Тошковски во одбрана на премиерот, не се врши притисок врз обвинителството

Притисок врз обвинителството нема, уверува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако телефонскиот разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и државниот јавен обвинител Ненад Савески ја отвори дилемата каде завршува институционалниот интерес, а каде почнува политичката чувствителност. Разговорот се случил по одлуката за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, предмет што ја вжешти линијата меѓу Владата, Обвинителството и опозицијата.

Тошковски, во настап на Канал 5, застана во одбрана на премиерот и рече дека лично верува оти Мицкоски не би влегол во незаконска комуникација со јавниот обвинител, ниту би влијаел врз кој било обвинител како да постапува. Според него, премиерот најверојатно сакал да добие изворна информација за случај што ја вознемирил јавноста.

Но токму тука е суштинската дилема. Дури и кога разговорот не содржи незаконско влијание, јавноста има право да праша како изгледа таквата комуникација кога се случува во момент на висока политичка тензија и по предмет од голем јавен интерес. Во правосуден систем со ниска доверба, проблемот не е само што било кажано, туку и дали институциите оставаат впечаток дека обвинителството има доволна дистанца од извршната власт.

Од Јавното обвинителство претходно потврдија дека Савески за првпат телефонски разговарал со Мицкоски, но нагласија дека во разговорот не се дискутирале детали од конкретни предмети, вклучително и за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Оттаму посочија дека одлуките во предметот ги носи надлежниот јавен обвинител од Обвинителството за организиран криминал и дека сите институции се должни да ја почитуваат уставно загарантираната независност на обвинителството.

Тошковски, сепак, не ја бранеше одлуката за запирање на постапката. Напротив, тој оцени дека не смее да има тивок обид за затворање на предметот и дека е чудно како минатата година постоеле докази за акција, а сега постапката била запрена со образложение дека нема докази. Со тоа министерот се обиде да направи јасна разлика меѓу одбраната на премиерот од обвинувања за притисок и критиката кон начинот на кој обвинителството постапило во предметот.

Опозицијата, пак, ја чита истата ситуација сосема поинаку. СДСМ побара оставка од Савески, обвинувајќи дека телефонскиот разговор е доказ за политичко мешање во обвинителството и за „телефонски нарачки“ од премиерот. ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, бара одговорност од обвинителските структури поврзани со запирањето на предметот за мазут, оценувајќи дека јавноста не добила уверливо објаснување зошто случајот се затвора.

Најчитано