35 години независност: За Македонија ни треба цела плејлиста

Македонија

За да ја раскажеме Македонија, ни треба цела плејлиста. Четири минути не собираат држава, ниту 35 точки ја затвораат нејзината историја. Историјата нема Б-страна: не е важно кој победил, туку што останало. И повторно — има уште.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Независноста ја стекнавме во 1991 година, но нејзината содржина ја создаваме секој ден оттогаш. Ова се уште 35 одредници во кои Македонија се бранела, се менувала, се подобрувала или се приближувала до државата што решила да биде. Не се втора лига на нашата историја, туку нови делови од истата сложена и заедничка приказна.

Четири минути не собираат држава

Во четири минути може да се направи добар спот. Може да се избере убава песна, да се наредат архивски снимки, да се разбудат спомени и да се произведе чувство. Не може да се раскаже една држава. За да ја раскажеме Македонија, мене — а верувам и на многумина други — не ни е доволна една песна. Ни треба цела плејлиста, можеби и повеќе од една: од различни жанрови и, секако, за различни пригоди.

Тоа беше и поводот за мојата претходна колумна, „Независноста никогаш не е завршена работа“. Видеото на Владата за 35-годишнината од независноста не можеше да опфати сè, но можеше да отвори простор за поширока плејлиста. Наместо тоа, избра една песна — свечена, позната и лесна за слушање — и целата приказна ја приспособи на нејзиниот ритам. Но една песна, колку и да е добра, може да ѝ даде тон на прославата; не може да го понесе целиот товар на историјата. За тоа е потребна плејлиста. Во неа мора да има место и за потешките композиции, вклучително и за оние чиј рефрен сè уште не го пееме сите исто, но без кои денешната држава не може да се разбере.

Но да бидеме чесни: ако 35 години независност не ги собираат четири минути видео, тогаш не ги собираат ниту една, ниту две, ниту три колумни. Ниту 35 точки можат да ја затворат приказната за држава што секој ден се бранела, се поправала, се подобрувала или се надградувала, ниту приказната треба да се прекројува за да се собере во 35 точки. Бројката создава форма. Историјата, за среќа, нема обврска да ѝ се покори.

Независноста ја стекнавме во 1991 година; нејзината смисла ја освојуваме секој ден оттогаш. Создавањето на државата не заврши со референдумот, Уставот, денарот или меѓународното признавање. Тие ѝ го означиле почетокот, но не можеле однапред да одредат каква држава ќе стане Македонија, кому ќе му припаѓа и што нејзината независност ќе значи за луѓето што живеат во неа. Оттогаш, секој ден е нова борба или нова надградба. Некои денови тоа е борба да не се загуби постигнатото. Други носат нова институција, право, признание или место во светот. Трети не личат на државотворни моменти додека се случувале: книга што стигнала до нови читатели, филм кој отворил прашање што политиката го премолчува, јазик што влегол во институциите, спортист кој се искачил на подиум или човек на врвот до кој дотогаш македонското знаме не стигнало. Државата се гради и таму каде што нема лента за сечење и каде што министерот не е пред камерите.

Кај нас, се разбира, дури и успехот прво мора да покаже партиска книшка. Ако го постигнале „нашите“ и во „нашето време“, станува историски. Ако го постигнале „другите“, веднаш се бара предавството скриено зад него. Така добивме јавен простор полн со победници и предавници, а сè посиромашна заедничка меморија. Во неа нема место за нијанси: компромисот е капитулација, критиката е омраза кон државата, а признавањето на туѓиот придонес — слабост.

Во таквата врева лесно забораваме што всушност градевме и градиме: слободна, самостојна, суверена и демократска Македонија; мултиетничка, мултикултурна, повеќејазична и мултиконфесионална држава во која има место за сите; држава цврсто закотвена меѓу западните либерални демократии. Не како збир од пригодни придавки, туку како мерило за секоја одлука, договор, реформа и достигнување.

