ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА М-Таг и М-Кард: Од 15 јуни нов режим на патарините

Од 15 јуни 2026 година се менува начинот на користење на лентите за електронска наплата на патарините. Јавното претпријатие за државни патишта ги извести корисниците дека лентите означени за М-Таг ќе бидат наменети исклучиво за возила што користат електронски тагови.

Со оваа измена, плаќањето со М-Кард на лентите означени за М-Таг се укинува. Корисниците кои плаќаат со М-Кард ќе треба да ги користат останатите достапни ленти на наплатните станици, според нивната намена и поставената сигнализација.

Од ЈПДП апелираат возачите строго да ја почитуваат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици. На нив ќе биде јасно означено кои ленти се наменети за електронска наплата со М-Таг и М-Кард, а кои за готовинско плаќање.

Возачите треба да ја следат и сигнализацијата за статусот на лентите. Зелената стрелка означува активна, односно отворена лента, додека црвениот икс означува затворена лента.

Од претпријатието предупредуваат дека непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на движењето на возилата низ наплатните станици.

Известувањето се објавува со цел корисниците навреме да се информираат и да се прилагодат на измените во системот за наплата.

Најчитано