Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Приказна за две инвазии

Пишува: РИЧАРД ХААС / Project Syndicate

Лидер на авторитарна земја со огромни енергетски резерви ги засилува своите вооружени сили долж границата на послаб сосед, за која тврди дека нема право да постои како независна земја. Потоа, продолжува кон отпочнување на инвазија, со цел да го проголта својот сосед и истиот да го избриши од картата. Светот се соочува со итно, но и тешко прашање за тоа што да се направи како одговор на тоа.

Токму ова се случи летото 1990 година, кога Садам Хусеин ги распореди своите воени сили на границата на Ирак со Кувајт и, на изненадување на многумина, започна целосна инвазија. За неколку дена, ирачките сили ја презедоа контролата врз целата земја, за која Садам Хусеин тврдеше дека е провинција на Ирак.

Сега заменете го рускиот претседател Владимир Путин со Садам, Русија со Ирак и Украина со Кувајт. Сé што е напишано погоре би било приближно исто на тоа што се случи во февруари 2022 година, кога Путин ја распореди војската на Русија долж нејзината граница со Украина, земја чија независност ја негираше во есеј објавен претходниот јули, во кој напиша, „Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само во партнерство со Русија“.

Во двете кризи, во прашање беше најосновниот од сите норми кои влијаат на меѓународната политика: дека границите на суверените држави треба да се почитуваат и да не се менуваат со вооружена сила. Во двата случаи, лидерот кој ја иницираше агресијата ги прецени своите шанси за успех – и во двата случаи, голем дел од светот ја потцени заканата, мислејќи дека тоа е блеф сé додека не се покажа дека е сé освен тоа.

Дипломатијата и економските санкции не успеаја да се справат со предизвиците наметнати од Ирак и Русија. Тоа што беше потребно беше воена сила, и тоа многу од неа. Лидерството на САД, исто така, се покажа како суштинско во одвраќањето на агресијата во еден случај и отпор кон агресијата во друг.

Но, битните разлики помеѓу двете сценарија истакнуваат колку светот се има променето. Започнете со Русија. Во 1990 година, билатералните односи меѓу САД и тогашниот Советски сојуз беа релативно добри, овозможувајќи мирен крај на Студената војна – вид на исход што историјата сугерира е сé само не автоматски.  Советскиот сојуз понуди дилпоматска поддршка на САД во нивните напори да се спротивстават на ирачката агресија, иако Ирак одамна беше близок партнер.

Денес, Советскиот сојуз веќе го нема, губејќи ги своите внатрешни и надворешни империи подеднакво. Русија, главниот нејзин наследник, стана лута, огорчена и отуѓена. Таа врши агресија наместо да е против неа.

Пред 33 години, Советот за безбедност на Обединетите нации ја осуди ирачката агресија и одобри не само економски санкции, туку и употреба на воена сила против неа за ослободување на Кувајт. Денес, Советот за безбедност е на маргините, резултат на постојаното вето што Русија го има во најважното тело на Обединетите нации.

Кина ги поддржа или барем не ги блокираше меѓународните напори за спротивставување на ирачката агресија. Американско-кинеските односи беа многу подобри отколку што се сега, одразувајќи ја кинеско-американската соработка против Советскиот сојуз во последните децении на Студената војна.

Кина беше и далеку послаба, со економија само мал дел од онаа на Америка, а диктумот на Денг Ксијаопинг за криење на способностите и времето на наддавање сé уште ја анимираа дипломатската стратегија на Кина. Овој пат, Кина прогласи партнерство без ограничувања со Русија во пресрет на нејзината инвазија и е покрај Русија оттогаш, заобиколувајќи ги економските санкции во процесот.

Пред 33 години, САД испратија половина милион војници на Средниот Исток и интервенираа решително во името на Кувајт. Овој пат, САД, претпазливи за војна по нивните неуспешни интервенции во Авганистан по случувањето на 11 септември и загрижени околу директна конфронтација со нуклеарно вооружената Русија, се воздржаа од директно учество во конфликтот, ограничувајќи ја својата улога на обезбедување оружје, муниција, разузнавање и обука.

Минатиот пат, светот се собра против агресијата. Сега не. Од една причина или од друга, многу земји нерадо се спротивставуваат на Русија. Индија ги купува нејзиното оружје и нафта, како и другите.

Администрацијата на Џо Бајден не си помогна сама на себе со тоа што инсистираше да ја претстави војната како војна на демократија наспроти автократизам. Голем дел од светот е едвај демократски и можеби ќе реагираше поповолно доколку САД ја истакнеа заканата кон слободата на една земја од инвазија, што повеќето владите на светот поддржуваат.

Што тогаш да се направи од овие разлики? Геополитиката и ривалството помеѓу големите сили, вообичаени низ историјата, повторно се вратија, како и вооружениот конфликт меѓу земјите. Здивнувањето по Студената војна, одморот од историјата, поминаа.

САД остануваат први меѓу еднаквите (или поточно нееднаквите), но тоа не треба да се меша со ништо што наликува на хегемонија. Предностите што Америка ги уживаше во 90-тите избледеа додека другите стекнаа поголема моќ.

Најважно, јазот помеѓу одговорот на светот кон агресијата тогаш и сега претставува отрезнувачко предупредување дека меѓународниот систем е влошен. Светот стана повеќе поделен токму кога му е потребно единство повеќе од било кога за да се соочи со заедничките предизвици како што се заразните болести, климатските промени и новите технологии, како што е вештачката интелигенција.

Единството е оскуден ресурс во меѓународните односи. „Меѓународната заедница“ е во најголем дел замислена. Наспроти тоа, доказите се зголемуваат за тоа дека ерата по Студената војна има отстапено места за нова ера дефинирана повеќе со турбуленции и фрагментација отколку со ред. Новата ера можеби нема сé уште име, но реалноста е тука сите да ја видат.

Ричард Хаас е Претседател на Советот за надворешни односи, претходно Директор за планирање политика на американскиот Стејт департмент (2001-2003) и беше специјален претставник на претседателот Џорџ В. Буш за Северна Ирска и координатор за Иднината на Авганистан. Тој е автор на The Bill of Obligations: The Ten Habits of Good Citizens (Penguin Press, 2023) и неделниот весник на Substack “Home & Away.”

Превод: Наташа Цветковска (Frontline)

Зачлени се на нашиот е-билтен