Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Индоктринација со „славната“ српска историја

Нашата култура ги воспитува младите дека најголема мачо вредност е да се умре во име на ирационална цел. Затоа застанавме под НАТО бомбите, наместо како рационални луѓе да го собориме лудиот Милошевиќ. Да погледнеме само колку Срби денес би биле спремни да се жртвуваат за невозможната путинистичка фантазија за „Пансловенска империја“.

„Лелек и гробишта се народот мој. А сјајното минато е лага.“ (Милош Црњански)

Пишува: Александар САВАНОВИЌ*

Месецот јуни е вистинскиот момент да се занимаваме со славната српска историја и озлогласената српска историографија, за која и побрз преглед може да утврди дека е всушност вистинска индоктринација со измислени, полуизмислени, произволно поврзани, премолчени и фалсификувани наративи. Исклучително е тешко да се разликува што е научен факт, што навистина се случило, а што е едноставна измислица за целите на индоктринацијата.

Но, лесно е да се одреди обемот на тој ментален инженеринг. За тоа постои едноставен тест: секоја година кога прашувам нова генерација студенти за две познати битки од нашата историја – Косово и Никопоље, по правило, огромното мнозинство, ако не и сите, не слушнале за втората. Тоа ни кажува многу, не само за обемот на индоктринацијата, туку и за нејзината намера.

Бајката за Косово

Сите можни детали за Косово и 1389 година ги знаеме уште од мали нозе: Лазар и поканата, Обилиќ и Мурат, вечерата, предавството, „клетвата“ итн. Имаме и одличен филм, кој ги прикажа сите клучни моменти од приказната. Што е проблемот? Имено, ништо од ова не се заснова на научни докази. Единственото нешто што науката утврдила е дека авторите на овој мит се принцезата Милица и патријархот Данило. Изворите за Косово се многу оскудни и главно посредни. Станува збор за наратив заснован на народна традиција која се формирала во вековите по битката. Бидејќи нема веродостојни извори, народната фантазија можела да се размафне.

Сепак, ова не е вистината за настаните, туку проекција на фантазиите во минатото. Така, на пример, нејасно е кој го убил Мурат (до 16 век не се споменува Обилиќ, но се споменуваат 12 витези), а еден турски историчар ме убедуваше дека Бајазит всушност ги убил и Јакуб и Мурат. Кога ќе погледнеме што е напишано за Косово во „Историјата на Србите“ на Ќоровиќ, книга што мора да ја има секое вистинско српско домаќинство, ќе видиме дека таквиот недостаток на факти јасно се признава.

Никопол

Таква неизвесност нема кога се работи за битката кај Никопол (во Бугарија, заб. на прев.) во 1396 година. Историчарите го проучувале детално, што не е изненадувачки, со оглед на важноста на битката: тоа беше последната голема крстоносен поход. Таму се судриле христијанската коалиција предводена од Сигизмунд, „кралот на Унгарците и Хрватите“, од една страна, и османлиско-српската коалиција предводена од Бајазит. На Википедија можеме да го најдеме следниов опис на актерите (кој, за жал, многу потсетува на денешните коалиции):

Османлиите биле на работ на пораз, сè додека во битката не се вклучил брилијантниот Стефан Лазаревиќ, со српските војници во тешки оклопници, и направил пресврт во битката, која завршила со масакр и колење на илјадници европски благородници. Оваа голема битка и славна победа на „српското оружје“ е премолчена во нашата основно-средношколска историја и очигледно постои сериозен напор да се избрише од колективната меморија.

Еднаков обид да се заборави, или барем тивко да се игнорира, можеме да видиме на примерот на Стефан Лазаревиќ, еден од нашите најистакнати воини, витез од Редот на Змејот. Иако неговиот живот е документиран, а неговите легати сè уште го издржуваат тестот на времето, невообичаено е колку помалку (ако воопшто) се појавува во нашата колективна меморија во споредба со речиси целосно непознатиот Обилиќ. Во легендарната битка кај Анкара, кога Монголите ги прегазиле Османлиите, Стефан се истакнал на бојното поле и останал со своите витези покрај султанот Бајазит. Меѓутоа, Бајазит бил поразен и завршил кај Тимур (или Тамерлан, монголски Кан) како затвореник. Според некои романтични извори, Бајазит – со прекар „Молња“ – се самоубил кога видел како Оливера, гола, како му служи вино на Тимур, удирајќи си ја главата во ѕидот на ќелијата. (Оливера Лазаревиќ, ќерката на царот Лазар, по поразот на српската војска на Косово Поле, се омажила за Бајазит за да ги сочува живи членовите на семејството; заб. на прев.). Исто така еден убав детал од нашата историја кој се обидуваме да го заборавиме.