Според тоа мерило треба да се прашаме што ја направило државата побезбедна, послободна, поправедна, поотворена и позаедничка. Успехот не станува помал затоа што не ни се допаѓа авторот, ниту неуспехот исчезнува затоа што го предизвикале „нашите“ или се случил во „нашето време“.

Првата листа, оттука, не беше конечна пресуда за тоа што вреди да се памети. Таа беше мој избор на 35 одредници преку кои Македонија станувала независна држава и почнувала да ѝ дава содржина на сопствената независност. Следните 35 не се исправка на тој избор, ниту втора лига на нашата историја. Тие се дополнителни делови од истата сложена и заедничка приказна — моменти во кои државата се менувала, добивала нова содржина или се приближувала до она што сме одлучиле таа да биде.

Ако не можеме да раскажеме сè, тогаш барем да раскажеме повеќе.

Историјата нема Б-страна

Следните 35 одредници не се остатоци од првиот избор, ниту помалку важни песни сместени на Б-страната. Некои еднакво можеле да се најдат меѓу првите 35. Редоследот им го одредила бројката, не нивната вредност.

Критериумот не е кој победил, туку што останало. Избирав настани, процеси и достигнувања што се случиле по независноста и оставиле трага поголема од непосредниот повод, институцијата или човекот со кој се поврзуваат. Некои ја направиле државата побезбедна, послободна или подемократска. Други отвориле простор за различните заедници, јазици и верувања. Трети ја доближиле Македонија до светот или го донеле светот поблиску до нејзините граѓани. А некои покажале што можеме да создадеме, претставиме и зачуваме.

Затоа на листата нема само чисти победи. Има компромиси, незавршени процеси и одлуки околу кои сè уште се расправаме. Нивното вклучување не ја брише цената, ниту бара сите да ги оценуваме еднакво. Значи само дека без нив не можеме да разбереме како Македонија станала државата во која живееме.

За индивидуалните достигнувања мерилото е уште построго. Личниот успех не станува државна одредница само затоа што зад името може да се стави македонско знаме. Неговото место е тука кога ќе ја надмине личната биографија: ќе отвори пат за други, ќе направи видлива цела заедница или ќе ја внесе Македонија во простор до кој претходно не стигнала.

Ова не е канон, туку образложен избор. Може да се оспорува, дополнува и преуредува. И треба. Целта не е сите да составиме иста листа, туку во приказната за независноста да препознаеме повеќе луѓе, повеќе искуства и повеќе од она што заедно сме го создале.

