Кенан Малик: Не треба да ја мешаме агресијата на Путин со руската култура

Од витално значење е да се поддржи украинскиот народ и да се спротивставиме на бруталната инвазија на Русија. Сепак, таквата поддршка не треба да ја меша агресијата на Путин со руската култура. Тоа би било во согласност со светогледот на Путин.

Кенан МАЛИК *

Ден откако Британија и објави војна на Германија, на 4 септември 1939 година, променадниот концерт на Би-Би-Си беше отворен со извадоци од делата на Рихард Вагнер, вклучувајќи ги „Мајсторите од Нирнберг“, „Самрак на боговите“, „Тристан и Изолда“, „Танхаузер“ и „Валкири“. Концертите одржани подоцна истата година вклучуваа дела од Бах, Бетовен, Брамс, Менделсон, Штраус и Вагнер. Би-Би-Си навистина беше инструмент на британските воени напори, но малкумина од најпатриотските Британци сметаа дека е неморално да се свират делата на големите германски класици.

Следната година, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, кој се пресели во Бристол, отвори серија концерти со изведба чиј втор дел беше целосно посветен на Вагнер. Како одговор на една жалба, Ралф Хил, музички критичар на весникот „Бристол Ивнинг пост“, го отфрли „митот дека музиката на Вагнер не може или не треба да биде ценета од цивилизираните нации кои војуваат со Германија“.

Се чини дека денес помалку се толерира тоа чувство дека, дури и во конфликт, е можно да се цени културата на непријателската земја како составен дел на универзалната цивилизација. Дури и описот на „непријателски“ пејзаж на многумина им изгледа морално одвратен.

Минатата недела, авторката Елизабет Гилберт го одложи објавувањето на нејзината книга „Снежната шума“. Заснован на вистинска приказна, романот говори за семејство на религиозни руски фундаменталисти кои во 1930-тите се повлекле од теророт на Сталин во изолација во оддалечениот дел на Сибир каде што живееле речиси половина век. Во својата објава на Инстаграм, Гилберт рече дека добила „многу реакции“ од украинските читатели кои „изразуваат гнев, тага, разочарување и болка“ за поставувањето на романот во Русија. Таа го суспендираше објавувањето за да не ги „повредува“ луѓето кои веќе трпат „болни и екстремни повреди“.

Малкумина го прочитале ракописот на „Снежната шума“. Сепак, се чини очигледно дека не станува збор за пропаганда или славење на рускиот национализам, а камоли за Владимир Путин. Ако ништо друго, тоа е остра критика на советската тиранија и модерност.

Таквите размислувања, сепак, станаа речиси ирелевантни во дискусијата за моралната вредност на уметничкото дело. Наместо тоа, она што денес често предизвикува самоцензура е чувството на морална обврска да не се вознемирува публиката, сензибилитет што Гилберт толку категорично го изрази во нејзиното видео на Инстаграм.

Од Косокo Џексон (кој бил sensitivity reader – „сензибилизиран читател“; лице кое анализира текст како подготовка за печатот да идентификува и препорача промени на потенцијално навредливи содржини, стереотипи и предрасуди – многу приспособен со издавачката етикеција околу идентитетот и навредливоста) го повлече својот дебитантски роман „Место за волците“, по онлајн повиците дека неговата геј љубовна приказна од Косово е премногу „центрирана“ на Американците и дека го банализира геноцидот, до Александра Данкан, која го откажа својот роман „Денови на жар“ откако друг автор, кој не го ни прочитал ракописот, го осуди фактот дека бела жена пишува за членовите на заедницата Гала Гичи, јужна афро-американска култура – денес често се чини дека објавувањето е обликувано од коментаторите од социјалните мрежи барем исто како и самите автори или издавачи.

Ова се прилики за кои романсиерот Ханиф Куреиши стравува дека ќе ја преобликуваат самата природа на уметноста. „Уметноста не мора да биде безопасна и пријатна“, напиша тој. „Може да заплаши, алармира, да нè натера да посакаме да ја фрлиме книгата“. Сепак, сè повеќе се развива „атмосфера на страв и инхибиција во која писателите се плашат да го изразат своето вистинско јас од страв да не ги навредат овие или оние“.

Ханиф Курејши

Што би направиле денешните сензибилизирани читатели од неговите рани романи и „какво касапење би резултирало“, се прашува Куреиши.

Додека одлуката на Гилберт да се откаже самата себеси открива нешто за новиот пејзаж на книжевна воздржаност, пошироката дебата за украинската војна и културниот бојкот се потпира и на постарите теми на културата, нацијата и државата.

Минатата година, украинскиот министер за култура, Олександр Ткаченко, повика на забрана на сè што е руско, велејќи дека војната е „цивилизациски судир околу културата и историјата“. Украинските културни организации во отворено писмо побараа „тотален бојкот на книгите од Русија“, бидејќи „руската пропаганда е вткаена во многу книги, што всушност ги претвора во оружје и изговор за војна“.

Едно е да се повикува на бојкот на државните институции или оние кои дејствуваат во службено својство. Сосема друго е да се бара да се забрани „Оревокршачка“ или „Војна и мир“ затоа што нивните автори се Руси. Ова е ставот на Путин за односот меѓу културата и нацијата, руската култура како припадност на руската нација и дефиниција на нејзината душа.

Балет „Оревокршачка“

Тоа е визија за културите како хомогени, оградени заедници, визија што се потпира на делото на германскиот филозоф Јохан Готфрид Хердер, за кого суштината на секој народ се наоѓа во неговата единствена култура, јазик и историја. Луѓето од една култура, веруваше Хердер, не можат вистински да ги ценат јазикот и уметноста на друга.

А сепак, секоја култура се состои од многу, често конфликтни линии. Некои од најострите расчленувања на руските обичаи се дадени од руските мислители. Писателите и уметниците не се осудени на национални граници, туку секогаш се дел од поширок разговор. Чајковски и Достоевски, Чехов и Ахматова, Толстој и Попова им се обраќаат на Русите исто како и на Украинците, Британците или Индусите.

Писмото во кое се повикува на „тотален бојкот“ на руските книги го потпишала и писателската организација ПЕН Украина. Сепак, основачката повелба на ПЕН инсистира дека „книжевноста не познава граници“, дека „особено во време на војна, уметничките дела, наследството на човештвото во целина, не смеат да бидат загрозени од националните и политичките страсти“ и „треба да останат заеднички сопственост на сите народи“.

Или како што рече прославениот украински режисер Сергеј Лозница: „Не смееме да ги судиме луѓето врз основа на нивните пасоши“, поради што беше исфрлен од Украинската филмска академија поради тоа што е „космополит“.

Ако дури и британскиот естаблишмент, сред војната за опстанок против нацистичка Германија, можеше да ја цени германската музика како нешто повеќе од „непријателска“ култура, како дел од заедничката цивилизација, сигурно и ние би можеле да го сториме истото денес?

Од витално значење е да се поддржи украинскиот народ и да се спротивставиме на бруталната инвазија на Русија. Сепак, таквата поддршка не треба да ја меша агресијата на Путин со руската култура. Тоа би било во согласност со светогледот на Путин. Според зборовите на писателот и издавач Дениз Јуџел, претседател на германскиот ПЕН: „Непријателот е Путин, а не Пушкин, Толстој или Ахматова“.

Кенан МАЛИК е британски писател од индиско потекло. Неговиот авторски фокус е на филозофијата на биологијата и на современите теории на мултикултурализмот, плурализмот и расата.

Извор: Пешчаник (оригиналниот текст е објавен во Гардијан)

Зачлени се на нашиот е-билтен