Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од собраниската говорница го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека Владата за две години не реализирала ниту едно од клучните ветувања дадени пред граѓаните.
На седницата за пратенички прашања, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ пред доаѓањето на власт ветувала повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените и повеќе странски инвестиции.
Тој ги посочи и ветувањата за намалување на буџетскиот дефицит, умерено задолжување, поголема поддршка за земјоделците, подобра иднина за младите, реформи во институциите и напредок во евроинтеграциите.
„Кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто“, му порача Филипче на Мицкоски, оценувајќи дека реалноста по две години владеење е спротивна од ветувањата содржани во изборната програма „1198“.
