Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јорго Сувлис: СИРИЗА повеќе не е втемелена во општеството

Јорго Сувлис

Од резултатите на последните избори е јасно дека гласачите од работничката и средната класа гласале за Нова демократија. Но, очигледната хегемонија на партијата на Мицотакис е всушност прилично кревка. Што што ќе се случи кога ЕУ веќе нема да го овозможува олабавувањето на мерките за штедење и Мицотакис ќе биде принуден повторно да ги воведе? Не би ме чудело ако за година-две имаме нови избори, вели историчарот и социолог Јорго Сувлис (George Souvlis), професор на Катедрата за историја и археологија на Универзитетот во Јанина и уредник во американското списание Јакобин.

Тена Ерцег од порталот „Новости“ разговараше со Сувлис за парламентарните избори кои наскоро по втор пат во еден месец ќе се одржат во Грција, за политичко-економската состојба во земјата и за слабеењето на парламентарната левица.

На изборите одржани пред нешто помалку од еден месец, конзервативната Нова демократија (НД) на поранешниот премиер Киријакос Мицотакис освои дури 40 отсто од гласовите. Но, тоа не и беше доволно сама да формира влада, па Мицотакис реши да оди на нови избори, кои ќе се одржат на 25 јуни. Можете ли да го коментирате тој резултат и што може да се очекува од претстојните избори?

Најновите анкети велат дека НД има шанса да добие доволно гласови за сама да формира влада. Слично како во мај, СИРИЗА и ПАСОК треба да влезат во парламентот, заедно со уште една помала левичарска партија (Патот на слободата) основана од поранешни членови на СИРИЗА и екстремно десничарската партија „Грчко решение“.

Но, со оглед на тоа што анкетите не беа прецизни ниту во првиот круг, ниту сега не треба целосно да се потпираме на нив. Имено, анкетите и дадоа на НД предност пред СИРИЗА од само меѓу три и шест отсто, а разликата беше 20 отсто, МеРА25 (MeRA25) на Јанис Варуфакис требаше да влезе во парламентот, но не влезе, додека ПАСОК доби повеќе од предвиденото.

Алексис Ципрас

Резултатите беа изненадувачки, дури ни НД не очекуваше таква надмоќ, а ниту СИРИЗА не очекуваше дека ќе добијат толку малку гласови. Гледано од левичарска перспектива, НД направи сè што не требаше да направи во овие четири години, но и покрај тоа два милиони луѓе гласаа за нив. По десетгодишен период на криза, пандемија, војна и инфлација, се покажа дека мнозинството луѓе сакаат влада која ќе обезбеди стабилност и одговори на несигурностите што се наталожија сите тие години. Тие гласаа за партијата која предложи, во либерална смисла, поцврст начин на владеење.

Покрај тоа, Нова демократија ги контролира сите медиуми, Грција е една од најлошите земји во Европската унија кога станува збор за слободата на медиумите. Исто така, во последните две години, со цел да се отстранат економските последици од пандемијата, ЕУ ги олабави мерките за штедење. Грција добиваше пари од ЕУ, кои владата ги користеше за различни навидум популистички мерки, како давање ваучери на одредени демографски групи за викендите на островите, но за конкретни хотели и бродски компании, така што парите всушност се слеваа во џебовите на капиталистите.

Воскресение на ПАСОК

Левицата потфрли, особено СИРИЗА, која доби само 20 отсто од гласовите. Како го толкувате тоа?

Иако е водечка партија на опозицијата, СИРИЗА не успеа да формулира програма за овие избори што може сериозно да и сконкурира на НД. Исто така, за разлика од НД, СИРИЗА нема никаква поддршка од финансискиот, медиумскиот или индустрискиот капитал, така што овој резултат би можел донекаде да се очекува. Но, не се очекуваше дека СИРИЗА ќе ја изгуби својата социјална база, работничката и средната класа. Кога ќе се погледнат резултатите, јасно е дека гласачите од тие сталежи гласале за Нова демократија.

СИРИЗА не успеа да ги убеди дека нејзината програма содржи реални решенија за нивните проблеми, а во исто време водеше крајно негативна изборна кампања која се сведуваше на критики за Нова демократија. Лидерот на партијата, Алексис Ципрас, смета дека претставниците кои тој ги доживува како премногу левичарски, иако и онака се малцински гласови, претставуваат пречка СИРИЗА да стане традиционална социјалдемократска партија.

