Оперскиот пејач Ристе Велков и неговиот син загинаа во несреќата на скопската обиколница

Оперскиот пејач Ристе Велков и неговиот син Адам се меѓу четирите лица кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница, помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци.

Според информациите од МВР, несреќата била пријавена синоќа во 23 часот во СВР Скопје. Во судирот учествувале товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки и патничко возило „бмв“ со скопски регистарски таблички.

Полицијата соопшти дека 76-годишниот возач на камионот, државјанин на Косово, изгубил контрола врз возилото, ја преминал металната ограда и навлегол во спротивната насока на автопатот, каде што се судрил со автомобилот.

По судирот избувнал пожар во двете возила. Патничкото возило и кабината на камионот целосно изгореле, а пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

На местото на несреќата починале возачот на автомобилот, Р.В. на возраст од 51 година, двајца 20-годишни сопатници, А.В. и П.М. од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет првично не бил утврден. Според медиумските објави, меѓу загинатите се оперскиот уметник Ристе Велков и неговиот син Адам.

По наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се предадени на обдукција. Возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Од МВР најавија дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

За време на увидот, сообраќајот на овој дел од обиколницата бил пренасочуван од 23:10 до 05:00 часот, по што е нормализиран.

Велков беше баритон и солист поврзан со македонската оперска сцена. Во биографијата објавена од Националната опера и балет е претставен како еден од водечките македонски баритони, со настапи во оперски и концертни продукции.

Најчитано