Македонија повторно е рангирана во групата земји со системско кршење на работничките права според Глобалниот индекс на права на Меѓународната конфедерација на синдикати, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.
Според ССМ, наместо очекувано подобрување, најновиот извештај покажува тапкање во место и дополнителни индиции за влошување на состојбите. Земјата останува со оценка 4, што во методологијата на индексот значи систематско кршење на работничките права, односно сериозни ограничувања на колективниот глас на работниците, синдикалното организирање и заштитата на трудовите права.
Синдикатот посочува дека во извештајот се нотирани повеќе состојби што отвораат прашања за односот на институциите и работодавачите кон работниците и синдикатите. Меѓу нив се наведуваат притисоци врз синдикалното организирање, обиди за создавање таканаречени жолти синдикати, како и нарушување на приватноста на синдикални претставници по големите работнички протести.
ССМ тврди дека посебно е забележан случајот од февруари 2026 година, по еден од поголемите работнички протести во земјата, кога претседателот на ССМ и неговото семејство биле изложени на објавување снимки од приватниот живот на социјалните мрежи. Според синдикатот, тоа е оценето како сериозно прекршување на правото на приватност, особено поради тоа што во снимките биле опфатени и малолетни членови на семејството.
Во извештајот на Меѓународната конфедерација на синдикати се посочува и појавата на работодавачки контролирани или политички поттикнати синдикални структури во повеќе европски земји, меѓу кои е наведена и Северна Македонија. Таквите синдикати, според синдикалните организации, го поткопуваат независното претставување на работниците и ја ослабуваат нивната преговарачка позиција.
Глобалниот индекс на права ги следи прекршувањата на меѓународно признатите работнички и синдикални права, вклучително правото на штрајк, колективно договарање, синдикално организирање и пристап до правда. Во последниот извештај се наведува дека Европа бележи најлош просечен резултат од почетокот на индексот, а во голем дел од земјите се регистрирани ограничувања на правото на штрајк и пристапот до правна заштита.
За Македонија, ваквото рангирање повторно го отвора прашањето дали трудовото законодавство и институционалната практика обезбедуваат реална заштита за работниците или правата остануваат формално запишани, но слабо спроведени. Синдикатите предупредуваат дека без независно синдикално организирање, функционален социјален дијалог и доследна заштита од притисоци, земјата ризикува дополнително да се приближи кон најлошите категории во индексот.
