Професорката на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, д-р Ана Чупеска, предупреди дека Македонија се соочува со сериозна криза на дигиталниот суверенитет, когнитивната безбедност и ерозија на демократската јавна сфера, оценувајќи дека современите закани одамна ги надминале класичните безбедносни рамки.
Оваа своја оценка, меѓу другото, таа ја презентираше на Втората научна конференција „National Security Cultures – A View from the Balkans“, која вчера се одржа во Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје, и на која во фокусот беа прашањата за безбедносната култура, демократската отпорност и современите безбедносни политики.
Во своето експозе пред академската јавност, Чупеска истакна дека безбедноста во дигиталната ера повеќе не може да се сведе само на технички и воени аспекти, туку станува прашање на заштита на демократијата, човековата автономија и самата човечка свест.
„Сведочиме на акутна криза на персоналниот дигитален суверенитет, кој е под притисок на ‘надзорниот капитализам’“, рече Чупеска, додавајќи дека личните податоци денес се претворени во „бихејвиорална суровина“ која се користи за манипулација и контрола на поединците.
Таа предупреди дека масовната примена на вештачката интелигенција дополнително ја дестабилизира психолошката сигурност кај граѓаните и создава услови за политичка инструментализација и таканаречени „psyop“ операции, односно на манипулација која ги деградира свесните одбранбени механизми на луѓето.
Според неа, „отсуството на вредносно стимулирачки когнитивен развој ги прави луѓето податливи на софистицирано псиоптирање“.
Во експозето беше нагласено и дека Македонија е особено ранлива поради ниското ниво на медиумска и дигитална писменост. Чупеска оцени дека асиметричните медиумски екосистеми создаваат „онтолошка несигурност“, односно длабока вознемиреност кај граѓаните околу стабилноста на сопствениот идентитет и реалноста во која живеат.
Осврнувајќи се на институционалните политики, професорката оцени дека создавањето ресор за дигитална трансформација и потпишувањето меѓународни конвенции не се доволни без суштинска заштита на граѓаните од дигитални манипулации.
„Безбедноста во дигиталната ера одамна не е само техничко прашање. Таа претставува клучен елемент за зачувување на демократската практика и самата човечка суштина, нејзината епистемолошка и онтолошка димензија. Безбедноста мора да се реферира на нови точки на анализа, кои се наоѓаат далеку од класичните модели на воена сила, геополитичко позиционирање или економска доминација. Ова бара посилна афирмација на темата за безбедносната култура, особено во нејзината популарна и општествено разбирлива форма“, посочи Чупеска, додавајќи дека неопходно е да се развие сеопфатна платформа која ќе ги интегрира безбедносната, политичката и културната димензија, како и да се зајакне отпорноста на општествата.
„Не може да бидеме сите бесплатни податочни точки“, порача Чупеска, додавајќи дека заштитата на приватноста мора да стане културна и демократска вредност, а не само административна процедура.
Таа предупреди и на растечкото когнитивно војување, кое, како што наведе, ги таргетира „епистемичките, вредносните и идентитетските структури на општеството“. Според неа, современите закани не се насочени само кон инфраструктурата, туку директно кон свеста и вредносниот систем на граѓаните.
Како излез од состојбата, Чупеска предложи стратегија базирана на демократијата, супранационалната интеграција и образованието. Таа оцени дека Македонија мора да ја третира демократијата како „врвен безбедносен интерес“ и да инвестира во критичка свест, етичко расудување и обновување на авторитетот на професионалното новинарство и науката.
„Сигурноста и безбедноста на Македонија во дигиталниот век не се гради со софтверски firewalls, со министерства и со фрази за е-демократија, туку со отпорни и свесни луѓе“, заклучи Чупеска во своето обраќање.
