Сега веќе е извесно – петте патници во исчезнатата подморница „Титан“ се мртви. Како што изјави шефот на американската крајбрежна стража, Џон Мауџер, робот-нуркач ги пронашол остатоците од подморницата „Титан“, а сѐ укажува на тоа дека дошло до нејзина имплозија. Мауџер им изрази сочувство на семејствата на починатите патници и им се заблагодари на спасувачките екипи кои од неделата трагаа по подморницата.
Белата куќа исто така упати пораки со сочувство до семејтвата на загинатиот петчлен екипаж, кои поминаа низ тешка тортура на исчекување, а на спасувачите и крајбрежната стража им заблагодари за напорите во спасувачката операција.
Повеќе специјални бродови со сонарни системи и роботи-нуркачи учествуваа во пребарувањето на површина од десетици илјади километри. „Титан“ беше на пат кон во 1912 година потонатиот брод „Титаник“, некогашниот најголем брод во светот, кој се наоѓа на дното на околу 3800 метри морска длабочина, а остатоците од подморницата се откриени на околу 500 метри од „Титаник“.
Шефот на фирмата-оператор меѓу загинатите
На семејствата на петмината патници во „Титан“ сочувство им упати и фирмата „ОушнГејт”, која ја организираше експедицијата, а чиј коосоновач и извршен директор Стоктон Раш е исто така меѓу загинатите. Дел од екипажот беа и британскиот бизнисмен и авантурист Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман и францускиот нуркач и експерт за „Титаник“ – Пол Анри Нарголе.
Петмината мажи беа „вистински откривачи, поседуваа специјален авантуристички дух и длабока страст за испитување и заштита на светските мориња“ се вели во соопштението на фирмата „ОушнГејт.”
Американската воена морнарица регистрила можна имплозија
Американската воена морнарица објави дека апаратите за следење на подводните звуци уште во неделата регистрирале акустична аномалија која наведува на имплозија, кратко откако малата подморница нурнала и по неполни два часа ја загуби контролата со матичниот брод. Оваа информација ја пренесува весникот „Вол стрит џурнал“, повикувајќи се на претставник на морнарицата кој инсистирал на анонимност.
Претпоставка е дека звукот на имплозија бил детектиран од таен систем за подводно слушање, односно сонар со долг дострел на морнарицата, кој потекнува од времето на Студената војна.
Морнарицата веднаш информацијата ја проследила до американската крајбрежна стража и до одговорните во акцијата за спасување, по што е намален опсегот на потрагата.
Екипажот на подморницата „Титан“, тврдат експертите, не ни биле свесни за имплозијата – притисокот во големата подводна длабочина бил масивен, имплозијата се случила за милисекунда, истакнува поранешната соработничка на американската воена морнарица и професорка за медицина во случаи на кататсрофа, Ајлин Марти за Си-Ен-Ен. Според неа, човечкиот мозок не може да ја регистрира ситуацијата со толкава брзина, подморницата колабирала пред луѓето да се свесни дека постои воопшто некој проблем.
Потрагата по другите остатоци продолжува
Шефот на американската крајбрежна стража изјави дека потрагата по преостанатите делови од подморницата ќе продолжи, но во намален обем, во следните 24 часа ќе се започне со повлекување на персоналот и бродовите од местото на инцидентот.
Уште пред отривањето на остатоците од подморницата, надежта дека членовите на екипажот се уште живи беше минимална, со оглед на тоа што резерите на кислород во „Титан“ би биле потрошени уште во четвртокот.
Уште е нејасно кога точно се случила имплозија на „Титан“, засега е рано да се врзуваме за тоа да го тврдиме со сигурност, истакна Мауџер, но сонарните уреди во последните 72 часа не регистрирале ниеден „катастрофален настан“. Тоа укажува дека подморницата можеби имплодирала уште кратко по губењето на контактот со неа.
Звуците на силно тропање, регистрирани во изминатите денови, според крајбрежната стража не се во никаква поврзаност со исчезнатата подморница. Дали тие биле од човечка природа, засега останува нејасно, но тие разбудија накратко надеж дека екипажот на „Титан“ се обидува да го сврти вниманието врз себе.