Децении наназад, македонскиот систем на поддршка во земјоделството функционира по принципот на директни парични исплати по површина или по предадена количина. Резултатот од овој модел е очигледен: парите најчесто завршуваат за покривање на трошоци кои не се поврзани со производството на земјоделците додека пазарот страда од шпекулативни цени на вештачките ѓубрива, заштитните средства и други репроматерјали.
Време е за радикален пресврт. Новата стратегија за субвенционирање мора да се заснова на два основни столба:
- сумата на парите кои според програмата за субвенционирање следуваат на одреден земјоделец да се исплати во ваучери за набавка на наменски репроматеријали за производството и
- ригорозна регионална спецификација на субвенциите по примарни земјоделски култури за одреден регион.
1. Поддршка во репроматеријали наместо „кеш“
Наместо директни парични дознаки кои брзо ја губат својата земјоделска намена, државниот буџет треба да финансира наменски ваучери за набавка на репроматеријали за земјоделското производство (сортно семе, садници со висок квалитет, еколошки -минерални ѓубрива, квалитетни пестициди, гориво за земјоделска механизација, системи за наводнување, модерни дигитални алатки, дронови и сл.).
Овој модел носи најмалку три клучни предности:
- Земјоделците добиваат стандардизирани и сертифицирани репроматерјали што овозможуваат поголема конкурентност и квалитет на финалниот производ.
- Државата преку рамковни договори или регулирани ваучерски системи може да испреговара подобри цени од увозниците и дистрибутерите, овозможувајќи му на земјоделецот поголема реална вредност за одвоените средства.
- И најважното, секој денар од субвенцијата завршува директно во производството, а воедно се намалуаваат и можностите за злоупотреби. Само така ќе се постигне основната цел на субвенциите –поттикнување и поддршка на земјоделството.
2. Регионално таргетирање на субвенционирањето
Субвенционирањето на нерентабилно производство во несоодветни микроклиматски услови е чисто фрлање државни пари. Државната поддршка мора да биде регионално координирана според географските, почвените и климатските специфицифики на теренот, значи субвенционирање само за неколку примарни земјоделски култури за кои одговараат микроклиматските усклови за производство на одреден регион, пример:
- Тиквешкиот регион е срцето на лозарството и овоштарството. Во овој регион државните субвенции треба да бидат фокусирани исклучиво во поддршка на лозарството, овоштарството и градинарство.
- Малешевијата и Осоговијата имаат идеални услови за компир, сточарство, органско овоштарство (слива, јаболко, шумски плодови) и пчеларство.
- Во Пелагонија, Полог, Овчеполието субвенционирање само на производство на индустриски и житни култури, сточна храна и млечно сточарство
- Струмички и Гевгелиски регион треба комплетно да бидат поддржани во делот на раноградинарското производство.
Меѓународни искуства: Како го прават тоа развиените економии?
Европска Унија (CAP – Common Agricultural Policy)
Со новата реформа на Заедничката земјоделска политика (2023–2027), ЕУ им даде слобода на членките да креираат регионално таргетирани мерки. Во региони склони кон суша или ерозија, финансирањето е условено со набавка на специфични репроматеријали (покривни култури, био-стимулатори) и примена на прецизно земјоделство.
Регионално географско ограничување: Земји како Франција и Италија со децении го условуваат финансирањето на одредени култури според заштитеното географско потекло (PDO/PGI). Доколку произведувате култура надвор од нејзината традиционална и акредитирана зона, не подлежите на државни стимулации.
Соединети Американски Држави (USDA / Farm Bill)
Конзервациски програми со таргетирани влезни средства (EQIP): Преку Програмата за поттикнување на квалитетот на животната средина (EQIP), USDA не им дава пари на фармерите, туку им покрива трошоци за специфични инпути, семенски материјал за конзервациски култури и специјализирана опрема што одговара на конкретниот географски округ (County).
Индија и земјите во развој со брз аграрен раст
Директен трансфер за репроматеријали (Direct Benefit Transfer for Fertilizers): Индија го замени директното финансирање со систем каде фармерите добиваат субвенционирани ѓубрива и семиња директно кај овластени дистрибутери преку верификација на идентитетот, спречувајќи го препродавањето на пазарот.
Од социјална помош кон аграрен развој
Овој начин на субвенционирање претставува премин од „пари на рака“ кон поддршка во квалитетен репроматеријал и од популистичко или социјално субвенционирање кон директно насочување на субвенциите во производството и строга регионализација на истото.
Со ваква стратегија, Македонија за 3 до 5 години ќе добие окрупнети аграрни региони, намалени трошоци за производство, високо конкурентни производи и земјоделци кои наместо да зависат од социјални исплати, ќе создаваат вистинска додадена вредност.
*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство

