Од 30 септември до 4 октомври 2026 година, во Скопје ќе се одржи 21-то издание на АКТО фестивал за современи уметности, во организација на платформата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“, програмата вклучува перформативни уметности, предавања, едукативни работилници, изложби и музички содржини. Фестивалските случувања ќе се одвиваат во киното и дворот во Железничката зграда (ул. „Борка Талевски“ бр. 26), Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет – УКИМ и галеријата Сули-ан при ФЛУ.
На свеченото отворање на АКТО на 30 септември, во киното ќе биде изведен перформативен [радио] есеј „Железничарот на крајот на светот“ . На истата локација, од 1 до 3 октомври ќе се одвива едукативно-работен процес под наслов ,,Лабораторија за перформативно-просторни практики: Градот како сцена”.
Годинава на АКТО гостува реномираниот архитект, сценограф и водечки теоретичар во областа на сценската архитектура и дизајн, професор Радивоје Динуловиќ (SCEN, Нови Сад), кој на 1 октомври ќе одржи јавно предавање на Архитектонскиот факултет.
Во рамки на АКТО, на 2 октомври во Сули-ан се отвора традиционалната, дваесетта по ред изложба на финалистите на престижната награда ДЕНЕС 2026 за млад/а визуел(е)н/а уметник/чка до 35 години.
Програмата ќе биде заокружена на 4 октомври, со целодневен завршен настан „Бистро на еден ден“, во дворот на Железничката зграда. Настанот е конципиран како интервенција во јавен простор која опфаќа детска ликовна работилница, музичка програма, перформативно готвење и претставување на локални креативни иницијативи и издавачи.
Проектот 21. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, како и преку проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд. Настанот XX ДЕНЕС награда 2026 е финансиски поддржан од Trust For Mutual Understanding, Њујорк.

