СДСМ најави кривична пријава и интерпелација против претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради, како што тврди партијата, континуирано кршење на Деловникот и злоупотреба на функцијата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Гаши ја свикал Комисијата за финансирање и буџет иако претседателката на комисијата, Сања Лукаревска, била присутна. Според Филипче, Деловникот не дозволува претседателот на Собранието да овластува друг пратеник да ја води комисијата кога нејзиниот претседател е присутен.
Филипче оцени дека не станува збор за изолиран случај, туку за пракса во работата на претседателот на Собранието. Тој најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе и кривична пријава и интерпелација против Гаши.
Паралелно со спорот околу собраниската процедура, СДСМ соопшти дека нема да учествува во расправата за новото задолжување од 260 милиони евра. Филипче оцени дека Владата нема јасно образложение за што ќе се користат средствата и дека новиот заем дополнително ја зголемува задолженоста на државата.
Заемот се однесува на задолжување кај странски комерцијални банки. Според достапните информации од предлог-законот, средствата треба да се користат за општи буџетски потреби, капитални расходи и сервисирање на постојни обврски утврдени во Буџетот.
Условите предвидуваат заемот да се повлече во една транша, со рок на отплата од седум години, грејс период од три години и отплата во девет еднакви полугодишни рати. Каматната стапка е променлива и се пресметува како шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 2,10 проценти. Дополнително, предвидена е еднократна провизија од 1,4 проценти од износот на заемот и годишен надоместок од 12.500 евра за агентот на заемодавачите.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата на СДСМ. Пратеникот Бојан Стојаноски изјави дека најавата за интерпелација е политички потег на опозицијата, а неучеството во расправата го оцени како избегнување на дебата.
Стојаноски тврди дека заемот е обезбеден под најповолни услови достапни на пазарот и дека дел од средствата се наменети за отплата на еврообврзница која доспева во јуни. Според него, средствата ќе се користат и за капитални инвестиции, плати, пензии, инфраструктура, болници, училишта и други проекти.
