Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Концерт на Зубин Мехта со Белградската филхармонија, човекот на Чаушеску во ТВ серија, француска мигрантска филмска приказна, наградуван роман „Мутации“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме филм, концерт, книга и ТВ серија. Гледајте, читајте, слушајте…

Концерт: Зубин Мехта и Белградската филхармонија во Скопје

На 24 јуни (сабота), со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградска филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Мехта ќе го предводи оркестарот во изведбата на „Симфонијата бр. 7“ од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.

Зубин Мехта со Белградската филхармонија

Маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи кои денеска важат за историски. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11 настап со овој оркестар.

Концертот со Белградската филхармонија ќе биде трет настап на славниот диригент во Скопје – првиот беше во 1967 година кога настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, вториот во 2007 година кога го предводеше концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем.

Зубин Мехта е роден 1936 година во Бомбај, а своето прво музичко образование го стекнал под менторство на својот татко Мехли Мехтa, истакнaт концертен виолинист и основач на Бомбајскиот симфониски оркестар. По краткиот период на студии по медицина во Бомбај, се сели во Виена во 1954 година, каде, се запишува на Музичката академија, на диригентскиот оддел кај Ханс Сваровски. Во 1958 година Зубин Мехта победува на меѓународниот натпревар по диригирање во Ливерпул и ја освојува наградата на Летната академија во Тенглвуд. До 1961 година веќе диригира со Виенската, Берлинската и Израелската филхармонија, а неодамна прослави и 50 години од музичката соработка со овие три ансамбли.

Бил музички директор на Монтреалскиот симфониски оркестар од 1961 до 1967 година, додека во 1962 година ја презема позицијата музички директор на Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес, на која се задржува до 1978 година. Во октомври 2019 година се збогува од Израелската филхармонија, во која помина 50 години. Во таа прилика е именуван за музички директор емеритус на Израелската филхармонија.

Во 1978 година ја презема функцијата музички директор на Њујоршката филхармонија, со што го започнува својот 13-годишен мандат, најдолг во историјата на овој оркестар. Од 1985 до 2017 година бил шеф-диригент на Оркестра дел Маџо Музикале Фјорентино во Фиренца.

Зубин Мехта дебитирал како оперски диригент со Тоска во Монтреал во 1963 година. Од тогаш диригирал во операта „Метрополитен“ во Њујорк, Виенската државна опера, Кралската опера, Ковент Гарден, миланската „Скала“ и во оперските куќи во Чикаго и во Фиренца, како и на фестивалот во Салцбург. Помеѓу 1998 и 2006 година бил музички директор на Баварската државна опера во Минхен. Во октомври 2006 година ја отворил Уметничката палата на кралицата Софија во Валенсија и бил претседател на годишиот Медитерански фестивал во Валенсија до јуни 2014 година, каде го диригира циклусот Прстенот на Нибелунзите со театарската трупа Ла Фура делс Баус во копродукција со Фирентинската опера. Останатите циклуси од „Прстенот“ ги комплетира во Чикашката опера и во Баварската државна опера. Списокот на награди и признанија на Зубин Мехта е голем.

Мехта ја диригира „Симфонијата бр. 7“ од Лудвиг ван Бетовен со Израелската филхармонија

Тој е почесен граѓанин на Фиренцa и на Тел Авив. Почeсeн члeн на Виенската државна опера станува во 1997 година, на Баварската државна опера во 2006 година и на виенското Друштво на музичко пријателство – во 2007 година. Титулата почесен диригент му ја доделија следните оркестри: Виенската филхармонија (2001), Минхенска филхармонија (2004), Филхармонијата на Лос Анџелес (2006), Театро дел Маџо Музикале Фјорентино (2006), Берлинската државна капела (2014) и Баварскиот државен оркестар (2006), со кој настапи во Сринагар во Кашмир, во септември 2013 година. Во 2016 година Театро ди Сан Карло во Неапол го именува Зубин Мехта за почесен музички директор, а Израелскиот филхармониски оркестар и Филхармонијата на Лос Анџелес во 2019 година го прогласија за диригент емеритус. Во февруари 2019 година и Берлинската филхармонија го именува за свој почесен диригент. Посебна чест му е укажана и во 2022 година, кога новата концертна сала на Театро дел Маџо Музикале во Фиренца го доби неговото име.

Меѓу бројните награди и признанија за неговото творештвбо се издвојуваат Царската награда од страна на јапонското царско семејство, ѕвездата на Холивудскиот булевар на славните, Командантскиот крст и Орденот за заслуги од Германија, наградата „Тагоре“ за културна хармонија од Индија, почесен носител на Орденот на Австралија…

Зубин Мехта ја диригира „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз во изведба на Њујоршката филхармонија

ТВ серија „Шпион/Мајстор“

Дали серијата „Шпион/Мајстор“ (Spy/Master) е базирана на вистински настани? Ова е можеби прашањето кое ќе си го поставите уште на првата епизода, веднаш откако ќе се појави актерот кој го игра романскиот диктатор Николае Чаушеску. Во врска со ова креаторите на серијата запишале дека Spy/Master е заснована на реална драма во која е вклучен романски шпион заплеткан во интриги од Студената војна. Шпион/мајсторот Виктор Годеану (Алек Секареану/Alec Secareanu) ја игра десната рака на романскиот водач Николае Чаушеску, диктатор од кого се плаши, но и почнува да се мрази кога сфаќа за каков човек работи.

