Пеп Гвардиола официјално потврди дека се разделува со Манчестер сити, со што ќе стави крај на својата ера на „Етихад“ по 10 години.
И клубот и самиот тренер ја потврдија разделбата на крајот од актуелната сезона, откако Гвардиола на клупата на Манчестер сити освои дури 20 трофеи и го одведе клубот до титулите европски и светски шампион.
Последниот натпревар на клупата на Манчестер сити ќе му биде викендов против Астон вила.
„Какво само време поминавме заедно. Не прашувајте ме за причините за моето заминување. Нема некоја посебна причина, но длабоко во себе знам дека ова е моето време. Ништо не е вечно, а да беше, ќе останев тука. Вечни ќе останат чувството, луѓето, спомените и љубовта што ја имам кон мојот Манчестер сити“, изјави Гвардиола во официјалното соопштение.
И покрај заминувањето од функцијата менаџер на Манчестер сити, Пеп ќе ја продолжи соработката со „Сити фудбал груп“, каде што ќе ја преземе улогата на глобален амбасадор.
Новата улога ќе вклучува давање технички совети за клубовите во групацијата, работа на специфични проекти и соработка.
Гвардиола со Граѓаните освои шест титули во Премиер лигата, четири ФА купа, пет Лига купови, Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и Светско клупско првенство.
