Возачи, внимателно, АМСМ утрово, на 3 септември, предупредува на можни одрони на четири фреквентни делници низ Македонија. Коловозите се наместа влажни, а зголемениот сообраќај бара приспособена брзина, особено низ котлините, речните долини и клисурите.
Ризик од одрони има на патниот правец од Катланово кон Велес, од Маврово преку Дебар до Струга, од Виница кон Берово и од Кочани кон Делчево. На овие делници возачите треба да бидат подготвени на можноста камења или земја да паднат на коловозот.
Автомото сојузот на Македонија препорачува внимателно управување, почитување на поставената сигнализација и намалување на брзината пред свиоците и на деловите со намалена видливост.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по наместа влажни коловози. Интензитетот надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Дополнително внимание е потребно и на патниот правец од Кичево кон Охрид, каде поради градежни работи на повеќе места сообраќајот се одвива со девијации. Изменет режим има и на автопатот А4 пред наплатната станица Преод, на делницата Миладиновци, Свети Николе и Штип.
Градежни активности се изведуваат и на мостовите на патот од Гостивар кон Стража, во близина на Желино, на мостот над Брегалница во Штип и на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово.