Дејствието е сместено во екот на Студената војна и опфаќа една недела од животот на измислениот лик Виктор Годеану, најблискиот советник на диктаторот Чаушеску. Меѓутоа, Годеану е исто така таен агент на КГБ и мора да избега од Романија пред да му биде откриена тајната. Тој го користи дипломатското патување во Германија како шанса да замине во САД. Помогнат од таен агент на Штази, како и од еден агент на ЦИА, Годеану мора да избега и од КГБ и од режимот во својата татковина, целосно свесен дека неговото пребегнување го доведува неговото семејство во Букурешт во смртна опасност.

Режијата е на Кристофер Смит (Christopher Smith), сценаристи се Кирстен Петерс (Kirsten Peters) и Адина Садеану (Adina Sadeanu), а во главните улоги покрај Секареану настапуваат Ана Улару (Ana Ularu) и Свења Јунг (Svenja Jung).

Серијата на HBO веќе беше номинирана за награда на Берлинскиот фестивал, а според жанрот е опишана како акциона – трилер драма. Во шест динамични епизоди со многу пресврти и незвесност раскажани се неколкуте денови на романскиот шпион во Германија.

Филм: „Мајка и син“ на Леонор Серај

„Мајка и син“ (Un petit frère / Mother and Son) на сценаристката и режисерка Леонор Серај (Léonor Serraille), со Анабел Ленгрон, Стефан Бак, Канзо Самбин (Annabelle Lengronne, Stéphane Bak, Kenzo Sambin) во главните улоги, е француски филм од 2022 година, во времетраење од 166 мин.

Сторијата на филмот говори една мајка и за нејзините два сина кои го напуштиле Брегот на Слоновата Коска во 1986 година и мигрирале во Париз. Филмот го прикажува животот на хероината Роуз и нејзините синови Ернест и Жан во следните две децении низ суптилна хроника на создавањето и распадот на семејството. Роуз била наставничка во нејзината татковина, но дипломата не ѝ е признаена во Франција, па е подготвена и на деградација со прифаќањето на работа како чистачка, само да обезбеди егзистенција на семејството.

Но, колку што Роуз е решена да ги прекине сите врски со претходниот живот, толку нејзините деца потешко се снаоѓаат во новата држава. Постариот син Жан, кој одраснал на Брегот на Слоновата Коска, не може да се вклопи во новата средина, и решава да си замине. Помладиот Ернест, кој пристигнува во Франција како мало дете, има поинаков развоен пат: вредно учи и студира, и станува професор…

Анабел Легрон ги освои наградите за нејзината актерска креација на фестивалите „Les Arcs European Film Festival“ во Француските Алпи и во Стокхолм, а филмот ги освои наградите за најдобра фотографија чија потписничка е Елен Лувар (Helen Luvart). МАЈКА И СИН учествуваше и на фестивалите во Кан, Солун, Севилја…

„Мајка и син“ е на програмата на Кинотеката на 28 јуни (среда) во 18:00 ч., и 30 јуни (петок) во 18:00 ч.

Книга: Роман „Мутации“ од Франсис Кирпс

Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ја објави книгата „Мутации“ од Франсис Кирпс, во превод од германски јазик на Ксенија Чочкова.

„Мутации“ се 7 приказни и 1 песна, секоја базирана на класичен текст, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф. Домашната мува Леон Зумса се буди едно утро и се наоѓа себеси преобразена во „монструозен ‘рбетник“, односно човечко суштество. Лавот од сатирата на Курт Тухолски „Лавот избега!“ мутира во поларна мечка која го истражува хипстерскиот Берлин. Моделот на статуата на Венера од приказната на Проспер Мериме „La Venus d’Ille“ работи како млад роб во „фирма“ која покажува неверојатни паралели со денешниот работен свет. „Анегдотата од последната пруска војна“ (Клајст) е поместена во иднината, каде што последните четири луѓе се борат едни против други. „Повикувањето на големата мечка“ на Ингеборг Бахман е вкрстено со митот за Чулу на Лавкрафт и резултатот е песна што потсетува чудно на Готфрид Бен.

Франсис Кирпс е писател, сценски поет и сатиричар. Роден е во Луксембург, студирал психологија во Стразбур, во 2000 и 2001 година бил награден на „Националниот литературен конкурс“. Набргу потоа ѝ се посветил на поетската слем-сцена и во следните години учествувал на над 500 слем и читачки сценски изведби во германското говорно подрачје. Во 2005 година, заедно со Кристијан Бартел и Анселм Нефт, го основал бонското литературно списание EГЗOT, чиј уредник бил до неговото затворање во 2015 година. Од 2014 година пишува колумни за „Вархајт“, сатиричната страница на германскиот дневен весник „Tац“.

Досега ги има објавено книгите „Планета Луксембург“ (2012 год.), „Класот од 77 – панк-рок роман“ (2016 год.), „Мутации – 7 приказни и една песна“ (2019 год.) и „Вепар во магла“ (2020 год.). Во 2020 година, Франсис Кирпс за „Мутации“ ги добил наградите „Servais“ и Наградата за литература на Европската Унија.

Преведувачката Чочкова живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германското говорно подрачје: Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

(Избрале: С. Синадинов и Љ. Арсиќ)

Зачлени се на нашиот е-билтен