Нови дивоградби покрај Охридското Езеро ќе бидат урнати доколку не ги исполнуваат законските услови, предупреди градоначалникот на Струга, Менди Ќура. Тој ги повика граѓаните и инвеститорите да не почнуваат бесправна градба во заштитениот крајбрежен појас, во период кога УНЕСКО повторно бара конкретни мерки за зачувување на Охридскиот Регион.
Ќура изјави дека локалната власт нема да толерира нови објекти изградени без одобрение. Според него, дивоградбите што се спротивни на урбанистичките планови, ја попречуваат инфраструктурата или не ги исполнуваат законските критериуми ќе бидат отстранети.
„Не градете нови дивоградби покрај Охридското Езеро, ќе бидат урнати“, порача градоначалникот, додавајќи дека се подготвуваат ново законско решение усогласено со препораките на УНЕСКО и посебен закон за уредување на плажите.
Сепак, Општина Струга засега не објави колку нови дивоградби се евидентирани, за колку објекти постојат правосилни решенија за уривање и кога би почнало нивното спроведување. Не се соопштени ниту оперативен план, буџет и редослед според кој ќе постапуваат инспекциските служби.
Проблемот со бесправната градба во Охридскиот Регион трае со години. УНЕСКО во повеќе наврати бараше систематско евидентирање на дивоградбите, процена на нивното влијание врз светското наследство и отстранување на објектите што го загрозуваат заштитеното подрачје.
Досегашните искуства покажуваат дека издаденото решение не значи и извршено уривање. Државниот завод за ревизија утврди дека во Општина Охрид биле издадени стотици правосилни акти за нелегални градби, но во анализираниот период не биле преземени мерки за нивно отстранување.
Ќура призна дека проблемот не може да се реши преку ноќ и најави постепено спроведување на законските мерки. Неговата порака сега треба да биде проследена со список на објекти, рокови и конкретни инспекциски постапки.