  1. Превенција наместо војна – На 11 ноември 1992 година, претседателот Киро Глигоров побара распоредување набљудувачи на Обединетите нации за војните од поранешна Југославија да не се прелеат во Македонија. Првично воспоставено како дел од УНПРОФОР (UN Protection Forces), во 1995 година присуството прерасна во УНПРЕДЕП (UN Preventive Deployment Force). Тоа беше првата мировна операција на ОН со превентивен мандат и траеше до 1999 година. Македонија не чекаше војната да стигне до нејзините граници: навреме ја препозна опасноста и побара помош за да ја спречи. Зачуваниот мир беше важен за раното консолидирање на државата, а мисијата стана меѓународна лекција дека превенцијата може да биде поуспешна од интервенцијата.
  2. Компромис пред решение – Можеби не беше решение за спорот за името, но Времената спогодба со Грција од 1995 година го прекина ембаргото и овозможи нормализирање на односите помеѓу двете држави. Таа не беше историско помирување, туку прагматичен договор што ѝ даде простор на Македонија да продолжи со меѓународното интегрирање. Понекогаш државноста се брани и со привремено решение, додека за трајното сè уште нема политички услови.
  3. Власта е менлива – На Парламентарните избори во 1998 година беше воспоставен едноставен, но суштински демократски преседан: изборниот пораз треба да заврши со институционално предавање на моќта. Првата мирна промена на власта се чинеше едноставна, се додека подоцнежните кризи не покажаа дека сменливоста не е еднаш засекогаш освоена вредност. Токму затоа 1998 година останува одредница — потсетување дека државата не ѝ припаѓа на власта, туку власта привремено им е доверена на избраните.
  4. Јадранскиот пат кон НАТО – Со Јадранската повелба од 2003 година, Македонија, Албанија и Хрватска, со поддршка од Соединетите Американски Држави, ги поврзаа своите одбранбени реформи и евроатлантски амбиции. Партнерството не го замени индивидуалниот пат на секоја држава, но создаде регионален механизам за соработка и заемна поддршка. За Македонија, тоа беше уште една станица на долгиот пат од стратегиска определба до членство во НАТО.
  5. Првата европска операција – Во 2003 година, со „Конкордија“, Европската Унија ја започна својата прва воена операција, токму во Македонија. По неа следуваше полициската мисија „Проксима“. Државата тогаш сè уште беше корисник на меѓународна безбедносна помош, но истовремено стана место на кое ЕУ ја испроба сопствената безбедносна и одбранбена улога. Тоа е необично, но важно место во современата европска историја.
  6. Поблиску до граѓаните – Со пренесувањето на надлежностите на општините од 2005 година, децентрализацијата го промени начинот на кој се управува со образованието, урбанизмот, локалниот развој и јавните услуги. Таа беше еден од најсуштинските резултати на Охридскиот рамковен договор: дел од моќта да се оддалечи од центарот и да се доближи до граѓаните и заедниците. Но, две децении подоцна, процесот не е завршен. Надлежностите се спуштија на локално ниво побрзо од парите, кадрите и капацитетите, а разликите помеѓу општините останаа големи. Моделот е сменет; децентрализацијата сè уште не е довршена.
  7. Поранешниот корисник придонесува – Со учеството во меѓународни мисии во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина, Либан и на други места, државата покажа дека безбедноста не е услуга што само се прима. Македонските војници стекнаа искуство, доверба и способност да дејствуваат со сојузничките армии. Овие мисии беа дел од подготовката за НАТО, но и доказ дека малата држава може да преземе дел од одговорноста за меѓународниот мир.
  8. Без виза – Пред 2009 година, патувањето во Европа започнуваше во редица пред амбасада: со формулари, покани, гаранции, банкарски потврди, платени такси и без гаранција дека визата ќе биде одобрена. Од 19 декември 2009 година, граѓаните со биометриски пасоши добија можност за краткорочен престој во Шенгенскиот простор без виза. Одлуката не беше подарок, туку резултат на реформи во безбедноста на документите, управувањето со границите, миграцијата и азилот, борбата против организираниот криминал и корупцијата и заштитата на основните права. Малку европски реформи биле почувствувани толку непосредно. Визната либерализација не нè направи членка на Европската Унија, но отстрани една секојдневна граница меѓу македонските граѓани и Европа.
  9. Феминистичка надворешна и безбедносна политика!? – Во 2001 година, во екот на политичката и безбедносната криза, Илинка Митрева стана првата жена министерка за надворешни работи. Во 2017 година Радмила Шекеринска стана првата жена министерка за одбрана и го водеше ресорот во периодот на реформите и пристапувањето кон НАТО. Врвот дојде во 2024 година, кога Гордана Сиљановска-Давкова беше избрана за првата жена претседателка на државата, а со тоа и првата жена врховна командантка на вооружените сили. За нешто повеќе од две децении, жените стигнаа од дипломатијата и одбраната до чело на државата. Но кругот сè уште не е затворен: независна Македонија никогаш не избрала жена за премиерка со сопствен владин мандат, ниту жена за претседателка на Собранието.