На анкетните прашања за тоа што е првото нешто што им паѓа на ум кога ќе слушнат за Ципрас, луѓето најчесто одговарале „млад политичар“, а потоа „лажго“. Тој, меѓутоа, ваквото јавно мислење не го зеде предвид, остана во својот партиски балон. СИРИЗА веќе не е втемелена во општеството, а повеќето од оние кои гласаа за неа го направија тоа не затоа што им веруваат, туку затоа што не сакаа Мицотакис да победи. Поради тој балон Ципрас очекуваше да добие околу 30 отсто од гласовите, а со тоа и можност за формирање коалициска влада.

Дали ваквото однесување на Алексис Ципрас е неодамнешна трансформација или негова трајна карактеристика? На пример, широко се верува дека неговата влада свика референдум за мерките за штедење во 2015 година уверена дека мнозинството ќе гласа за потпишување на меморандумот, но се случи спротивното, бидејќи 62 отсто од луѓето гласаа против.

Тоа е сто проценти вистинита приказна. Ципрас го организираше референдумот за да може да каже дека направил сè што е во негова моќ и дека нема друг избор освен да се потпише меморандумот. Но, јас не верувам во статично прикажување на историјата и не верувам во фактот дека тој не беше она што се преправаше од самиот почеток. Кога беше избран за претседател на СИРИЗА во 2012 година, тој беше единствениот политичар кој беше убеден дека може да управува со земјата во време на криза, но со текот на годините, а особено кога дојде време да се распише референдум, се одлучи на компромисна тактика. И штом ќе почнете со такви потези, тоа неминовно ве води кон десно.

СИРИЗА изгуби повеќе од половина милион гласачи, но вистинскиот проблем е што повеќето од тие луѓе му се вратија на оригиналот, односно на социјалдемократите, а не на партиите од левицата. До вчера се веруваше дека ПАСОК е мртов, но сега доживува воскресение, кое никој не го очекуваше бидејќи немаше што да понудат. Тоа е одраз на очајот, но и на желбата на луѓето за стабилност, своевидно враќање во деведесеттите. Не би бил изненаден доколку СИРИЗА овојпат добие уште помалку гласови.

На изборите во 2019 година, МеРА25 на Варуфакис формираше коалиција со комунистите (ККЕ) и освои девет парламентарни места. Овој пат на избори излегоа со „Народно единсто“, кое во 2015 година го основаа поранешни членови на СИРИЗА, незадоволни од предавството на Ципрас на референдумската одлука. МеРА25 овој пат не го помина изборниот праг.

Ниту тоа не се очекуваше. Комунистите добија дури 200.000 гласови повеќе, додека МеРА25 не успеа да го надмине изборниот праг, и покрај тоа што беше најактивната партија во парламентот и во однос на критиката на владејачката партија и формулирањето алтернативни предлози. Дополнително, во целото општество имаше општо подесување надесно, па гласачите на левицата гласаа и за партиите со најголеми шанси за влез во парламентот, односно за ПАСОК и ККЕ. Тие гласаа за конзервативни партии, притоа неа сакам да кажам дека комунистите се конзервативни во однос на политиката, туку во однос на тактиката.

Јанис Варуфакис

Тие се партија која секогаш учествува во штрајкови, но не прави премногу врева на улиците. Тие ги критикуваат владејачките партии во парламентот, но не го доведуваат во прашање системот, тврдејќи дека нема услови за суштински општествени промени. Тие се секогаш во парламентот и се задоволни од нивниот процент и опозициски статус и никогаш не сакаат да учествуваат во коалиции. Кога беа поканети да коалицираат со Сириза во 2012 година, тие одбија со образложение дека СИРИЗА е реформистичка партија, а не го поддржаа ниту референдумот за мерките за штедење во 2015 година.

Гласачите на левицата гласаа за партиите за кои оценија дека имаат најголеми шанси. Јас сум член на мала левичарска организација наречена „Анаметриси“ (Anametrisi – Конфронтација) и една пријателка студентка, која исто така е членка, гласаше за комунистите затоа што, како што рече, „знае што да очекува од нив“.

