Има нешто длабоко болно во оваа земја кога шампионска титула, наместо да заврши со спортска радост, завршува со вулгарна песна за жена. Не за противнички играч. Не за судиска одлука. Не за фудбалски ривал. Туку за жена која со децении е еден од најчистите симболи на македонската култура.
Каролина Гочева.
Има уште поболно нешто кога човек што треба да биде директор, претставник на клуб, некој што треба да внесе ред, достоинство и институционална тежина, застанува во центарот на таа простотија, ја нормализира, па потоа се „извинува“ така што навредува друга жена. Тоа веќе не е навивачка еуфорија. Тоа е дијагноза на јавната машкост во распаѓање.
ФК Вардар ја освои шампионската титула по победата над Струга, а потоа на социјалните мрежи се појави видео на кое дел од тимот слави со вулгарна песна за Битола и Каролина Гочева. Канал 5 и Рацин.мк ја пренесоа снимката и ја оценија како мизогинична и вулгарна, а Министерството за спорт и ФФМ јавно го осудија однесувањето.
Но ова не е текст за песна. Ова е текст за културата што мисли дека жената е секогаш легитимна мета. За оние мажи што немаат капацитет да слават без да понижат. За оние што кога ќе добијат пехар, прво бараат женско име врз кое ќе ја истурат својата примитивна радост. За оние што мислат дека „машка гледна точка“ значи право да се бира која жена ќе биде јавно влечкана низ навивачка кал.
Тоа не е машкост. Тоа е морална импотенција.
Не медицинска, туку општествена. Онаа импотенција на маж што не знае да создаде ништо, па мора да понижи некого. Не знае да биде голем, па бара некоја жена да ја направи мала. Не знае да носи победа, па ја валка со простотија. Не знае да биде лидер, па станува гласноговорник на најевтиниот балкански тестостерон.
И тука доаѓаме до „извинувањето“. Миленко Неделковски објави дека во свое име и во име на клубот ѝ се извинува на Каролина затоа што во еуфорична прослава била испеана „стандардна, но вулгарна навивачка песна“. Но веднаш потоа додаде: „од машка гледна точка, а имајќи ја предвид Битола, кому таква песна да пееме? На Весна Бендевска ли? Во Вардар играат и работат мажи со префинет вкус“.
Тоа не е извинување. Тоа е продолжение на навредата со друга адреса.
Тоа е класичен модел на мизогинија во јавен настап: прво ќе навредам една жена, потоа ќе се извинам така што ќе навредам друга, па ќе го наречам тоа „префинет вкус“. Тоа е таа стара, здодевна, распадната патријархална маска – мажот како судија на женската вредност, мажот како комисија за женска подобност, мажот како самопрогласен сопственик на јавниот простор.
Дедо Миленко, до глужд не си на Каролина!
Не затоа што Каролина е недопирлива. Никој во јавниот живот не е недопирлив. Туку затоа што Каролина е нешто што ти никогаш не си успеал да станеш – достоинство без викање, популарност без простотија, влијание без омраза, присуство без потреба да се гази по други.
Каролина не е само пејачка од Битола. Таа е една од ретките македонски јавни личности што преживеаја три децении на сцена без да се претворат во карикатура на самите себе. Почна како дете, порасна пред очите на јавноста, двапати ја претставуваше Македонија на Евровизија, во 2002 и во 2007 година, а со проектите како „Македонско девојче“ и „Македонско девојче 2“ направи нешто што многумина културни институции не успеаја – го врати македонскиот мелос во современ, урбан, достоен и регионално разбирлив звук.
Каролина е жена која со глас го носеше македонското име надвор од границите, но никогаш не го претвори тоа во евтин патриотски перформанс. Не мораше да урла за да биде македонска. Не мораше да навредува за да биде битолска. Не мораше да плука по други за да биде голема.
А тоа е, изгледа, неподносливо за мали мажи.
Затоа што малите мажи не мразат само жени. Тие мразат жени што не им должат ништо. Жени што не бараат дозвола. Жени што не зависат од нивната потврда. Жени што имаат кариера, глас, интегритет и јавна љубов која не е купена со партиска, навивачка или медиумска агресија.