  10. Зошто не?! – Албанец бил на чело на македонското Собрание и пред независноста: Вулнет Старова ја извршувал функцијата од 1986 до конституирањето на првото повеќепартиско собрание во 1991 година. Но независна Македонија чекаше повеќе од четврт век за тоа да се повтори. Во 2017 година, Талат Џафери стана првиот Албанец избран за претседател на Собранието по независноста, а неговиот избор на 27 април беше непосредно проследен со насилниот упад во законодавниот дом. Седум години подоцна, Џафери стана и првиот Албанец на чело на Владата, иако како претседател на техничка влада со ограничен мандат. Двата моменти го покажаа и отпорот кон промената и постепеното отворање на највисоките институции. Зашто во заедничка држава ниту една функција не треба однапред да биде резервирана за само една заедница.
  11. По правда во Стразбур – Со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права во 1997 година, Македонија прифати дека нејзините институции не се последната адреса за правда. Една година подоцна, Маргарита Цаца-Николовска беше избрана за првата судијка во Европскиот суд за човекови права од Македонија и остана таму до 2008 година. Таа не ја претставуваше државата, туку независно го применуваше правото што ја обврзува. Нејзиниот избор беше лично признание, но и знак дека граѓанинот добил европска заштита, а државата прифатила дека и таа мора да одговара.
  12. Универзитет врз линиите од конфликтот – Високото образование на албански јазик со години беше судир помеѓу легитимна потреба и држава што не знаеше како да ја признае. По законските измени од 2000 година, високиот комесар на ОБСЕ Макс ван дер Штул ја претвори можноста во институција: со меѓународни средства и земјиште обезбедено од Владата, во Тетово почна изградбата на Универзитетот на Југоисточна Европа. Кампусот се градеше и додека околу градот се водеше вооружен конфликт, а Универзитетот беше отворен на 20 ноември 2001 година. Тој не го реши целиот спор околу високото образование на албански јазик, но покажа дека легитимните барања не мора да завршат во паралелни институции или на барикади. Понекогаш најдобрата безбедносна политика е да се изгради универзитет.
  13. Преку локалната власт во светот – Со територијалната поделба од 1996 година, Шуто Оризари стана самостојна општина, а Неџдет Мустафа беше избран за нејзин прв градоначалник. Така Македонија ја создаде единствената општина во светот со ромско мнозинство и со ромскиот како службен јазик. За заедница која низ Европа најчесто е исклучена од институциите, тоа беше редок пресврт: Ромите не беа само предмет на социјални политики, туку избираа власт и управуваа на сопствениот јазик. Но политичката видливост не донесе и материјална еднаквост. Сиромаштијата, дискриминацијата и недостигот од основни услуги останаа. Шуто Оризари е доказ колку далеку може да стигне признавањето — и колку малку значи ако зад него не следуваат еднакви услови за живот.
  14. Она што не може во музеј – Со ратификацијата на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство во 2006 година, Македонија прифати дека културното наследство не се состои само од цркви, тврдини и археолошки наоѓалишта. Под заштита влегоа и обредите, песните, ората, занаетите и знаењата што живеат само додека некој ги практикува и ги пренесува. Оттогаш, шест македонски добра се впишани на листите на УНЕСКО: празникот Свети Четириесет маченици, Копачката, Гласоечкото, Х’дрлез, мартинките и традиционалната изработка и свирење на гајда. Тоа е наследство на различни краишта, јазици, вери и заедници — и доказ дека културниот идентитет на државата никогаш не бил напишан во еднина.
  15. Кога претставата стана свадба – Галичката свадба се одржувала уште од 1963 година, но свадбата долго била само претстава, а невестата и зетот — однапред избрани улоги. На 13 и 14 јули 1991 година, на нејзиното 21. издание, Антонио Пендаровски и Весна Мицевска станаа првите младенци што навистина се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“ во Галичник. Оттогаш, манифестацијата престана само да го прикажува обичајот и повторно го претвори во живот. Триесет и пет години подоцна, во 2026 година, нивниот син Александар Пендароски беше избран за галички зет. Додека државата одбележува 35 години независност, Галичник одбележува 35 години откако претставата повторно стана вистинска свадба — и традицијата повторно стана семејна историја.
  16. Имотот се врати, луѓето не – На 11 март 1943 година, бугарските окупациски власти собрале 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, ги затвориле во скопскиот Монопол, а потоа ги депортирале во Треблинка. Речиси никој не се вратил. Независна Македонија направи редок чекор: имотот на жртвите без наследници го пренесе во Фондот на холокаустот, а дел од неговата вредност го вложи во Меморијалниот центар, отворен на 10 март 2011 година во некогашното Еврејско Маало. Споменик изграден не само со државни пари, туку и со вратен имот. Имотот можеше да се врати. Луѓето не. Затоа паметењето не е гест на добра волја, туку долг.