Фамагуста

Имаме безброј слични примери на свесно незнаење. Во Венеција налетав на еден од оние за кои малкумина овде знаат. Венецијанците ја имаат траумата од Фамагуста во нивната колективна меморија. Тоа е завршната битка од опсадата на Крит. Опсадата ја водел Лала Кара Мустафа-паша, а одбраната ја држеле благородниците под команда на Маркантонио Брагадино. И покрај бројната надмоќ, Турците не успеаја да се пробијат. Било договорено градот да се предаде, а бранителите да бидат ослободени. Меѓутоа, разгневен од загубата на 20.000 војници (вклучувајќи 12.000 јаничари), Пашата го изневерил договорот и ги убил благородниците, а Брагадин го одрал жив. Неговата кожа и ден денес се чува во црквата Сан Џовани во Венеција. Се згрозив кога дознав дека Венецијанците вината за оваа нечесна работа ја префрлаат на нас Србите – имено, тие тврдат дека Пашата бил Србин. На моето прашање: „Еј, луѓе, дали сте нормални? – нема Србин по име Мустафа“, ми ги кажаа фактите: тој е потурчен Србин од Сењак, од познатото „српско-отоманско“ семејство Соколовиќ.

Генерално, антисрпското чувство на Млетската (Венецијанска) Република го објаснуваат со: „Секогаш бевте на страната на Турците“. На моето тврдење дека всушност сме најголемите жртви на Османлиите и дека сме предадени од остатокот на Европа, само затоа што не сме католици, беше одговорено со факти кои покажуваат дека во бескрајните венецијанско-отомански војни, нашите предци биле, по правило на страната на Османлиите. На пример, во битката кај Лепанто во 1571 година, една од најважните битки во европската историја, барем една „српска“ галија се борела на страната на Турците. Учествувал и еден наш сограѓанин, подоцна отомански адмирал, Халил-паша Лијевчанин (на бродот на самиот Улуч Али).

Неговото турбе сè уште може се наоѓа во нашиот град, кај „Бука“. Но, освен мене, мислам дека малкумина знаат за кого се работи. Иако сите оттаму поминуваме кога сакаме да пиеме кафе гледајќи преку реката во „Шехер“ (градот) – денешните „Српске Топлице“ (дел од Бања Лука).

Индоктринација

Има безброј слични примери и би биле потребни томови книги за да се документира. Што ни кажува овој избор и самоцензура на историјата? Прво, очигледно не учиме вистинска историја, туку некаква митологија. Последица на тоа е што немаме основен инструмент за да се разбереме себеси – т.е. од нашето минато: не учиме кои сме и што навистина сме биле, туку што сакаме да бидеме. За таа цел мораме да ги игнорираме фактите и да ги прифатиме непроверените митови како највисоки национални вистини.

Второ, целта на индоктринацијата е очигледна од направената селекција. Сакаме да се гледаме себеси како бастион и последна брана на христијанството. Затоа го паметиме Косово, но не сакаме да знаеме за Никопол или Фамагуста. Исто така, би сакале да го избришеме нашето блиско комунистичко минато, но да го зачуваме нашиот антифашизам – затоа го фалсификуваме четничкото движење како антифашистичко. И така натаму.

Трето, тоа ни оневозможува да разбереме како другите нè гледаат. Можеме да мислиме за себе што сакаме, но нашето незнаење и нашата реинтерпретација на самите себе не го споделуваат другите. Честопати не сме во состојба да ги разбереме причините за сомнежот што постои против нас и тогаш не можеме рационално да се поставиме во таква ситуација.

Уште полоша од самозаблудата е самата содржина на тој митолошки наратив. Есхатолошкиот концепт на жртвување, прифатен како национален архетип, мора да произведе ирационални потези во сегашноста. Не се водиме од реалполитиката и вистинските победи на Стефан (иако како исламски вазал). Нашиот колективен мит е жртвата на Лазар. И поразот сфатен како победа – што е невидена глупост во филозофијата на историјата и најголем „придонес“ на Србите во таа филозофска дисциплина.

Ваквата канцерогена содржина во свеста мора да произведе катастрофални последици во реалноста. Како да се објасни одлуката на Милошевиќ да влезе во конфликт со НАТО? Не можеше да биде во заблуда за последиците. Момир Булатовиќ сведочеше дека Весли Кларк бил експлицитен: „Не се сомневајте во нашата одлучност. Ќе го срамниме Белград со земја“. Сепак, Милошевиќ, следејќи ја косовската митологија, се впуштил во таа веќе изгубена битка. Она што ни е поука е колку лесно му беше да добие согласност од народот за ваква очигледна глупост: нашата култура ги воспитува младите дека најголема мачо вредност е да се умре во име на ирационална цел. Затоа застанавме под НАТО бомбите, наместо како рационални луѓе да го собориме лудиот Милошевиќ. Да погледнеме само колку Срби денес би биле спремни да се жртвуваат за невозможната путинистичка фантазија за „Пансловенска империја“. Еден мој пријател (патем Русин) велеше: „Вие Србите мислите дека жените сакаат губитници“.

Сепак, никој не е фасциниран од губитниците. Особено ако се на „погрешната страна на историјата“ – во таборот на азиските деспоти наспроти европските коалиции.

(*Александар Савановиќ е професор по политички науки на Универзитетот во Бања Лука, БиХ.)

Извор: Магазин Бука (Превод и подготовка: С.С.)

Зачлени се на нашиот е-билтен