Основниот суд во Улцињ ја прогласи за виновна 43-годишната Сашка Стојановска од Скопје за кривично дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“ и ја осуди на 45 дена затвор.
Според пресудата, на 24 јули околу 15 часот, на булеварот „Теута“ во населбата Улцињско Поле, Стојановска управувајќи автомобил „мерцедес“ најмалку двапати поминала преку куче од расата шарпланинец. Кучето се здобило со повреди од кои угинало.
При одмерувањето на казната, судот како олеснителни околности ги зел предвид нејзините семејни прилики, фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, како и тоа што претходно не била осудувана.
Како олеснителна околност било земено предвид и тоа што во моментот на извршувањето на делото била со битно намалена пресметливост. Ова било утврдено врз основа на наод и мислење на вештак психијатар.
„Околности кои ја отежнуваат вината судот не најде“, се наведува во пресудата.
Судот оценил дека казната од 45 дена затвор е соодветна на тежината на делото, личноста на обвинетата и околностите под кои било извршено, како и дека треба да претставува општествена осуда на мачењето и убивањето животни.
Во изречената казна ќе ѝ биде засметано и времето поминато во притвор, почнувајќи од 24 јули 2026 година во 20:30 часот.