  17. Пет држави, еден глас – Со албумот „По тебе“, Тоше Проески стигна до врвот на топ-листите во пет држави од поранешна Југославија. Пееше на различни јазици, во 2004 година стана амбасадор на УНИЦЕФ, а популарноста ја претвори и во хуманитарна работа. Во регион кој штотуку учеше повторно да разговара, тој успеа да биде „наш“ на повеќе страни од границите. Заедничката жалост по неговата смрт не беше произведена од протокол. Беше доказ дека еден глас понекогаш може повторно да поврзе простор што политиката долго го делела.
  18. Една сага, два јазици – Пишуваше на македонски и на албански, градејќи ја „Балканската сага“ како книжевен дом со повеќе од еден влез. Семејството, егзилот, границите и исчезнатите империи во неговите романи преминаа во повеќе од дваесет јазици. Луан Старова не избра помеѓу македонската и албанската култура. На Балканот, каде што двојната припадност често се третира како сомнеж, Старова ја претвори во книжевна предност. Не беше човек меѓу две култури, туку автор што ги внесе двете во иста библиотека.
  19. Папокот на светот – Со „Папокот на светот“, Венко Андоновски ја доби наградата „Балканика“ за 2001 година. Во регион во кој книгите често потешко ги минуваат јазичните отколку државните граници, признанието го внесе романот во поширок балкански книжевен разговор. Вредноста не е само во наградата, туку во потврдената можност дело напишано на македонски да биде прочитано надвор од сопствениот јазичен круг. Малите јазици не создаваат мала книжевност. Мал може да остане само просторот што сме ѝ го отвориле.
  20. Без резервен јазик – Во 2013 година за романот „Резервен живот“ Лидија Димковска ја доби Европската награда за литература. Романот раскажува за сијамските близначки Злата и Сребра и ја претвора физичката споеност во силна приказна за блискоста, разделбата и распаѓањето на заедничките светови. Наградата го доближи до илјадници читатели низ Европа и пошироко, отворајќи пат што за книжевностите на малите јазици ретко се отвора сам. Европа не го откри само романот. Преку него мораше да прочита искуство што обично го набљудува оддалеку.
  21. Четириесет јазици подоцна – Поезијата на Никола Маџиров е преведена на повеќе од четириесет јазици, а неговите книги ги објавија значајни европски и американски издавачи. Во 2007 година, „Преместен камен“ ги доби наградата „Браќа Миладиновци“ и европската награда за поезија „Хуберт Бурда“. Неговите стихови тргнуваат од домот, заминувањето и исчезнатите светови на Балканот, но не остануваат заробени во локалната географија. Маџиров покажа дека преводот не го прави искуството помалку наше. Само му овозможува на светот да се препознае во него.
  22. Државата на три акорди – Стара панк-група повторно се собира и тргнува на пат низ земја што сè уште ги носи поделбите од 2001 година. „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски ја доби специјалната награда на жирито на Санденс во 2011 година — за „славење на анархичниот дух“. Без пригодни пораки и без патриотска глазура, филмот зборува за поразените генерации, етничките граници и луѓето што не се вклопиле во новиот поредок. Понекогаш три акорди кажуваат повеќе за државата од триесет свечени говори.
  23. Таа не го враќа крстот – Во „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, жена го фаќа крстот во ритуал резервиран за мажи — а потоа сите институции се обидуваат да ја вратат на местото што ѝ го определиле. Филмот на Теона Стругар Митевска во 2019 година влезе во главната конкуренција на Берлинале, освои две паралелни награди, а потоа и филмската награда ЛУКС на Европскиот парламент. Една локална приказна од Штип стана европска дебата за патријархатот, верата и достоинството. Петрунија не побара дозвола. Токму затоа беше слушната.
  24. Долгото доаѓање на огнот – Стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов во 2023 година беше одбележана во соработка со УНЕСКО, со централна програма во Париз на Светскиот ден на поезијата. Но тоа не беше само пригодно чествување на веќе утврден класик. Преку преводи, научни расправи и повеќејазични читања повторно се отвори прашањето како поезијата создадена на помалку распространет јазик стигнува до светот. Шопов учествуваше во создавањето на современиот македонски поетски јазик. Сто години подоцна, тој јазик повторно проговори од светска говорница.
  25. Пет свеќи за една држава – На 7 мај 2019 година, папата Франциск стана првиот папа што ја посетил Македонија. На плоштадот во Скопје служеше миса пред илјадници луѓе, а во спомен-домот на Мајка Тереза беа запалени пет свеќи за различните верски заедници. Посетата ја направи повидлива малата католичка заедница, но и ја претстави земјата како простор во кој православни, муслимани, католици, Евреи и протестанти живеат едни покрај други. Видливоста на помалиот не му одзема ништо на поголемиот. Само покажува колку е широка државата.
