Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата не ја исполнила Реформската агенда и дека од десетте клучни закони за кои бил добиен дополнителен рок до јуни 2026 година, досега се донесени само два. Според него, станува збор за измените на Царинскиот закон и Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.
Филипче потсети дека од вкупно 16 закони кои требало да бидат донесени до јуни 2025 година, биле усвоени шест, по што за преостанатите десет бил добиен дополнителен рок. Тој оцени дека рокот за исполнување на дел од реформите истекува без суштинска реализација и дека Владата не испорачала во областите што се важни за европскиот процес.
Реформската агенда е дел од Планот за раст за Западен Балкан и е поврзана со пристапот до европска финансиска поддршка. Нејзиното исполнување не е само техничка обврска, туку и политички тест за капацитетот на државата да ги спроведува преземените реформи и да го задржи европскиот курс.
Од СДСМ во изминатите денови повеќепати обвинуваа дека Владата го пробила рокот што самата го најавувала и дека земјата ризикува да загуби дел од европските средства доколку реформските обврски не бидат реализирани. Според опозицијата, клучниот проблем е што европската агенда се користи како политичка реторика, додека конкретните закони и институционални промени доцнат.