Запослување на наставниците

Зошто MeRA25 помина толку лошо, дали делумно се должи на фактот што Варуфакис се смета за малку „контроверзна“ личност?

МеРА25 се појави на политичката сцена дури во 2019 година практично од никаде, но и покрај тоа што немаше особено јасна политичка линија, успеа да влезе во парламентот. Со оглед на тоа што заземаат специфично место во политичкиот спектар, во следните четири години нивните претставници се претворија во најартикулирани критичари на Нова демократија и беа присутни во сите општествени движења. Во мај за нив гласале 140 илјади луѓе, па се уште има шанса да влезат во парламентот.

Што се однесува до самиот Варуфакис и неговата репутација, навистина постои поделба меѓу оние кои го сакаат и оние кои го мразат, и тоа од истите причини. Тој е сфатен пред сè како фигура на глобалната интелектуална левица. Покрај тоа, последниот месец од кампањата беше клучен на овие избори, каде Варуфакис најмногу се фокусираше на планот на МеРА25 за тоа како работите ќе се одвиваат економски доколку Грција биде исфрлена од ЕУ. На пример, како би функционирал паралелниот систем на плаќање преку државата наместо преку банките. Иако тврдеа дека по првичните проблеми во првата година или две работите ќе се стабилизираат, можно е тоа да одвратило дел од гласачите, со оглед на тоа што најголемиот дел од нив со гласањето за етаблираните партиите покажале дека сакаат стабилност пред сè.

Киријакос Мицотакис

За време на кампањата во водечките светски медиуми, вклучително и во Хрватска, се повторуваше мантрата дека „досадниот банкар“ Мицотакис го спасил „болниот од Европската унија“, практично направил економско чудо. Се наведуваа стандардни економски статистики кои би требало да го потврди ова. Дали таа пропаганда имаше влијание врз успехот на Нова демократија?

Како што веќе наведов, Мицотакис со себе ја имаше комплетната домашна олигархија, сите медиуми и Европската унија. Ако ги имате тие три носечки столбови кои ви даваат пари, кои потоа ги трошите на населението целосно разочарано од СИРИЗА, сигурно ќе победите. За време на својот мандат од 2015 до 2019 година, СИРИЗА акумулираше пари преку даноци од средната класа, а Мицотакис сега излезе со предлог за намалување на даноците, што можеше да си го дозволи бидејќи од друга страна ЕУ дозволи олабавување на мерките за штедење.

Владата на Мицотакис не направи никакво економско чудо, туку СИРИЗА подготви терен за економски раст, а владата имаше и финансиска поддршка и од ЕУ. СИРИЗА, на пример, имаше план да вработи неколку илјади нови наставници, но не можеше да го стори тоа поради некои технички причини. Тоа го направи Нова демократија, која сега по 11 години можеше да се пофали со нови вработувања во јавниот сектор. Од друга страна, според мое мислење, оваа привидна хегемонија на Нова демократија е всушност прилично кревка. Затоа што што ќе се случи кога ЕУ веќе нема да го олеснува олабавувањето на мерките за штедење и Мицотакис ќе биде принуден повторно да ги воведе? Не би ме чудело ако за година-две имаме нови избори.

Што може да се очекува од вториот мандат на Нова демократија?

И во актуелната и во претходната кампања, Нова демократија како основа на својата програма ја објави намерата да добие 180 пратенички места во парламентот, бидејќи толку ѝ треба за ревизија на Уставот. Ако навистина добие толку, тоа ќе биде првпат во модерната историја на Грција една партија да спроведува такви промени.

Уставните измени што сака да ги спроведе Мицотакис се сведуваат на приватизација на образованието и здравството, односно на целосно демонтирање на системот на јавни услуги во американски стил. Единствена можност тоа да не се случи е на следните избори МеРА25 и две екстремно десничарски партии да влезат во парламентот. Со тоа би се намалил потенцијалниот број на пратенички места на Нова демократија за околу четириесет пратенички места, која потоа ќе го нема потребното парламентарно мнозинство за спроведување на уставните измени.

(Подготвил: С.С.)

Зачлени се на нашиот е-билтен