  26. Кирилица по точката – Со националниот интернет-домен „.мкд“, кирилицата доби место и во адресниот систем на интернетот. Тоа не е само дигитален украс покрај „.mk“, туку можност цела интернет-адреса да биде напишана на македонско писмо. Јазикот не се чува само во учебниците, речниците и свечените говори. Ако сака да остане жив, мора да може да влезе и во кодот, пребарувачот и технологијата на утрешниот ден. Азбука што не умее да се дигитализира лесно може да заврши како музејски експонат.
  27. Без фуснота – На Параолимписките игри во Атина, во 2004 година Ванчо Каранфилов освои сребро, а Оливера Наковска-Бикова злато во Лондон во 2012 година, со светски рекорд во квалификациите во воздушен пиштол. Тоа не се „параспортски“ успеси што треба да стојат во посебна, потивка рубрика. Тоа се олимписки подиуми, освоени во врвна светска конкуренција. Ако медалот го славиме помалку затоа што спортистот има попреченост, тогаш ограничувањето не е кај спортистот. Кај нас е!
  28. Тројната круна – За само неколку месеци во 2010 година, Горан Пандев со Интер ги освои италијанското првенство, Купот на Италија и Лигата на шампионите. Играше во финалето против Баерн и беше дел од тимот, а не декор во туѓата фотографија. Подоцна истата година Интер го освои и Светското клупско првенство, а Пандев постигна гол во финалето. Македонски фудбалер стигна до самиот врв на европскиот и светскиот клупски фудбал. Од Горан Пандев наваму, тој врв повеќе не е место што можеме само да го гледаме на телевизија.
  29. На дебито до осминафиналето – Во 2019 година, машката одбојкарска репрезентација првпат настапи на Европско првенство и таму ја совлада Словенија, која подоцна стигна до сребрениот медал. Следуваа нови пласмани, а во 2023 година Македонија беше еден од домаќините и првпат стигна до осминафиналето. За спорт што долго живееше во сенката на фудбалот, ракометот и кошарката, тоа веќе не е кратка епизода. Одбојката не излезе само во Европа. Почна да останува таму.
  30. Супертешко во лесна категорија – Во 2014 и во 2018 година стана европски шампион во карате, а во 2021 година Емил Павлов освои сребрен медал на Светското првенство на Светската карате-федерација. Во спорт со огромна конкуренција и исклучително тесен пат до подиумот, тој не направи еден случаен пробив, туку одржа светска класа во повеќе натпреварувачки циклуси и категории. Традицијата може да создаде масовност. Павлов покажа дека од неа може да излезе и резултат од највисок меѓународен ранг.
  31. На седум континенти – На 23 мај 2013 година, Илина Арсова стана првата Македонка што се искачила на Монт Еверест. Шест години подоцна, со искачувањето на Винсон на Антарктикот, го заврши предизвикот „Седум врвови“ — највисоките планински врвови на сите континенти. Седум врвови не се само географска листа, туку години подготовка, ризик и истрајност. Арсова не освои „женска“ верзија на планините. Ги освои истите врвови, само со товарот на уште една предрасуда на грбот.
  32. Последниот од четиринаесетте – Со искачувањето на Гашербрум I на 20 јули 2025 година, Сашко Кедев стана првиот Македонец што ги освоил сите четиринаесет планински врвови повисоки од 8.000 метри. Заедно со претходно завршениот предизвик „Седум врвови“, тоа е достигнување од вистински светски ранг. Во јавноста Кедев имал и други улоги, за кои може и треба да се суди одделно. На оваа листа не е поради политиката. Планините се доволни.
  33. Две децении на татамито – Повеќе од две децении, Дејан Недев освојуваше европски и светски медали во традиционално карате, меѓу нив и светски титули во фуку-го и екипна ката. Прецизноста е важна: станува збор за натпреварувања во системот на традиционалното карате, а не за шампионатите на Светската карате-федерација. Но тоа не го прави достигнувањето помало. Напротив, токму континуитетот — најнапред како натпреварувач, а потоа како тренер и пренесувач на знаењето — му дава тежина што не може да ја собере ниту една табела со освоени медали.
  34. Европа во ретровизорот – Во 2014 година, Македонија првпат доби европски шампион во автомобилизам под покровителство на ФИА. Игор Стефановски-Иџе ја освои Категоријата 1 на Европскиот ридско-брзински шампионат, ја одбрани титулата во 2015 година, а осум години подоцна повторно се искачи на европскиот врв. Првата титула ја отвори патеката, втората покажа дека триумфот не бил случаен, а третата дека класата не му зависела од една добра сезона. Македонија ретко се појавува на европската карта на автомобилизмот. Иџе ја внесе со полна брзина.
  35. Природата нема пасош – Во 2019 година, светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион беше проширено и на албанскиот дел од Охридското Езеро. Во 2021 година, буковата шума во Длабока Река влезе во транснационалното наследство на древните и исконските букови шуми на Европа. Со двете одлуки, природните богатства престанаа да бидат само национален посед и станаа заедничка меѓународна обврска. Но признанието не е заштита само по себе. Езерото може да биде на листата на УНЕСКО и истовремено да биде загрозено од нас. Природата не ги признава границите, но многу добро ги памети последиците од нашата негрижа.

