Филипче помеѓу земјоделците: Зголемени трошоци, намалени субвенции, ниски откупни цени, откуп нема

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Карбинци имаше  средба со земјоделци од повеќе гранки на земјоделството, на која што се разговараше за моменталната сотојба во земјоделството и проблемите со кои се соочуваат сите земјоделци. Филипче посочи дека состојбата во земјоделството е алармантна,  земјоделците се соочуваат зголемени трошоци, намалени субвенции, ниски откупни цени, а дополнително откуп нема.

„Ваков колапс и ваква негрижа немало никогаш во земјата. Огромни трошоци за производство, намалени субвенции, доцнење на исплата  на субвенциите, намалени откупни цени и немање откуп. Вкупната сума на субвенции е намалена за 40 милиони евра, освен што е намалена, не се исплаќаат, субвенциите доцнат. И тоа важи за секој сектор во земјоделството – за производство на тутун, за сточарите, млекопроизводителите, производителите на ориз”, рече Филипче.


Тој посочи дека земјоделците се притиснати од зголемени трошоци за производство, повисоки цени на ѓубривото, водата и работната рака, како и од нефункционален систем за наводнување.


„Земјата нема од каде да се наводнува, а има систем кој што е поставен и кој што е поврзан со системот на езерото Калиманци”, рече  Филипче.


Воедно, Филипче нагласи дека дополнителен удар за земјоделците се и драстично намалените откупни цени, како и немањето сигурен пласман.


„Освен што се ниски субвенциите, освен што се доцни со исплата на субвенциите, откупните цени се страшно ниски. На млекото откупната цена е намалена за 30% од 36 на 23/24 денари. На оризот практично преполовена под 20 денари. А ниту оризопроизводителите, ниту производителите на млеко немаат каде да го пласираат своето производство.Едноставно откупните центри се фокусирани затоа што тоа државата им го дозволува да купуваат евтини репро материјали од странство и на тој начин никако не се штити домашното производство”, рече Филипче.

Најчитано