајот повторно го отвори прашањето за важноста на микрочипирањето на домашните миленици. АХВ претходно апелираше до сопствениците на кучиња да ја почитуваат законската обврска за идентификација и регистрација, бидејќи микрочипот овозможува утврдување на сопственоста и полесно враќање на изгубено животно кај сопственикот.
Микрочипирањето е еднократна процедура, а податоците за животното и сопственикот се внесуваат во електронската база. Сопствениците имаат обврска да пријавуваат промени на податоците, губење, купопродажба или угинување на животното преку надлежно ветеринарно друштво.