И повторно: има уште

По уште 35 одредници, листата не е поблиску до крајот. Зад секој направен избор останаа други дела, институции, медали, признанија, научни достигнувања и граѓански подвизи што со исто право можеле да бидат вклучени. Тоа не го прави изборот послаб. Покажува само дека државата била градена на повеќе места, од повеќе луѓе и на повеќе начини отколку што собира една пригодна бројка.

По седумдесет одредници, Македонија сè уште не е раскажана. И добро е што е така. Држава во која има место за сите не може да има само една песна, еден жанр и една дозволена верзија на сопственото минато. Таа не почнува со „нашите“ и не завршува со „нивните“. Успехот не станува предавство кога ќе го постигне некој што не ни се допаѓа, ниту неуспехот станува победа кога зад него стојат оние за кои навиваме.

Можеби токму тоа треба да го вратиме во заедничкото паметење: способноста да го признаеме постигнатото без да прашаме чија партиска книшка го потпишала и да ја видиме цената без да провериме кој ја наплатил. Историјата не е навивачка трибина. А државата е секогаш поголема од победниците што се обидуваат да ја присвојат и од предавниците што секојдневно ни ги измислуваат.

Но зад сите овие датуми, договори, книги, филмови, институции, медали и освоени врвови стојат луѓе. Луѓе без кои независноста немаше да се случи, да опстане или да добие содржина. Тие се следната листа.

Зашто државата не ја создаваат датумите. Датумите само паметат кога луѓето го направиле тоа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?