Концерти: Д Фестивал
Денес (петок 30 јуни) во 10:00 ч. во Дојран официјално започна Д Фестивал, најголемиот летен музички фестивал во земјава, кој по тринаесетти пат ќе се одржува во Дојран. Повеќе од 300 учесници во музичката и дополнителната програма се најава за тридневната програма до 2 јули на годинешното издание на Д Фестивал.
Редовната музичка програмата на Д Фестивал е домаќин на повеќе од 50 светски, регионални и домашни изведувачи кои ќе настапат на пет фестивалски. Официјалното отварање е закажано на 30 јуни во петок и го предводат светските легенди на треш-метал музиката „Креатор“ од Германија, шпанската псај-техно хероина Индира Паганото, британскиот драм енд бејс гигант Рони Сајз, како и врвните претставници на домашната сцена „Фолтин“, Галоски, Страјк, ЛД Пистолеро, диџеј Гоце и Ронин. Првиот фестивалски ден ќе ни ги претстави и концертите на „Фулу Мизики“, „Даикаиџу“, „КОИКОИ“, Ива Лоренс, Беседа, „Максимус Вандал“, „Алис ин Вондербенд“, „Ленхарт Тејпс“, „Хајпертек“, Дарко Степиќ, Ермилова и Настасја Киш.
Силното фестивалско темпо продолжува и вториот ден, кога настапуваат планетарниот хит-мејкер „Сигала“, домашниот музички гениј Кирил Џајковски, „С.А.Р.С.“, фантастичниот стонер рок бенд „1000модс“ и техно принцезата „Ксениа“. Саботната треска на Д Фестивал продолжува и со настапите на „Доуп Куќата“, Смоке Мардељано, Зарина Првасевда, „REYKO“, „Xarakiri“, Мартина Пенева, Coeus, Flooder, Visionary, Charley, E.U.E.R.P.I. и „АудиоЦигла“ во придружба на бенд.
Саботната вечер на Д Фестивал годинава вклучува и специјален концерт на светски признатиот пијанист Симон Трпчески и неговиот музички проект „Македонисимо“. Овој квинтет ќе се претстави на Главната бина на 1 јули кога Д Фестивал ќе ги отвори своите врати со бесплатен влез за сите посетители од 18:00 часот, а почетокот на концертот е закажан во 19:00 часот.
Бесплатниот концерт за време на Д Фестивал е неодолива можност сите да ја почувстуваат магијата на квинтетот „Македонисимо“ во поинаква атмосфера на зајдисонце покрај дојранското крајбрежје. Неприкосновениот талент на маестро Симон Трпчески заедно со извонредните Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Паскал Краповски (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки) ветуваат вистинска прослава на македонската музика и традиција.
За финалната вечер на 2 јули (недела) е закажана забавата до утринските часови заедно со италијанско трио „МEDUZA“ номинирано за „Греми“ наградата, дуото од златното доба на њујоршкиот хип-хоп „ONYX“, српската раперка Мими Мерцедез, како и со јубилејната прослава на домашните хардкор легенди „SMUT“. Енергичен поздрав на 13-тиот Д Фестивал ќе му приредат и „FUNK SHUI“, „Паркети“, Алина Паш, „Баклава“, „Peach Vice“, „С.А.М.“ „Димиш“, „Basement Cult“, „Red18“, Миа Перевска, „АудиоЦигла“, „Bon Praskiza“, „Matej Foltz“, „Princess Donatsu“,„Flexify“, „Bullz“, „Ogipsilon“, „Shorty P“ и „Irie Scratch“.
Д Фестифал е специфичен и единствен по својот програмски концепт кој вклучува многу повеќе од музика, па во склоп на дополнителната програма на Фестивалот посетителите имаат прилика да уживаат и да посетат бројни изложби, перформанси, кино, театар, дебати, работилници, арт-бутик, спорт, игри, натпревари и уште многу други активности распространети низ повеќе од 20 различни катчиња во ПЛОШТАРТ зоната – креативното јадро на Д Фестивал! Како гости во овој дел од програмата и задолжени за плејадата забавни содржини кои го создаваат есенцијалниот белег на овој уникатен фестивал, годинава во Дојран пристигнуваат голем број граѓански здруженија, младински организации, фестивали, уметници, експерти, креативци и културни дејци. Само дел од нив се: фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, „Чудна Шума“ со авторката Билјана Црвенковска, европскиот проект „МОСТ“, „Етернити Тату“, „Гоблин“, „КРИК“, „ЦИД“, „Новус“, Себесложувалка, „Хера“, „Еквалис“, „Куманово Скелетонс“, „Кајак Адвенчерс“ и многу други. Тука меѓу другото посетителите ќе најдат и медицински прегледи, масер, психолог, бербер, тарот читање, живи статуи, наградни квизови, кулинарски специјалитети и многу други фестивалски изненадувања.
Во рамки на ПЛОШТАРТ, ќе се одржува и специјалната програма „Family Day“ наменета за најмалите и за сите кои сè уште знаат да се радуваат како деца. Покрај бројните активности кои ги спроведува „Чудна шума“, во овој дел од програмата ќе гостува и омилениот детски фестивал „Поточиња“: со настап кој на Д Фестивал ќе го прослави големиот јубилеј – 20 години постоење. „Family day“ исто така ќе се одржува со бесплатен влез за секое дете и еден негов старател.
