Високата побарувачка, стабилната цена и повеќекратната заработка го прават лукот една од најпрофитабилните земјоделски култури во регионот. Иако производители во регионот покажуваат зголемен интерес за одгледување, пазарот сè уште зависи од увозот од Кина и Шпанија.
Со помош на технологијата, пристапот до интернет и можноста за постојано едуцирање земјоделството доби нов лик, којшто е многу полесен и поинтересен за нас младите“, вели 26-годишниот Никола Ќиров од Кавадарци.
Никола e дипломиран архитект, кој досега одгледувал лозови насади, но решил да ги прошири земјоделските површини и да почне да одгледува лук.
„Јас како дипломиран архитект, егзистенцијата ја обезбедувам преку малопродажба во сопствена продавница за грејни тела и огрев. Како фамилија што живее во лозарскиот крај, одгледуваме и лозови површини, но не повеќе од 2 ха. Лозарството е една гранка која бара многу предвидување на условите и навремено реагирање. Со помош на технологијата, одгледувањето е многу поедноставено. Затоа се решив оваа година за проширување на земјоделските површини, но со нова градинаска култура – лук“, истакна Никола во интервју за Агротим.
Бидејќи неговото семејство претходно не ја одгледувало оваа градинарска култура, Никола користел искуства од пријатели, списанија и од интернет, а механизацијата ја прилагодил од реклами за продажба на машини за обработка на лук.
Како добри искуства што можат да помогнат се оние од Србија. Во Србија годишно се произведуваат околу 3.700 тони лук, но домашното производство сè уште не е доволно за да ги задоволи потребите на пазарот, па дури 70 проценти од потрошувачката се компензира со увоз, претежно од Кина и Шпанија.
Токму поради големата побарувачка и добрата заработка, лукот станува сè поинтересна култура за локалните земјоделци.
Според проценките на експертите, лукот се одгледува на околу 1.300 хектари во Србија, а приносите се движат помеѓу осум и 15 тони по хектар, во зависност од сортата и условите за производство.
Повеќето плантажи се наоѓаат во Војводина и јужните делови на земјата, претежно на помали семејни фарми.

Еден од производителите што се одлучиле за оваа култура е Горан Лазиќ од Кикинда, кој минатата есен засадил лук на повеќе од половина хектар.
Благодарение на системот за наводнување „капка по капка“, тој очекува висок принос, а особено го нагласува квалитетот на домашната сорта „Босут“, која ја избира и размножува со години за да добие поголеми класови и подобар род.
Експертите велат дека лукот има повеќе предности од другите градинарски култури. Релативно е отпорен на болести и штетници, може да напредува на различни видови почва, а дополнителна погодност е што има две сеидби и две берби годишно – пролетно и есенско производство.
Покрај широката примена во исхраната, лукот игра значајна улога и во прехранбената и фармацевтската индустрија.
Се користи за производство на додатоци во исхраната, природни препарати и лекови, поради што побарувачката за ова растение расте со години.
Земјоделските експерти проценуваат дека производството на лук претставува сериозна деловна можност за новите производители.
Иако инвестициите по хектар изнесуваат околу 5.000 евра, приходот може да биде многу пати поголем, па заработката во некои случаи достигнува пет до шест пати повеќе од почетната инвестиција.
