Младинската организација Youth for Struga спроведе акција за поттикнување на јавната свест за одржување на чистотата во Струга, преку поставување канти за отпадоци и информативни табли со пораки до граѓаните и посетителите.
На дел од поставените табли стојат пораките „Кантата не каса“ и „Струга е на сите“, со цел на едноставен и директен начин да се потсети дека јавниот простор е заедничка одговорност.
Акцијата има едукативен карактер и е насочена не само кон жителите на Струга, туку и кон туристите кои го посетуваат градот, особено во период кога фреквенцијата на луѓе е поголема, а потребата од грижа за јавната хигиена станува повидлива.
Од Youth for Struga порачуваат дека малите навики, како фрлањето отпад во канта, се важен дел од културата на живеење и од односот кон градот.
