Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека по речиси две години власт не испорачала резултати, поради што вниманието на јавноста го насочува кон политички конфликти, поделби и идентитетски прашања.
Филипче на денешната прес-конференција оцени дека граѓаните се соочуваат со понизок животен стандард, повисока задолженост и застој во европските интеграции, додека најголемиот дел од предизборните ветувања на власта останале неисполнети.
Според него, Владата нема визија и капацитет за управување со клучните процеси во државата, а од најавените проекти и мерки не биле реализирани ниту 20 проценти.
„Оваа власт нема визија, капацитет ниту знаење за да ги менаџира процесите во државата. Од ветеното пред граѓаните не се реализирани ниту 20 проценти, а последиците ги чувствуваат сите, од семејните буџети до вкупната економија“, изјави Филипче.
Тој посочи дека во изминатиот период се зголемило задолжувањето на државата, додека граѓаните сè потешко се справуваат со трошоците за живот, а младите продолжуваат да ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови.
Филипче смета дека недостигот од резултати во економијата и подобрувањето на животниот стандард ја принудува власта да создава надворешни непријатели и да бара внатрешни виновници.
„Кога нема резултати таму каде што граѓаните најмногу ги очекуваат, тогаш се создаваат надворешни непријатели и се бараат внатрешни виновници. Тоа е модел што го користат популистичките влади за да го одвлечат вниманието од реалните проблеми“, рече лидерот на СДСМ.
Тој ја обвини власта дека темите поврзани со националниот идентитет ги користи за прикривање на економските неуспеси и застојот во процесот на европска интеграција.
Според Филипче, таквата политичка реторика создава страв, ја продлабочува поделбата меѓу граѓаните и ја води државата кон дополнителна изолација.
Тој ги повика граѓаните критички да ги оценуваат политиките на Владата и да не подлегнуваат на националистичка и популистичка реторика што, како што оцени, не нуди решенија за секојдневните проблеми.