Каролина е важна и затоа што својата јавна тежина ја користела и надвор од сцената. Се вклучи во кампања за поттикнување на органодарителството, со порака за спасување животи и солидарност, а претходно се вклучуваше и во кампањи против насилството врз жените и девојчињата.
Затоа оваа вулгарност не е само напад врз една пејачка. Ова е напад врз модел на жена што ова општество треба да го почитува: успешна, тивко моќна, културно важна, хуманитарно присутна, независна од балканската потреба за машко одобрување.
И тука мора да престанеме со најголемата лага: „Тоа е само песна“.
Не, не е само песна!
Тоа е речник. Тоа е атмосфера. Тоа е тренинг на јавна суровост. Тоа е училиште во кое момчињата учат дека женското име може да биде рима за понижување, женското тело јавна територија, женското достоинство навивачки реквизит, а мажот „фраер“ ако пред толпа покаже колку ниско може да падне.
Потоа истото општество глуми шок кога ќе броиме фемициди.
Не е исто вулгарна песна и фемицид. Никој сериозен не го тврди тоа. Но сериозните луѓе знаат дека фемицидот не почнува со нож. Не почнува со пиштол. Не почнува со последниот удар. Почнува многу порано – со јазикот во кој жената е „кучка“, „курва“, „за пеење“, „за газење“, „за дисциплинирање“, „за да ѝ се покаже“. Почнува со јавни мажи што се смеат кога жената е понижена. Почнува со институции што премолчуваат. Почнува со публика што вели: „Ајде бе, навивачка песна“.
Од 2023 до ноември 2025 година во Македонија биле убиени 18 жени и две малолетни девојчиња, а според податоци што ги пренесе Радио Слободна Европа, земјата е високо рангирана во Европа по фемициди според Евростат. Во таква земја, јавниот говор против жените не е невина забава. Тој е дел од културната почва во која насилството никнува, се храни и се оправдува.
Затоа ова не смее да се затвори со „извинување“. Особено не со извинување што веднаш потоа отвора нова навреда. Не смее да се затвори ни со „момците се занеле“. Кога јавен клуб, јавни спортисти и јавен функционер во спортот учествуваат во понижување жена, тоа не е приватна журка. Тоа е јавна порака.
А пораката е одвратна!
Таа вели дека жените се материјал за навивачки хумор. Дека славјето на мажите е поважно од достоинството на жените. Дека „машката гледна точка“ е доволна причина една жена да биде ставена на тапет. Дека спортската победа дава право на морален пораз.
Не дава!
Вардар има право да слави титула. Навивачите имаат право да бидат горди. Фудбалерите имаат право на еуфорија. Но никој нема право својата еуфорија да ја претвори во јавно понижување жена. Особено не клуб што сака да се нарекува голем. Големите клубови создаваат култура. Малите луѓе создаваат скандали.
И тука, да бидеме јасни: проблемот не е само Миленко. Проблемот е системот што постојано ги рециклира ваквите ликови во јавен простор, им дава микрофон, функција, клуб, публика, па потоа се чуди кога од нив ќе излезе тоа што секогаш излегувало – омраза спакувана како хумор, простотија претставена како автентичност, агресија продадена како карактер.
Тоа се тие наши локални „мачо“ митологии: маж што навредува жена е „директен“. Маж што понижува е „народен“. Маж што се дере е „храбар“. Маж што не знае да се контролира е „емотивен“. Маж што не знае да се извини е „таков си е“.
Не. Таков си е – не е оправдување. Таков си е – е предупредување!
А ако ФФМ, Министерството за спорт, клубот и јавноста сакаат да покажат дека нешто се сменило, тогаш нека не заврши ова со уште еден статус, уште едно половично извинување и уште едно колективно заборавање. Нека има одговорност. Нека има јасна санкција. Нека има порака дека спортот не е засолниште за мизогинија. Нека има граница.
Зашто ако нема граница, утре истото ќе се повтори со друга жена. Со друга пејачка. Со новинарка. Со политичарка. Со судијка. Со девојче од трибина. Со која било жена што во тој момент ќе им биде погодна на „мажите со префинет вкус“.
А Каролина ќе остане таму каде што е – во културната меморија на Македонија.
Миленко ќе остане таму каде што сам се сместува – во фуснотите на јавната простотија.
И затоа, да, насловот е точен.
Дедо Миленко, до глужд не си на Каролина.

