Претставата „Уна“ вечерва на „Охридско лето“

Вечерва на програмата на „Охридско лето“ се закажани концерт на британскиот состав „Kiiōtō“, како и театарската претстава „Уна“, работена според мотиви од култниот роман на Момо Капор, во продукција на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Љубителите на музиката ќе имаат можност да го проследат настапот на „Kiiōtō“, музички проект зад кој стојат наградуваниот пијанист и композитор Рохан Хит и вокалистката Лу Роудс, позната и како членка на британскиот бенд „Лемб“.

На сцената со нив ќе настапи и контрабасистот Џон Торн.

Музиката на „Kiiōtō“ произлегува од заедничките музички искуства на двајцата автори, а во нивното творештво значајно место имаат поезијата и темите поврзани со човековиот живот.

Во рамките на драмската програма вечерва ќе биде изведена претставата „Уна“, работена според мотиви од романот на Момо Капор.

Претставата е во режија на Дејан Пројковски, а продукцијата е на Театарот „Ѕвездара“ од Белград.

Текстот за сценската адаптација го напиша Стеван Копривица. Тој се темели на романот на Капор, но во претставата добива и нови значења и конотации поврзани со времето во кое живееме.

„Уна“ отвора повеќе теми – сеќавањето, љубовта, минливоста и човечките односи, но и влијанието што минатото го има врз сегашноста.

Како што истакнува режисерот Дејан Пројковски, претставата се занимава и со прашањето како да се зачуваат автентичноста и искреноста во време обележано со технологија, социјални мрежи и сè поповршна комуникација меѓу луѓето.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?