Филм: „Авантурите на карикатурата“
Анимираниот филм „Авантурите на карикатурата“ (Avanture karikature / Adventures of cartoons) на режисерката Вера Влаиќ (Vera Vlajić) од 2023 година, 90 мин., колор, ДЦП, српско-македонска копродукција, ги „толкува“ историските настани од средината на 19 до почетокот на 21 век, користејќи го јазикот на анимираниот филм и неговата уметничка поврзаност со карикатурата.
Овој филм им дава посебно значење на личностите кои постигнале авторски печати и придонеле за развојот на карикатурата како уметност за српската култура. Вклучува и автори кои повеќе од 70 години го делеле заедничкиот државен, економски и културен простор на луѓето во некогашна Југославија. Широката примена и популарност на карикатурата се заснова на нејзината суштина, што преку еден цртеж или неколку цртежи директно толкува одредени идеи и ситуации. Нејзиниот општествен ангажман во толкувањето на актуелните настани или пренесувањето на одредени филозофски размислувања, на сатиричен, пародичен, метафоричен, потсмешен начин, секогаш имала една цел да го насмее лицето на кое му е насочено, тоа е читателот на весниците, без разлика дали се тие. дневни или периодични, или списанија специјализирани за поттикнување смеа и хумор.
Цртежите во филмот се базирани на оригиналните карикатури на Вера Влајиќ и Мирослав Љ. Јелиќ, кој ја потпишува и анимацијата и layout на сликите. Наратори во филмот се актерите Горица Поповиќ и Милан Цаци Михаиловиќ. Продуценти на филмот во копродукција на Movie Drum Белград и Cinema Futura Скопје се Андреј Јаневски и Иван Унковски.
„Авантурите на карикатурата“ е на програмата на Кинотеката на 30 јуни (петок), во 20:00 ч.
П.С. Со проекцијата на исклучителниот филм „Триаголник на тагата“ (Triangle of Sadness) на Рубен Остлунд на 6 јули (четврток), во 20:00 ч., наредната недела во Кинотеката започнуваат Деновите на шведскиот филм. До 12 јули ќе бидат прикажани уште пет современи наслови од шведската кинематографија, вредни за препорака наредниот петок. „Тригалник на тагата“ е одличен избор како загревање за Деновите на шведскиот филм.
Книга: Романот „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер
Романот „Приказна за духовите“ од австриската писателка Лаура Фројденталер, кој е добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, неодамна излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Приказна за духовите“ е роман за тишината во животот на средовечната професорка по клавир Ан, што се појавува ненадејно откако одлучува да земе слободна година од училиштето во кое работи, за да му се посвети на свирењето и на подготвувањето учебник за наставата. Токму кога се чини дека непречено ќе може да им се посвети на нештата што ги сака, Ан ја опседнуваат немири.
Ан е Французинка која се преселила во Австрија и повремено чувствува непријатност поради несовршеното зборување на германскиот јазик, поради губењето на личниот идентитет (од Ан, станува Ане, како што се изговара на германски нејзиното име…) што потоа се трансферира и во заедничкиот дом со Томас. Томас сè почесто е отсутен од домот, веќе извесно време престојуваат во различни соби и сè поретко разговараат. Постепено, слободното време се претвора во тесен затвор за Ан, во кој почнуваат да се вселуваат звуци и привиденија што целосно ја обземаат и ја измачуваат…
-Невдоменоста, иако често не е во центарот, во смисла дека не се раскажува и не се објаснува за неа, сепак не е маргинална тема. Таа е една од основите, еден од столбовите, според мене она што се опишува е несигурноста на површината на којашто стои овој живот. Оваа површина ја носат различни столбови. Еден од овие столбови е свирењето клавир, еден е врската со Томас, а еден столб што дава потпора е јазикот и потеклото, кои се неразделно поврзани. Тоа е нешто што кај Ан има особена улога од пред дваесет или дваесет и пет години, преку оваа промена, преку ова пуштање корени на некој начин. Според мене, таа добро се справува со оваа промена, двојазичноста е исто така дел од идентитетот, како и припаѓањето на две култури. Но, во моментот кога таа почнува да се колеба за многу работи, ова станува проблематично. И сето тоа има врска и со станот, тука метафората за површината и основата се проширува и се пренесува и на ѕидовите – рече писателката Фројденталер на неодамнешната онлајн промоција на книгата.
Лаура Фројденталер (Laura Freudenthaler) е родена во 1984 година во Салцбург. Студирала германски јазик и литература, филозофија и родови студии. Живее во Виена. Нејзините раскази „Черепот на Медлин“ се објавени во 2014 година. За романот „Кралицата молчи“ ја добива книжевната награда на градот Бремен во 2018 година, а романот добива препорака за најдобро прозно дебитантско остварување од Германија на фестивалот за дебитантски романи во Шамбери во 2018 година.
Преводот на „Приказна за духовите“ е на Ксенија Чочкова. Овој роман е трет наслов од едицијата „Порта Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина“, кофинансиран од Европската унија. Тој е едно од делата за кои на конкурс се избираше дизајн за корици за едицијата „Порта Европа“, а победничкото решение на Лара Маринковиќ се најде на корицата на книгата.
Избрал: С.С.